Со пре(до)говорите со Грција и Бугарија (1)

Колку поблиску до ЕУ, толку подалеку од македонското малцинство

Многу хартија е потрошена во Обединетите нации во Комисијата за човекови права на Светската организација, и во Судот во Стразбур, во Советот на Европа, попусти беа и заложбите на хелсиншките комитети во Бугарија и во Грција, кои носат одлуки, наложуваат, бараат, апелираат, се залагаат со цел македонското малцинство во овие земји да биде признаено, да ги ужива националните, односно основните човекови права, Македонците да имаат право да го изразуваат своето чувство, да имаат право на здружување заради негување на своите национални и културни вредности, да имаат право на образование на мајчин јазик, да учествуваат во политичкиот и севкупниот општествен живот на земјите во кои живеат, да не се прогонувани и дискриминирани поради своето чувство за припадност...

Софија

Македонското малцинство ја има поддршката од прогресивните организации и поединци во Бугарија и Грција, но режимите на овие две држави не попуштаат. Тие упорно негираат постоење на македонско малцинство, а во таа политика одат до таму што не сакаат признавање ниту на македонски државен идентитет врз база на самоопределување. Еднаш тоа резултира со промена на името на македонската држава, сега се оди до таму што се бара Македонија да се „самоопредели" дека нејзиниот македонски народ и јазик се со туѓ корен. Зошто признавањето на македонското малцинство во Бугарија и Грција е толку голем проблем, се работи ли за страв за својот територијален интегритет или се остава простор за освојувачки прекројувања на границите?

Со секој преговарачки чекор на Македонија со соседите, се раѓаат нови искушенија за владиниот врв. Кога се направи отстапка пред Грција со промената на уставното име на нашата држава за да се отвори вратата на воениот сојуз НАТО, Македонија и формално се откажа од македонското малцинство што живее кај јужниот сосед. Со договорот од Преспа официјално Скопје не тврди дека во Грција живее македонско малцинство ниту дека го има во етничките граници на Егејска Македонија, ниту пак потоа покажа грижа пред меѓународните институции. Според Преспанскиот договор, во Грција, односно во нејзиниот северен дел, постојат само Македонци со грчко потекло, кои го зборуваат грчкиот јазик. Не и Македонци со словенско потекло и со мајчин македонски јазик.

И според Договорот за пријателство со Бугарија, прецизиран минатата година со Декларација на бугарскиот парламент (во која се вели дека македонската страна „...нема историски и демографски основи да бара статус на малцинство за која било група граѓани на Република Бугарија. Да не се инструментализираат форматите и мониторинг-извештаите на Советот на Европа за притисок врз Бугарија за овие прашања поврзани со правата на лицата припадници на малцинските групи"), нема македонското малцинство во оваа земја, кое пак реално доминира во Пиринска Македонија, односно во тој дел од етничките граници на Македонија.

Деновиве пак, кога македонската влада настојува да добие почеток на преговори со Европската Унија, ризикот е уште поголем од веќе направената отстапка во поглед на македонското малцинство кај источниот сосед, а тоа е опасноста на македонскиот јазик и идентитет да му се закачи „бугарски корен". Тоа би значело обезличен идентитет на државата Македонија, идентитет со туѓ корен.

Премиерот Зоран Заев неделaва, ден по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, пред македонските новинари изјави дека е можно Македонија да не добие сега датум за почеток на преговорите со ЕУ, поради ставот на Софија, но и нагласи дека македонскиот јазик и идентитет се како планина и дека за некои работи не може да има отстапки. Продолжуваат разговорите за наоѓање решение што ќе значи почеток на поблиска интеграција во ЕУ.

Како живее непризнаеното македонско малцинство во Бугарија и како се бори за своите национални права, во услови кога формално останува без поддршка од Македонија, го прашавме Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден Пирин, организација на Македонците во Бугарија, чија заложба е Македонците во оваа земја да бидат признаени како малцинство и да ги имаат сите човекови и национални права согласно со Декларацијата на ОН за правата на малцинствата.

„Ние како Македонци воопшто не сме обесхрабрени од овие разговори меѓу владите на двете земји, ниту бевме со паднат дух по потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу Софија и Скопје, ниту пак и претходно, по потпишувањето на Договорот од Преспа со Атина, кој беше првиот голем чекор кон откажувањето од нас Македонците. Зошто? Па затоа што ние како македонска заедница, како Македонци во Бугарија, не сме имале поддршка од ниту една влада на Република Македонија. Ништо не сторија за наше признавање како малцинство. Бевме сами во нашата борба и остануваме сами овде во Бугарија. Но, се разбира, ќе продолжиме да соработуваме со институции во рамките на ЕУ и во светот, како и со прогресивни организации и поединци на меѓународен план, кои ја знаат нашата состојба и се залагаат за нас. Заедно ќе продолжиме да вршиме притисок кон Софија, а тие ќе лобираат на меѓународен план конечно, во ова парче од Европа, за чудо дел од Унијата, да се почитуваат нашите малцински права", вели Стојков во изјава за МКД.мк.

Стојков оценува дека Бугарија сега сака, со моќта како членка на ЕУ и инспирирана од Преспанскиот договор, да настапи ригидно на своите стари позиции кон Македонија, која е земја аспирант за интеграција, и да го оствари некогашниот сон - да го исече македонскиот корен и на македонскиот народ да му накалеми бугарски корен. Има тука и скриен страв на Софија, вели тој.

„Софија смета дека доколку Македонија еден ден стане членка на Европската Унија, дека тогаш ќе може низ институциите на Унијата да го покрене прашањето за признавање на македонското малцинство во Бугарија и да бара почитување на правата според европските стандарди и документите на ОН.

Затоа, ако Софија успее со притисок да издејствува македонската влада да се откаже од идентитетските точки, тогаш и кога еден ден Македонија ќе стане рамноправна членка на ЕУ, беспредметни ќе бидат барањата за признавање македонско малцинство – бидејќи коренот ќе го нема", вели Стојков.

Тој потсетува дека Софија страхувала во времето на СФРЈ, особено во педесеттите години, дека помоќниот Белград ќе наметне да се признае културна автономија на Македонците во Бугарија, а дека потоа, според резултатите од пописите на населението, бидејќи доминирале Македонците во Пиринскиот дел, ќе бара и република, како чекор кон припојување на пиринскиот кон вардарскиот дел на Македонија.

Стојков не сака подлабоко да ги коментира потезите на македонската влада, но истакнува дека „бугарските политички сили и институции се согласни со стратегијата на Софија бидејќи сметаат дека станува збор за фундаментално прашање на државата".

На крајот, Стојков предлага да анализираме зошто Софија троши толку енергија и пари во активности низ Албанија чија цел е македонското малцинство таму да прифати бугарско чувство. Ако во Албанија не живеат Македонци, туку Бугари, доказ повеќе дека не постои македонски народ. А ако, пак, македонската влада се откаже од македонски идентитет, тогаш ќе биде попусто да се тврди дека во Албанија живеат Македонци. Па дури ни во Србија. Едноставно е, вели Стојков.

Инаку, минатиот месец премиерот Заев во Владата прими делегација од тројца пратеници на Народното собрание на Албанија, од кои еден е припадник на македонското малцинство кај западниот сосед - Васил Стерјовски, инаку првиот пратеник од партијата Македонска алијанса за европска интеграција. На крајот од кусото владино соопштение за разговорите на оваа средба беше напишано: „Исто така е истакната грижата за етничките заедници во државите, како мост и потврда на искреното пријателство меѓу двете држави".

(Продолжува)                                                         

П. Џамбазоски

Можно ли е пријателство без признавање на македонски народ? (2)

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе