Тркалезна маса во Европскиот парламент во Брисел

Комесарот за проширување Вархеи со порака: Одлука за преговори со Северна Македонија да се донесе во март

Нашата заложба за европската перспектива на земјите од Западен Балкан е непроменета, а тоа е отворање на преговорите за членство за Северна Македонија и за Албанија пред самитот во Загреб, порача денеска новиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.

„Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од земјата, па и повеќе отколку што треба. И покрај разочарувањето во земјата од одлуката на Европскиот совет во октомври земјата продолжи со реформите“, рече Вархеи на денешната тркалезна маса за проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Западен Балкан што се одржа во Европскиот парламент.

Доколку се прифати барањето на Комесарот Вархеи, тоа значи дека одлуката за Македонија би се донела на мартовскиот самит на Унијата, бидејќи секако треба да добие зелено светло од Советот. 

На тркалезната маса што ја отвори претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, Вархеи уште порача дека ЕУ треба да биде подинамична во однос на проширувањето и го повтори ставот дека во октомври на Самитот на Унијата се случила драматична грешка.

Речиси идентичен став имаа сите учесници на дискусијата во Европскиот парламент. 

Грчкиот европратеник Димитриос Пападимулис рече дека одлуката на Советот била голема политичка и историска грешка и дека сега е важно да има иницијатива на Европскиот парламент за што побрзо да се поправи таа, како што ја нарече, „грешка на ЕУ како целина“. 

„ЕУ треба да ги почитува критериумите што самата ги постави, што значи интеграција според заслугите. Северна Македонија направи огромен чекор напред, особено со Договорот од Преспа. Ги направи неопходните реформи и досега веќе требаше да ги почне преговорите. Одлагањето на почетокот на преговори е лоша порака и за земјата и за целиот регион и сите го знаат тоа. Го немаме тој луксуз да го одлагаме датумот за преговори“, изјави Пападимулис. 

Тој додаде дека треба да се разговара за францускиот нон-пејпер, но не треба да се заборави дека Западен Балкан останува „кршлив регион“ и дека се става под ризик демократијата. 

„Советот не треба да чека до мај за да донесе одлука за преговори. Во меѓувреме, Европската комисија треба да работи на подобрување на општиот имиџ на Унијата во регионот, а Европскиот парламент треба да ги искористи сите можни иницијативи да им се помогне на Северна Македонија и на Албанија да направат исчекор во евроинтеграцијата“, порача грчкиот европратеник. 

На денешната тркалезна маса учествуваа и парламентарци од земјите од Западен Балкан, вклучувајќи пратеници и од македонскиот Парламент. Во името на македонските парламентарци говореше пратеникот Бетиане Китев, според кого во парламентот постои консензус околу ЕУ интеграцијата.

„Сигналот во октомври беше ужасен геополитички сигнал, а сметаме дека до Самитот во Загреб има доволно време таа грешка да се исправи“, изјави Китев. 

Жана П. Божиновска од Брисел 

 

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе