Софија

Кјуранов: Во кризата во Бугарија Македонија е само оружје на корумпираните

Политичката криза во Бугарија е резултат на борбата за моќ меѓу антикорупциското малцинство и прокорупциското мнозинство. Оваа поделба во однос на корупцијата во земјава не е само меѓу оние кои управуваат со земјата, туку и меѓу оние „упрвуваните” и меѓу властодршците, вели во разговорот за МКД.мк Дејан Кјуранов, бугарскиот политиколог од софискиот Центар за либерални стратегии.

„Антикорупциската влада на Петков дојде на власт не затоа што мнозинството избирачи тогаш беа антикорупциски настроени, туку затоа што на релативно постојаното антикорупциско малцинство му се приклучија корумпирани гласачи кои повторно се надеваа на корумпирана влада, но нова, а не корумпираната власт на Бојко Борисов. Кога се уверија дека дружината на Петков навистина се бори против корупцијата, тие се свртеа против новоизбраната (и со нивна помош) власт и одново се формира прокорупциско мнозинство и кај политичката класа и кај нејзиниот корумпиран електорат“, вели Кјуранов и додава дека во оваа борба причина се буџетските спорови, а проблемите со Македонија се оружје на корумпираните.

Може ли премиерот Петков да преземе сам чекор за кревање на ветото за Македонија (како што се најавува во бугарските медиуми) и колкава ќе биде политичка цена за него?

- Не во сегашната ситуација, кога зачувувањето на власта зависи од неколку парламентарни гласови, кои треба да дојдат од парламентарните партии кои се изјаснија за прокорупциска солидарност. Ако Петков остане на власт, тогаш можеме да мислиме кои негови чекори во однос на Македонија се реални. Тој навистина сака да падне бугарското вето, но во секој случај ќе биде во многу послаба позиција отколку во времето кога имаше уште една партија во негова поддршка.

Како може да се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи сега се на најниско можно ниво?

- Ако опстане сегашната влада, да. Секоја друга влада ќе ја зацврсти бугарската шовинистичка позиција.

Ќе има ли нови избори во Бугарија, бидејќи тешко дека може да опстане малцинска влада?

- Се надевам дека не, а зошто веќе кажав претходно. Се надевам дека на истото се надева и братска Македонија. Надежта не е доволна, се разбира, но сепак е подобра од ништо. Има реални шанси Петков да преживее - оваа надеж е реална.

 Општо земено, што ѝ се случува на Бугарија?

- Откако на надворешно-политички план безумната руска агресија против Украина конечно ја разоткри Бугарија како најненадежна членка на НАТО и на Европската Унија, сега и на внатрешно-политички план Бугарија се разоткри како најзаостанатиот поранешен советски сателит. Има Бугари кои се надеваат дека нашата земја повторно ќе стане сателит - нов, руски! Не мислевме дека тоа е можно минатата година - но не мислевме и дека е можна војна во Европа, нели? Лошото е што денеска малку работи зависат од она што го мислиме ние, па дури и од тоа што мислат Американците. Речиси се зависи од тоа што мисли Путин, а судејќи по неговите постапки, дискутабилно е дали ова неговото може да се нарече мислење.

Ж.П.Б.

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе