Македонија-Бугарија

Кјучук смета дека заедничкото минато треба да е основа за заедничката иднина, Захариева не отстапува

Бугарски официјални претставници вчера пак излегоа со ставови во врска со усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, со што би се отворил патот за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, под германското претседавање со ЕУ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, им порача на соседите да не бидат кочничар, туку моторот на нашиот процес на интеграција.

Бугарскиот европратеник и известувач за Македонија Илхан Кјучук повика ЕУ да даде силен, проевропски знак, дека ја гледа Македонија и целиот регион како нејзин составен дел, не само географски, туку и политички и економски.

„До состанокот на Берлинскиот процес на 10 ноември, нема време за крупни одлуки. Штета би било оваа можност да се испушти за време на силното германско претседателство“, рече Кјучук.

„Сфаќам дека не е лесно. Но, мора да бидеме разумни. Ајде да сториме се што е можно… и Владата и политичарите да покажат поголема храброст“, истакна Кјучук.

Тој како големо достигнување на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија ја гледа формулацијата „заедничко“, затоа што заедничкото минато, заедничката историја и заедничките корени, според него, ќе постават „многу цврсти темели и за заедничка иднина“.

„Комисиите од бугарска и македонска страна постигнаа многу. Историјата не е лесна тема за разговор. Никој не вели да се откажеме од овој разговор, но мора да му се даде време. Ако Договорот од Преспа го реши проблем со Република Грција и го елиминира еднаш засекогаш, сакајќи да покаже дека минатото на едната и на другата страна немаат ништо заедничко, тогаш бугарскиот договор со Република Северна Македонија започнува процес – да се каже дека сè било заедничко“, рече Кјучук.

Крајната цел е да бидеме заедно во Европската Унија и тоа е стратешки интерес на Бугарија, Северна Македонија и ЕУ, вели бугарскиот европратеник, но забележува дека е изгубен интензитетот во овој процес.

„Чувствата на граѓаните постојат од двете страни на границата и не треба да си играме со нив, и тие се диктирани од нејасните позиции што сакаме и каде сакаме да биде регионот“, додава Кјучук.

Шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева вчера пак рече дека Бугарија во моментов не може да се согласи на започнување на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија. Таа потенцира дека Бугарија ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но нагласи дека бугарската поддршката за Македонија „никогаш не била безусловна“.

„Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година, но одредбите не се спроведуваат. Во Скопје се обидуваат да избегаат од тоа“, изјави Захариева, додавајќи дека во последните месеци Бугарија неколку пати најавила дека е можно да не ја одобри првата меѓувладина конференција или преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ.

Запрашана дали е можна промена на ставот на Бугарија околу стартот на преговорите под надворешен притисок, Захариева е категорична дека „тоа нема да се случи“, потенцирајќи дека бугарската Влада е единствена по прашањето за Северна Македонија.

Таа нагласи дека е потребна добра волја за спроведување на Договорот за добрососедство, истакнувајќи дека „непризнавањето на историската вистина води до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји“.

Бугарскиот претседател, пак Румен Радев, истакна дека Бугарија е одговорна членка на ЕУ и нема да дозволи нерешени билатерални прашања да го нарушат единството на Унијата.

„За таа цел, потребен е траен и одржлив напредок на Република Северна Македонија во градењето на добрососедски односи со Бугарија“, порачал Радев во разговорот.

Според Радев, Бугарија очекува да добие јасни правно обврзувачки гаранции под влијание на надворешни фактори дека никогаш нема да бидат доведени во прашање единството на бугарската нација и нејзиното културно и историско наследство, како клучни елементи на националниот идентитет.

Шефот на дипломатијата Османи повика „нашите европски пријатели да го препознаат моментумот и да не ја пропуштат шансата да се финализира крајот на годината онака извонредно како што започна“.

„Земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство – географски, историски, културно, вредносно, и својата иднина ја гледаат како дел од Европската Унија. Перспективата за членство во ЕУ е мобилизирачки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и движечка сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат“, потенцира Османи.

Германија, која е актуелен претседавач со ЕУ, во повеќе наврати истакна дека нејзина цел е одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годината, што ќе значи официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Унијата. По изнесените резерви на Софија во однос на усвојувањето на преговарачката рамка со земјава, Германија ги засили дипломатските напори за спречување на евентуално вето од бугарска страна на стартот на преговорите со Македонија.

За таа цел, во понеделникот во Берлин се одржа средба на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот со македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, додека германската канцеларка Ангела Меркел имаше телефонски разговори со премиерот Зоран Заев и со неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, пак, телефонски разговараше со неговите колеги од Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе