Предизборни тактики

Кој ќе го трча градоначалничкиот натпревар, од партиите дозирани информации

Сите партии што претендираат да ги раководат општините засега официјално и неофицијално објавуваат само мал број имиња на можни кандидати. Од средината на месецов се очекува јавноста да дознае одреден број од кандидатите на големите партии што ќе бидат и дефинитивно избрани да го трчаат градоначалничкиот натпревар. Интересно ќе биде кого опозицијата ќе ѝ спротивстави на власта за избор на градоначалник на Скопје, имајќи предвид дека СДСМ тука веќе ја гледа добитната комбинација со поддршка од ДУИ, ДПА и симпатизерите на БЕСА. Опозицискиот блок на Албанците за добитна комбинација ја гледа општината Чаир, но и Гостивар и уште неколку општини. ВМРО-ДПМНЕ има дефинирано 15-тина имиња.

Демократската унија за интеграција засега ги крие адутите за претстојните локални избори. Шефот на пратеничката група Арбр Адеми очекува дека на есенските локални избори Демократската унија за интеграција ќе освои повеќе општини отколку што има во моментов.

Неделава лидерот на партијата Aли Ахмети треба да одржи средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, на која треба да биде утврдена предизборна соработка. На последниот брифинг на СДСМ, шефот на изборниот штаб Љупчо Николовски рече дека кандидатот на партијата за градоначалник на Скопје ќе биде поддржан од ДУИ и од ДПА. И тоа треба да биде добитна комбинација. ДУИ на тој принцип, но изгледа во вториот изборен круг очекува да ги добие поголемите општини со мнозинско албанско население. Сепак, последниот збор, како што и обично се случува, ќе го имаат лидерите Заев и Ахмети.

„За точниот датум на средбата на лидерите на СДСМ и ДУИ медиумите ќе бидат информирани“, изјави за МКД.мк портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

СДСМ ќе им даде евентуална поддршка на кандидатите на ДУИ во вториот изборен круг во оние општини каде што доминира албанско гласачко тело. Во некои од општините, како на пример во Струга и во Гостивар, СДСМ ќе има свои кандидати, а во некои, како на пример во Тетово, ќе оди со кандидати на БЕСА, коалициски партнер во парламентарните избори. Доколку нивните кандидати не го поминат првиот круг, ДУИ очекува поддршка од СДСМ, што може да биде проблематично за општиот рејтинг на партијата, особено кога станува збор за Струга, каде што актуелниот градоначалник Рамиз Мерко планира нов мандат. Токму во Струга на последните локални избори Мерко ја однесе победата со само осумдесетина гласа повеќе од кандидатот на СДСМ.

Интересно е што актуелните градоначалници бараат нов мандат. Во СДСМ велат дека ниеден од градоначалниците не кажал дека не сака повеќе да биде на таа функција. Мнозинството од нив веќе поднеле кандидатури. Сепак, ниедно име не е објавено како дефинитивна одлука за кандидат на СДСМ, со објаснување дека врз база на самокандидатури поднесени на јавен оглас, каде што доминираат личности што не се членови на партијата, има голем број пријави на партиски кадри преку општинските организации. Првите имиња, кои ќе бидат конечна одлука на Извршниот одбор на СДСМ, ќе бидат објавени на 13 јули, отприлика за 20 општини, а останатите до крајот на август.

Покрај актуелните градоначалници, на огласот на СДСМ или врз база на предлози од основните организации, кандидирани се и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, Горан Козарев и Никола Бабовски за Битола, во Прилеп најчесто членството го предлагало директорот на Царина, Горан Сугарески, во Карпош директорот на Водовод, Душко Весовски и Магдалена Несторовска. Во Аеродром предложени се Александар Филиповски и Александар Бајдевски. Во Центар Емилијан Станковиќ, инфектологот Милена Стефановиќ и Горан Герасимовски. Во Куманово освен градоначалникот Максим Димитриевски меѓу предложените се и Оливер Илиевски и Мартин Костовски. Во Охрид еден од фаворитите е и директорот на болницата Горан Балевски.

Во опозицискиот блок на Албанците послабо протекуваат информации. Лидерот на Алтернатива Африм Гаши во изјава за МКД.мк вели дека на изборите најверојатно ќе се оди како коалиција со Алијанса за Албанците, но дека сѐ уште не се привршени преговорите.

На прашањето дали во некои од општините ќе има соработка со ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се порази ДУИ, Гаши вели дека додека не привршат преговорите со Алијанса, нема да има договор ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак евентуално со СДСМ за можна соработка во некои од општините.

Во Алијанса за Албанците за МКД.мк потврдуваат дека е извесна предизборна коалиција со Алтернатива, а дека е можно потоа да се започнат разговори со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ за евентуална предизборна соработка. Но акцентот се става и на соработка со помали етнички партии, нешто што веќе актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари го најави за градот со кој тој раководи.

Таравари деновиве не ја исклучи можноста за соработка со ВМРО-ДПМНЕ како и со СДСМ; најавувајќи дека ќе се оди и на соработка со две-три македонски партии, како и со партиите на Ромите, Турците и другите етнички заедници. Смета дека е тоа добра формула за победа, бидејќи, според него, фунцкијата градоначалник е битна за сите граѓани и дека не треба да при кандидирањето да се тргнува само од партиската определба.

Во Алијанса за Албанците неофицијално велат дека најверојатно кандидатот за градоначалник на Чаир ќе го предложи Алтернатива, а дека Алијанса, покрај во Гостивар, извесно е дека ќе предложи кандидати за Врапчиште и Боговиње, со други зборови, во овие три општини за нов мандат ќе се борат актуелните градоначалници.

Но, тактиката ќе биде во дел од општините да се предложат непартиски кандидати, луѓе со углед меѓу населението, образовани и успешни во работата. Таков кандидат најверојатно ќе биде предложен во Теарце, а во дел од општините и Албанци од дијаспората, кои се успешни и кои имаат деловни и други врски и со Македонија и со земјата во која моментално живеат. Дефинитивните одлуки ќе бидат донесени во периодот од 15 јули до 15 август.

Досега само ДПА започна да ги формализира кандидатури за некои општини, па така веќе е дефинирано дека во Тетово ќе настапи со поранешниот градоначалник Сади Беџети, во Студеничани со сегашниот градоначалник Азем Садику, во Чаир со Мисин Градинај и во Општина Липково со Бурхан Мурати.

ВМРО-ДПМНЕ дел своите кандидати ќе ги објави на средината од месецот.
„За локалните избори веќе имаме дефинирано петнаесетина имиња, уште толку до средина на јули очекуваме да бидат дефинирани како најсериозни каднидати, а конечно сите кандидати ќе ги објавиме во септември", кажа неодамна лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека сериозно се разгледува можноста поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски да биде нивниот кандидат.

Што се однесува до предизборни коалиции и соработка, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вели дека има две сценарија за соработка со албанскиот блок: целосна предизборна коалиција уште од прв круг или комбинирана – во двата круга да имаат и самостојни и заеднички кандидати, но како што неодамна изјави, врз принципот на понуда на кандидати и програми за работа во општините.

П.Џ.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе