Собрание

Koмисија за европски прашања: 40 амандмани предлог законот за јавно обвинителство

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби денеска ја отвори седницата на која ќе се расправа по предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.

Груби соопшти дека се поднесени повеќе од 40 амандмани на предлог-законот, од кои околу 20 од ВМРО-ДПМНЕ, 16 од СДСМ и коалицијата, 10 од ДУИ и три од пратеничката Сурија Рашити.

Веднаш по отворањето на седницата, Груби даде пауза за членовите на Комисијата да можат да ги разгледаат амандманите. Тој најави дека расправата во Комисијата за европски прашања за предлог-законот за јавно обвинителство може да трае најмногу два работни дена.

 Собранието во вторникот одлучи предлог законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Истиот ден Груби ја закажа седницата на Комисијата за европски прашања за денеска.

Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за Советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Министерката за правда образложувајќи ги причините зошто се предлага овој закон да се донесе по скратена постапка, изрази надеж дека сите политички партии ќе смогнат сили да гласаат за овој закон со кој ќе продолжат постапките почнати од Специјалното јавно обвинителство.

Во изјава за медиумите дадена по изгласувањето на потребата од донесување на овој закон по скратена постапка, Дескоска повтори дека главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите што ги води СЈО.

„Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Сепцијалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската Унија“, изјави Дескоска. Таа најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за предлог-законот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Пратеникот Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ побара од министерката за правда да поднесе оставка. По изгласувањето на одлуката предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка, Милошоски во собраниската прес-сала изјави дека во мандатот на Дескоска има најголем политички и судски скандал.

Според него, се злоупотребува европското знаменце за да се донесе предлог-законот за јавно обвинителство. Сепак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во амандманската расправа по предложеното законско решение. Повтори дека судските процеси на СЈО треба да продолжат, но оти како партија сметаат дека треба да се почитува постоечкиот закон на СЈО каде, како што рече, пишува дека мандантот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалната обвинителка. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.

Со предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителствоза гонење организиран криминал и висока корупција.

Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.

Во однос на јавниот обвинител кој раководи со СЈО, се наведува, по завршувањето на мандатот се применува член 68 ставот (4) од овој закон (Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока  корупција кој нема да биде повторно избран, Советот на јавни обвинители на РСМ го распоредува за јавен обвинител во Јавното обвинителство).

Инаку, Советот за јавни обвинители, денеска ја почна постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментов е во притвор во затворот Скопје за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Воедно, јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој се избрани, а јавните обвинители во СЈО до истекот на петте години од денот на нивниот избор.

Со денот на отпочнување на примената на овој закон, вработените во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и вработените во СЈО се прераспоредуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција на соодветни работни места согласно со нивните претходно стекнати звања и работни места. Истото се однесува и за истражителите што се доделени на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и на Јавниот обвинител на СЈО кои продолжуваат да ги вршат своите активности во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а архивата, материјалните средства и опремата кои ги користи и поседуваат ОЈО за организиран криминал и корупција и СЈО, исто така преминуваат како материјални средства и опрема на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција со право да ги користи и да располага со нив.

Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември годинава.

МИА

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе