Случај „Рекет“

Кој се плаши од Катица Јанева?

Според аудиоснимките објавени од италијанскиот медиум Верита за случајот „Рекет“ може повеќе од сигурно да се каже дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е длабоко замешана во овој случај. Тоа очигледно на сите им е јасно, ама не им е јасно што сѐ може друго Јанева да отвори. Дали политичкиот проект „основање Специјално јавно обвинителство“ бил следен и со политички пазарења меѓу шефицата на СЈО и премиерот Зоран Заев?

Неразбирливото и недозволено чекање на Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, во случајот со одолжувањето на одлуката за приведување или повикување на распит на Катица Јанева, само ги подгрева сомневањата дека е во тек некакво пазарење. Пазарења кој како да се спаси, кој да биде жртвата или да се оди до крај. Заканата на Јанева пред колегиумот на СЈО дека ако падне таа, ќе паднат сите со неа, доволно кажува за сето она што се случува зад завесата.

Неофицијално, една од главните закани на Јанева е откривањето на сите детали околу договорот со власта за тоа кој од поранешната власт да биде на списокот на предметите на СЈО, а кој да биде поштеден. Освен тоа, очигледно е дека Јанева има што да каже и за други бизнисмени, со кои, преку Боки 13 била во некаков договор. Кој друг знае кој и колку платил за спас?

Освен овие дилеми, евентуалното ставање на Јанева на списокот на осомничени или обвинети во случајот „Рекет“ или нејзино приведување го отвора и прашањето за тоа кој ќе биде нејзин заменик. Што ако биде одреден притвор, кој ќе раководи со СЈО? Според Законот за СЈО, Јанева е речиси недопирлива.

Според законот, обвинителите во СЈО ѝ се помошници на Јанева и самостојно не можат да решаваат за отворање или затворање предистраги, истраги или подигнување обвиненија. Тие ги имаат овластувањата од Јанева за досега отворените предмети, но го немаат овластувањето за подигнување обвинение за истрагите што се водат.

И замениците на шефицата на СЈО, назначени од Јанева (Елизабета Јосифовска и Ленче Ристовска), според Законот за СЈО, не можат во целост да ја заменат функцијата прв човек на обвинителството. Тие имаат ограничени овластувања. Нема одредба што вели дека ако се повлече или ако биде разрешена Јанева, замениците по автоматизам ја заземаат нејзината позиција.

Советот на јавни обвинители може да предложи разрешување на Јанева поради несовесно, нестручно и незаконито вршење на функцијата, а потоа тој предлог оди на двотретинска верификација во Собранието.

Во размислувањата за тоа кој и како да се назначи за нов шеф се оди дури и дотаму дека тоа треба да го сторат четирите политички партии што и се договориле за основање на СЈО и потоа со двотретинско мнозинство во Собранието да се избере, па и да се потврди од Советот на јавни обвинители.

Јанева минатиот месец соопшти дека поднесува оставка, која ќе се ефектуира по решавањето на статусот на СЈО. Оставката Јанева ја најави истиот ден кога беа уапсени Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец, засега единствените осомничени во случајот „Рекет“. До денеска Јанева формално ја нема поднесено оставката до Советот на јавни обвинители.

Во тек е расправата за предлог-законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува соединување на обвинителството за гонење организиран криминал и СЈО, што би било можеби и најлогичното решение за оваа ситуација. Но преговорите за овој предлог-закон се во тек и тешко оди усогласувањето на партиските ставови и обезбедувањето двотретинско мнозинство за негово изгласување.

Експертите велат дека во ова меѓувреме предметите на СЈО нема зошто да прекинат, дека тие се водат од обвинители овластени од актуелната шефица на СЈО.

Во членот 14 од Законот за СЈО пишува дека „јавните обвинители во Специјалното јавно обвинителство немаат право да носат одлуки за спроведување и запирање на истражна постапка, подигање и откажување од обвинение и решенија за отфрлање на кривичните пријави, а имаат право да носат други одлуки во врска со предметите и да застапуваат пред надлежните судови“.

Ова значи дека нема никаков проблем во однос на предметите за кои веќе се водат судски рочишта, но има ограничувања во однос на постапките, на истрагите што се во тек.

Во Законот пишува дека „на специјалниот јавен обвинител мандатот може да му престане по сопствено барање, ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител, ако ги исполни условите за старосна пензија, ако е избран или именуван на друга јавна функција или ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеци или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функција јавен обвинител“.

Доколку по која било основа нејзе ѝ престане мандатот, тоа треба да го констатира Советот на јавни обвинители, кој треба веднаш да назначи вршител на должност од обвинителите вработени во СЈО.

Дел од обвинетите во предметите на СЈО веќе побараа од судот да се одложат рочиштата додека не се расчисти случајот „Рекет“ и да се утврди која била улогата на Катица Јанева, но судот ги одби.

А.Д.

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе