По вториот круг од локалните избори

Коалициските партнери не го даваат Заев, премиерот сѐ уште не го известил Собранието за оставката

Лидерите и претставниците на партиите од владината коалиција, по вчерашната средба во Владата со премиерот Зоран Заев, изјавија дека тие бараат Заев да ја повлече оставката затоа што сметаат дека е тоа избрзан потег, дека коалицијата е стабилна и не требаат превремени избори. Во Собранието сѐ уште не пристигнала писмената оставка на Заев од премиерската функција.

Пред средбата во Владата, веднаш по објавувањето на оставката, Заев разговарал и со претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети. Лидерот на ДУИ за ТВ21 изјави дека имал тензичен разговор со Зоран Заев и му рекол дека не се согласува со неговата одлука да даде оставка од премиерската функција.

„Му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Побарав во неговата партија да се разгледа оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована“, изјави Ахмети.

По вчерашната средба со Заев, лидерите и претставниците на ДУИ, Беса, ДПА, ЛДП, ДОМ и НСДП, изјавија дека владиното мнозинство останува, дека треба да се продолжат политиките и дека во овој момент на државата не ѝ требаат предвремени парламентарни избори.

Првиот вицепремиер Артан Груби, како претставник на ДУИ, кажа дека на средбата со Заев сите коалициски партнери дале поддршка на премиерот Заев и политиките на Владата и немало никаков сомневање дека парламентарното мнозинство останува.

„Сите партнери беа против оставката на премиерот Заев. Сметаме дека е избрзана и дека премиерот треба да продолжи со водењето на Владата и политиките бидејќи тоа го бараат граѓаните. Само оваа Влада може да го реши прашањето со Бугарија, да го спроведува Преспанскиот договор и да ги почне пристапните преговори со Европската Унија. Ова се локални избори, не парламентарни и затоа не треба премиерот да поднесе оставка, а тоа синоќа му го кажа и лидерот Али Ахмети“, рече Груби од ДУИ.

„Пред нас е енергетска криза, короната уште е тука, на државата ѝ треба стабилност, а не предвремени избори. Не сме разговарале ниту ќе разговараме со никого за формирање ново парламентарно мнозинство. Владината коалиција останува“, кажа Маја Морачанин претседателка на ДОМ.

Премиерот Зоран Заев во неделата вечер, по поразот на локалните избори на конференцијата за медиумите во партиското седиште кажа дека поднесува оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ. Заев кажа дека не треба да има вонредни избори и дека парламентарното мнозинство и Владата треба да продолжат да работат, само со нов премиер.

Аријанит Хоџа од Беса по средбата со Заев изјави дека не навлегле во темата за евентуален нов мандатар или за нов состав на Владата, а откако Заев бил дециден дека останува на оставката, тие побарале да се даде простор за колку време тоа би се извршило, за да не се направи погрешен чекор што би водел во предвремени избори за што сите се согласиле дека не е момент.

По средбата Владата соопшти дека сите партнери од парламентарното мнозинство се соласиле дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.

„Заеднички е констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции. Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија ѝ е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување“, соопшти Владата по средбата на сите коалициски партнери од владината коалиција.

Моменталното владино мнозинство има 62 пратеници, а опозицијата има 58. Од помалите коалициски партнери на СДСМ и ДУИ, четворица пратеници има Беса, по двајца пратеници имаат НСДП и ЛДП, по еден ДОМ, ДПА, ВМРО-НП, независен, ДПТ, Партија на пензионерите, Српска странка и ДС.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој често ги коментира актуелните политички настани, на Фејсбук напиша дека партиите поради кои СДСМ ги загуби локалните избори, се тие кои сега не ја прифаќаат оставката на Зоран Заев од премиерската функција. Според Хајредини, ова не е случајно. „Не случајно и без причина. Се плашат и не ја прифаќаат оставката на Заев оние партии поради кои ги изгуби изборите. Тоа се партиите кои некогаш беа во коалиција со Груевски“, напиша Хајредини.

И лидерот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи ги искоментира последните настани по оставката на премиерот Зоран Заев: „Пишман аџија, јок оставка“.

А.Д.

 

 

 

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе