Реакција

Ќулафкова: Она што беше затворено и решено македонско прашање, денес е широко отворено

Препораките се само уште еден обид да се проблематизира македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет. Дури и не се обидува да биде некаква софистицирана и научно поткрепена мимикрија. Напротив. Толку се површни и очигледни во својата намера, што е веќе дегутантно да се коментираат, се вели во реакцијата на академик Катица Ќулафкова на вчера објавените препораки на мешовитата комисија на експерти на Македонија и Бугарија. 

Реакцијата на Ќулафкова на нејзиниот фејсбук-профил ја пренесуваме во целост:
 
Препораките на „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“, објавени на 15 август 2022, се повеќекратно сомнителни (научно, политички, развојно) и особено штетни по однос на востановените македонски историски наративи и националниот уставен кодекс.
Ќе упатам само на неколку проблематични места:
Прво, секоја нација при своето конституирање е рефлексија на одредена самосвест и на сплет од изградена колективна, митска, научна и политичка историска свест. Промената на востановената историска свест и национална самосвест е симптоматична. Таа обично се случува во периоди на длабока општествена и институционална криза. И овој, актуелен упад во востановената македонска национална самосвест и научно заснована историска свест, е симптом на општествена криза. Општествената криза неминовно ќе се одрази негативно врз постојната институционална структура и суверенитет на македонската држава.
Второ, политичкото инсистирање да се усогласат заеднички препораки за т.н. заедничка историја е удар врз интегритетот на научната мисла и ја спречува слободата на толкување на историските факти, личности, настани и процеси. Оваа „експертска комисија“ го црпи својот легитимитет од политиката, не од науката. Нејзините препораки не се научни референци и како такви повеќе зборуваат за самата функција на комисијата одошто за македонската и историјата на балканските простори, народи и култури. Препораките се одглас на еден тоталитарен и заробен ум, никако плод на научно засновано толкување на сложените историски процеси на Балканот.
Балканот, како подрачје на коешто владееле големи империи и цивилизации, логично е и подрачје на коешто сите народи ги споделувале владејачките империјални, колонијални и цивилизациски стандарди. Може да се зборува за ‘споделени места на меморија’ на балканските народи, но не и за ‘заедничка историја’. Тоа се две различни категории.
Од друга страна, постојат и несподелени историски настани и периоди, односно различни начини на колективно доживување на историјата: на еден начин се доживува истата епоха (античка македонска, античка римска, византиска, отоманска) од владетелите, а на друг од освоените, потчинети и поробени народи.
Методолошки, не може современиот политички интерес да ги менува произволно историските и националните приказни/толкувања влезени од Уставот и неговата преамбула. Тоа се култни места и нивната ревизија се доживува како трауматична за Македонците и како агресија врз нивната историска и национална свест.
Така, нема никаква причина да се излегува со билатерални македонски и бугарски препораки за значењето на светите Кирил и Методија, кога е ноторен факт дека тие се сесловенски просветители. Освен тоа, веќе постои научен кодекс за нивната улога во словенскиот и во европскиот свет и никој нема право да ги присвојува небаре се работи за приватен имот.
Светите Климент и Наум, исто така, како средновековни културни и црковни вредности од особено значење за македонската култура и народ, не може да се претставуваат како туѓа традиција и сопственост. Секоја современа нација, вклучително и бугарската, може слободно да ги слави и да ги вклучи во своето историско наследство, но не по цена да ги демакедонизира.
Историските и цивилизациските вредности им припаѓаат на сите оние кои ги практикуваат тие вредности. Само народи кои не ги практикуваат наследените цивилизациски вредности и не дораснале на нивното ниво може да пишуваат записници и препораки (ултимативни) за тоа како треба да се прославуваат и како да се прикажуваат во истражувачкиот, образовниот, воспитниот процес и на јавната културна и медиумска сцена.
Трето, Препораките „ни дозволуваат“ нам, на Македонците, да ги прославуваме своите домицилни историски личности само под услов ако ги третираме како бугарски. И во врска со препорачаниот третман на Цар Самуил се насетува истата намера да се признае неговиот и на неговото царство, бугарски карактер, потекло и припадност.
Дали само мене ми се чини дека со Препоракиве се сугерира идејата дека Македонците немаат право самостојно да ги слават своите национални и историски вредности, па затоа од нив се бара да ги слават само заедно со Бугарија? Дали повторно некој ни кажува дека немаме своја историја?
Од секоја ставка произлегува ставот дека сите историски личности, настани, институции и вредности се, всушност, бугарски, оти сите постојат и се наведени, од Тракиската голема култура, до Дарданците, само Македонците никаде ги нема на историската мапа.
Препораките, всушност, произлегуваат од ригидниот став дека на територијата на Македонија живеат „македонски Булгари“, а не и етнички Македонци. Македонците во Грција, пак се, веќе признати како наследници на античка Македонија. Македонците во Бугарија, и домородните пирински Македонци, и асимилираните мигранти, се „чисти“ Бугари. „Чиста“ конфузија.
Препораките налагаат дури и нови елементи на етно-национален континуитет на Бугарите, веројатно и на другите соседни народи, но го укинуваат историскиот развоен национален и политички континуитет на Македонците. Тие небаре се предвидени да бидат неавтохтони доселеници со одземени историски права. Балканските држави-нации, поддржани од западноевропските сили и монархии во 19 век, денес се однесуваат по логиката според којашто (тие) се виши нации кои имаат колонијални права над македонскиот народ и држава.
Препораките, дури и со тајмингот во којшто се објавуваат за да ги поткрепат позициите на Протоколот за условениот почеток на преговорите за прием на Р Македонија во ЕУ, докажуваат дека на Македонците им е ограничено, ако не и одземено правото суверено и самостојно да одлучуваат за својот Устав и за државното име, за државотворната улога на македонскиот народ, за државните симболи, за историското и културното наследство. Македонското историско и културно наследство станаа туѓо наследство, македонската нација е или оспорена или делумно признаена или привидно признаена.
Со вакви квазинаучни акти какви што се Препораките само ја поткрепуваме позицијата на соседите кои не покажаа нужна почит спрема реалноста на македонската нација и држава. А отсуството на меѓунационална почит ја продлабочува кризата. Стекнатите историски, културни, политички, демократски и национални придобивки самите македонски институции си ги доведуваат во прашање. Она што беше затворено и решено македонско прашање, денес е широко отворено.
На Балканот има опасен вишок национализам, опасен вишок опседнатост со историјата и културното наследство и идентитетите, но тоа западните демократии, ОН и ЕУ не им го замеруваат на вистинските носители/држави. Они имаат право да бараат гаранции за историјата таква каква што ќе ја посакаат, само остана Македонија лишена од елементарно право на заштита на своето културно-историско наследство.
Препораките се само уште еден обид да се проблематизира македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет. Дури и не се обидува да биде некаква софистицирана и научно поткрепена мимикрија. Напротив. Толку се површни и очигледни во својата намера, што е веќе дегутантно да се коментираат.

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе