Mакедонија – Бугарија – ЕУ (3)

Консензус за решение со Бугарија, референдум не е потребен

Доколку се дојде до решение за тргање на бугарското вето за датум за преговори со ЕУ, аналитичарите и партиите на Албанците сметаат дека доволно ќе биде зелено светло да даде Собранието на Македонија. Тие сметаат дека не би требало да се организира референдумско изјаснување, додека пак, од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ се воздржани за прашањето дали треба народот да се праша.

Партиите во рамки на албанскиот политички блок, но и аналитичарите, сметаат дека за евентуално решение на спорот со Бугарија кое би овозможило Софија да го тргне ветото за датум за преговори со ЕУ на Македонија (во кој пакет е и Албанија), доволно е зелено светло да се добие со политички консензус и изјаснување во Собранието. Од Владата и ВМРО-ДПМНЕ се воздржани по ова прашање.

Новиот пристап и енергија во преговорите со Бугарија од нашите сојузници е оценет како правилен по кој треба да се продолжи до изнаоѓање решение, ќе рече на крајот од Минхенската безбедносна конференција премиерот Димитар Ковачевски сублимирајќи ги впечатоците од разговорите што ги имал на маргините од собирот каде главната тема беше безбедноста на континентот. Слични оценки тогаш изнесе и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Од претседателот Стево Пендаровски можевме да слушнеме повоздржани оценки по кусото видување со бугарскиот премиер Кирил Петков. За решение кое ќе биде претставено во Брисел зборуваше Петков.

Премиерите Ковачевски и Петков со државниот секретар на САД Блинкен

Македонската евроинтеграција по долги години кон ЕУ движејќи се по тешката траса од Атина, патувањето го продолжува по острите свиоци и угорнини од Софија. А, западната поддршка, како и претходно, така и сега, не значи вршење изразит директен притисок врз бугарската влада, туку поттик Скопје и Софија самите да дојдат до решението, по што никого во ЕУ нема да го боли главата. Како што велат дипломатите, кога две земји преговараат решението што ќе го постигнат, ако не тангира трета страна, нема зошто да не е прифатливо.

Но, најжешкиот дел од костенот е во Македонија, кога се има предвид дека Бугарија е во ЕУ, а има барања кои допираат идентитетски столбови на македонскиот народ и држава. Можно ли е ли да се најде решение, а тоа да биде прифатено од политичките сили и од јавноста? Или, долготрајно жешките политички односи, особено на релацијата власт – ВМРО-ДПМНЕ, ќе тргнат во уште понеповолен правец.

Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ одеа од барање за целосен прекин на преговорите со Софија поради наметнувањето на идентитетски прашања за македонскиот народ, до повик за обединување врз заедничка национална платформа, како што тоа го рече неодамна лидерот Христијан Мицкоски, но притоа фрлајќи дополнително тежок камен во веќе разбрануваната вода, оценувајќи дека премиерот Ковачевски наместо во коалиција со народот, е во коалиција со Бугарија. Од СДСМ возвратија дека тој сѐ уште се затскрива поради криминалот на партијата докажан со признанијата за вина на негови сопартијци за изборни измами во предметот започнат од Специјалното јавно обвинителство „Титаник“. „Со ладна глава да ги надминеме пречките“, порачаа од СДСМ што можеше и да се прочита како покана за разговори, нешто што подоцна и условно беше одбиено од лидерот на СДСМ и премиер Ковачевски „доколку Мицкоски сака да тоа да биде средба за предвремени избори“.

Засега нема вистински внатрешен политички дијалог за начинот како да се реши спорот наметнат од Бугарија со што би се тргнало ветото за ЕУ.

За разлика од македонската опозиција, партиите на Албанците, се чини се воздржани во поглед на нудење рецепти за можно решение со Бугарија иако, по веќе реализираното НАТО членство, ЕУ е вториот столб во програмите на овие партии. Официјална Албанија пак, и самата блокирана идниректно од Бугарија, бидејќи е во „датумски ЕУ пакет“ со Македонија, е коректна, но и не бара земјата да биде одвоена од Македонија, што беше кажано и во Скопје од страна на премиерот Еди Рама.

Али Ахмети и Еди Рама во Тирана

Делегација на ДУИ на чело со лидерот Али Ахмети минатата недела беше во посета на Тирана, а една од точките за разговори беа и македонските преговори со Софија. Во првичното соопштение, немаше детали. Дали беше тоа средба само за меѓусебно информирање за моментот во кој се наоѓаат двете земји, или нешто повеќе од тоа, останува недоволно познато. 

Кога говори за можно решение на спорот, министерот за надворешни работи Бујар Османи секогаш потенцира дека проблемот е многу сензитивен и за Македонија и за Бугарија. А, во односите внатре во Македонија темата е така сензитивна што се чини дека е и невозможно надуениот балон да не дојде до степен на пукање. А би можел да се издише само врз јасно уверување дека идентитетските точки остануваат недопрени.

Премиерот Ковачевски при првата посета на Софија изјави дека вметнувањето во Уставот на Бугарите кои живеат во Македонија може да се реши кога Уставот неминовно ќе мора да се отвори при добивање на членство во Унијата заради прилагодување на домашното со европското законодавство. Софија пак, бара тоа сега да се направи. И тоа е прашање кое веќе ги буричка политичките страсти во земјава.

Во критиките на дел од партиите, а особено од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се истакнува дека парламентот не се информира за текот на преговорите и дека граѓаните имаат право да знаат за што преговара власта и дали се подготвува уште едно, како што велат од партијата на Мицкоски, понижување по Преспа, овојпат директно врз идентитетот на македонскиот народ.

Дали тоа може да значи дека се подтотвува стратегија да се бара изјаснување на граѓаните преку референдум? Пред постигнувањето на Преспанскиот договор тогашниот премиер Зоран Заев често пати најавуваше дека народот ќе биде прашан. И навистина, беше организиран референдум. За тоа каков беше ставот на опозицијата во однос на неговото организирање, а како потоа резултатите од тој референдум беа толкувани од власта и од опозицијата веројатно останува и натаму да се спорат ставовите.

За разлика од преговорите со Грција, овојпат за такво прашање се чини не е расположена да разговара ниту најголемата македонска опозициска партија, ниту пак, Владата предводена од СДСМ,

Побаравме одговор од ВМРО-ДПМНЕ дали ќе бара граѓаните преку референдумско изјаснување да го кажат својот став за евентуален договор кој ќе овозможи добивање на датум за преговори со ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не добивме ниту една реченица. Дали се затечени од прашањето, дали уште се анализира таква можност, или е направен распоред на картите кој не се открива? Деновиве лидерот на партијата Христијан Мицкоски во контекст на евентуално постигнување на договор и најавите особено од софиска страна дека тој договорот би бил претставен во Брисел, изјави дека треба да се бараат гаранции од Брисел за јазикот, специфичноста на македонскиот народ и дека повеќе Македонија нема да биде блокирана кон ЕУ.

ДУИ, како и Османи, министер од нивните редови, остануваат воздржани за изјави од таков тип.

И Владата ја прашавме дали се размислува за евентуален договор со Бугарија да го праша народот преку референдум, со потпрашање дали тој би бил обврзувачки или консултативен и, прашавме дали пред евентуално постигнатиот договор ќе се побара одобрување од Собранието. Добивме доста опширен одговор, но дали и појасна „слика“?

Портпаролите на Владата

„Владата со целиот свој капацитет е насочена кон решение на отворените прашања со Република Бугарија. Работните групи од двете држави работат според утврдениот план и тоа е начин преку целосна посветеност да се одржува динамиката во процесот. Ставот на Владата е јасен и повеќе пати кажан - дека тогаш кога ќе се постигнат решенија прифатливи за двете страни, ќе бидат презентирани пред надлежните институции.
Нашите позиции се кристално чисти и јасни и од тоа не отстапуваме. Впрочем тие позиции заеднички ги потврдија сите политички партии во Собранието.
Граѓаните треба да се убедени дека Владата работи на решение коешто ќе биде во интерес на сите. Силно веруваме дека искрениот дијалог е најдобриот и најсигурен начин за успех и  демонстрација на европски манири во регионот“, се вели во одговорот од Владата.

Партиите на Албанците, за разлика од тие во власта, се конкретни за истото прашање. Референдум, според нив, не е решение.

Алтернатива, која од неодамна е во власта, смета дека консезус за ова врвно прашање е најдоброто нешто што треба да ѝ се случи на земјава и таа да ја продолжи евроинтеграцијата и дека е најдобро да мине без уставни измени.

„Ако успееме да дојдеме до таа севкупна согласност и ако таквиот договор не подразбира длабоки законски или уставни измени, за кои е потребно двотретинско мнозинство, не гледам причина зошто би требало да имаме референдум. Ако има консензус меѓу повеќето политички партии кои би достигнале до две третини од мнозинството во нашето Собрание, тоа истовремено ќе значи и дека повеќето граѓани на евентуален референдум би гласале исто како и нивните избраници во Собранието. Како и да е, ние се залагаме тој спор да се реши што побргу и да се изведе без потреба на референдум или уставни измени“, ни изјавија во Алтернатива.

 

Алијанса за Албанците смета дека уставните измени веројатно ќе бидат неизбежни и тоа донесени со Бадинтеровото мнозинство.

„Досегашното искуство покажа дека референдумот не е решение за одобрување меѓународни договори. Но се чини дека договорот со Бугарија ќе треба да се спроведе преку уставни измени, што значи двојно мнозинство од две третини и мнозинство во албанскиот блок“, вели Арбен Фетаи, раководител на секторот за надворешна политика во Алијанса за Албанците.

Фетаи забележува дека во врска со Договорот за добрососедство/пријателство со Бугарија нашата власт не успеа да креира државен консензус за решавање на спорот.

Арбен Фетаи

„Додека бугарскиот парламент беше директно вклучен во процесот и донесе резолуција со широка парламентарна поддршка, власта на СДСМ и ДУИ избра спротивен пристап: оној на нетранспарентност, тајност и изоставување на опозицијата и на Собранието“, нагласува Фетаи.

Движењето Беса смета дека е непотребно да се оди по патот на референдумско одобрување на евентуалното решение за отстранување на бугарското вето.

„120-те пратеници во Собранието се претставници на граѓаните. Доколку се постигне консензус меѓу власта и опозицијата тоа е и рефлексија на ставот на граѓаните. Затоа е многу битен поширок консензус за ова прашање за да се избегнат дополнителни чекори за евентуален референдум“, ни изјавија во Беса.

Беса смета дека Собранието не смее да биде заобиколено и во оваа сегашна фаза и дека голема одговорност има власта.

„За жал, за детали околу преговорите не сме информирани како политичка партија и мислиме дека треба ова прашање да се отвори на ниво на парламентарни политички партии за да се има поширок консензус и придонес за тоа како би изгледало евентуалното решение. Доколу ваквите информации се држат како ексклузивност на Владата, целата одговорност паѓа врз нив“, предупредуваaт од Беса.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета не е потребен референдум, особено не ако станува збор за една фаза од преговорите, со која ќе се добие датум за ЕУ. Секако вели, во парламентот треба да се разговара и да се носат потребните одлуки.

Алберт Муслиу

„Преку парламентот мора да помине секое решение. Ако станува збор за меѓународен договор тој ќе мора да се ратификува, но во овој случај можеби  ќе стане збор само за анески на постоечки договор. Ако се потребни уставни измени, на пример за евентуалното прашање на вметнувањето на Бугарите во Уставот, тогаш секако главниот збор ќе го има парламентот и тоа со двотретинско мнозинство. Како до тоа да се дојде? Тешко, но не и неизводливо, ако се постигне претходен политички консензус“, ни изјави Муслиу.

Политичкиот аналитичар и публицист Махи Несими оценува дека референдумското изјаснување би било највисоконапонско решение и би било одраз на неспособна политика.

„Ако постои согласност помеѓу македонските политички партии тогаш не постои никаква потреба од референдум. Доколу не постои согласност тогаш може да се размисли за референдум. Сепак, проблемот е тешко да се реши со референдум бидејќи таквите сложени проблеми кои задираат во националниот идентитет или јазикот не може да се решат со референдум“, ни изјави Несими.

Тој особено нагласува дека прашањето е преважно за да не успеат партиите да дојдат до консензус доколку биде постигната согласност за решение помеѓу Скопје и Софија и гледа една битна нијасна.

Махи Несими

„Да бидам сосема отворен и одговорен. Договорот, во овој случај, е од капитално значење за македонскиот народ. Оттука, консензусот треба да биде резултат на согласноста и заедичкиот став изграден помеѓу македонските политички партии. Тие треба да одлучат и дали треба да биде усвоен и во Собранието. Притоа, треба да постои договор и со бугарската страна дали кај нив ќе оди на одобрување во Собранието или не“, нагласи Несими.

 

Панта Џамбазоски

(Продолжува)

Грешките се кај политичарите кои се затскриваат зад историчарите и нивните „полувистини-полулаги“ (1)

Дичев: Со добра волја до договори за надминување на еден глупав конфликт (2)


(Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.)

Објавено

Петок, Март 11, 2022 - 09:01

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе