По средбата на шефовите на дипломатиите

Коѕијас: Компромис со северната пријателска земја, Димитров: Тешко прифатлив е предлогот за споено име

Коѕијас неколку пати повтори „северната пријателска земја“, а Димитров отворено кажа дека тешко е дека некој ќе се сложи со споено име, на пример Горнамакедонија.

„Зборувате за чесен компромис што ќе ги задоволи и двете страни. Што е за Вас чесно решение на проблемот? Ако инсистирате на промена на Уставот, тоа не изгледа воопшто чесно за македонскиот народ. Ако инсистирате за едно име, во еден збор, споено и непреведено, исто така не изгледа чесно за сите граѓани на Македонија, не само за Македонците. Може ли да ни кажете што содржи Вашето чесно решение?“, го праша новинарката на МКД.мк грчкиот министер Никос Коѕијас на денешната прес-конференција.

Министерот одговори дека и дома во семејството правите компромиси, дека двете земји бараат праведен компромис, а „ние имаме сили тоа да го направиме во име на заедничката иднина, развојот и пријателството“.

Кога зборуваме за иднината немаме разлики, но за да стигнеме таму, треба да ја надминеме актуелната разлика, разликата што Грција ја има со името, а тоа не е лесно, ја почна конференцијата за медиуми Никола Димитров.

„Ова е втората вистинска средба на која разговаравме за суштински елементи. Се работи за деликатно решение за кое треба многу баланс - што е тоа што е важно за Грција, а што е важно за Македонија. Прашањето трае долго, се обидуваме да изградиме доверба, но мислам дека уште има предрасуди. Се надевам дека Никос ќе потврди дека има вистинска желба, без понижување да најдеме заедничко решение, со отворени врати кон иднината“, рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија потсети дека за една недела ќе имаат уште една средба, овојпат со посредникот на ОН Метју Нимиц, а ако има потреба ќе се организираат и други средби за „да се поместат работите напред“.

Коѕијас се заблагодари за поканата од „северната пријателска земја“ и за исполнетите ветувања за промена на името на аеродромот.

Заеднички се интересот, додаде Коѕијас, иднината, стабилноста и безбедноста на регионот и на нашата северна пријателска земја.

„Знаеме дека милиони луѓе транзитираат меѓу двете земји, дека нашите граѓани од северна Грција им се радуваат на вашите туристи, дека има бизниси, дека има пријателства. Нашите народи се блиски и наша обврска е во иднина да ги донесеме уште поблиску“.

„Многу верувам во нашата заедничка иднина и во соработката за доброто на граѓаните на двете земји и на целиот регион. Ова се чекори што одат во насока на решавање на проблемите за пријателство на двата народа, развојот, стабилноста и безбедноста на регионот. Овие политички пречки мора да се надминат“, рече Коѕијас и се заблагодари на можноста да се сретне со премиерот, со претседателот на Собранието и со лидерите на политичките партии.

По средбата, на денешната конференција за медиуми, шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас не открија многу детали за тоа до каде е решението за проблемот што нашиот јужен сосед го има со уставното име на земјава. Коѕијас неколку пати повтори „северната пријателска земја“, а Димитров отворено кажа дека тешко е дека некој ќе се сложи со споено име, на пример Горнамакедонија.

Димитров потсети дека овој привремен режим во меѓусебните односи е базиран на резолуциите на ОН, на Привремената спогодба и на пресудата на судот во Хаг.

„Но далеку сме од одржливо решение, кое со помош на двете страни ќе биде прифатено од сите. Јас искрено мислам дека иако застапуваме различни гледања, истовремено сме на иста страна бидејќи гледаме заедничка иднина. Тука се води еден вид натпревар меѓу минатото и иднината. Ќе биде многу важно силите што сакаат да ја отворат иднината да победат. Соседи сме и секогаш ќе бидеме соседи. Ова треба многу вешто да го изиграме и да бидеме заедно во ЕУ, каде ШТО ќе споделуваме многу заеднички интереси.“

На прашањето зошто грчката страна инсистира на промена на Уставот кога веќе еден меѓународен договор станува дел од внатрешниот правен поредок, независно од Уставот, Коѕијас вели дека се работи за гаранции.

„Ги земаме предвид искуствата во ЕУ кога одлуките на уставните судови ги менуваат меѓународните договори, како на пример Германија и Спогодбата од Мастрихт. Затоа бараме и уставна промена и тоа е потребно да го разјасниме и да видиме кај ќе завршиме“, рече Коѕијас.

Жана П. Божиновска

Објавено

Петок, Март 23, 2018 - 12:06

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе