Маѓар во вторникот објави снимка од разговор со Варга, неговата тогашна сопруга и министерка за правда, во која таа детално го опиша наводниот обид на помошникот на шефот на кабинет на Орбан да ги измени документите во еден случај, пренесува Ројтерс.
Главниот обвинител Пал Фурхт на брифингот изјави дека обвинителите ја задржале и ја оцениле аудио снимката на Маѓар како дел од неговиот исказ како сведок и дека е во тек истрага за можно „непријавување поткуп“ и додаде дека Варга била сослушанa вчера.
Петер Маѓар е адвокат кој порано бил близок до власта. Тој планира да основа нова партија која ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан. Илјадници луѓе протестираа пред парламентот во Будимпешта во вторникот барајќи Орбан да поднесе оставка, откако Маѓар објави аудио снимка на својата Фејсбук страница.
Обвинителот Фурхт рече дека уште еден сведок ќе биде сослушан денеска, но одби да го именува или да даде какви било детали за тоа што изјавила Варга.
Истрагата доаѓа во политички чувствителен период за Орбан, пред изборите за Европскиот парламент во јуни и по скандалот со помилување на човек осуден за прикривање злосторства извршени од сексуален насилник во дом за деца, по што двајца негови клучни сојузници минатиот месец поднесoa оставка, поранешната претседателка Каталин Новак и Јудит Варга.