„Случката“ Мијалков ги заостри политичките односи

Ќе има ли сепак предвремени парламентарни избори?

Десетина дена на политичката сцена беа забелжливи различни ставови во рамки на владејачката коалиција по некои актуелни политички прашања, за преговорите со Бугарија, здравствената криза, но и директно за законскиот предлог, како предизборен договор меѓу СДСМ и БЕСА, за внесување на етничката припадност во личните карти. ЛДП најави осамостојување во парламентот, а кулминацијата сепак се случи со бегството на екс - директорот на УБК Сашо Мијалков, што покрена и барања за конкретна одговорност и оставки.

Доста е од предвремени избори, треба да се работи во земјава. Не е добро за економијата речиси секоја година да имаме избори.

Вака минатата недела одговори премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на зачестените барања од ВМРО-ДПМНЕ за негова оставка и распишување на избори, наесен, заедно со локалните. Парламентарното мнозинство е стабилно, ќе додаде Заев. Од таборот на ВМРО-ДПМНЕ пак, тврдеа дека владејачкото мнозинство се осипува. И токму, заедно со веста за бегството на Сашо Мијалков, дојде и веста за одлуката на ЛДП за излегување од парламентарната колиција и за самостоен настап, поддршката од Демократскиот сојуз кон ЛДП, изјавата на лидерот на БЕСА Биљал Касами за самостоен настап на есенските избори и барањето одговорност пред сѐ од министерот Оливер Спасовски за „случката" со Мијалков.

И додека парламентарната опозиција - македонска и албанска ја критикува владината политика како неуспешна, а адутите се и здравствената состојба и доцнењето со имунизацијата на населението, ВМРО-ДПМНЕ дополнително, преку иницијативата за одложување на пописот со собрани сто илјади граѓански потписи сака да предизвика оставка на владата и избори. Во таа насока од ВМРО-ДПМНЕ подолго време говорат дека ќе се случи осипување на владејачкото мнозинство и дека наскоро ќе може да се објави дека односот на силите е сменет во парламентот во корист на сегашната опозиција.

Но, имаше и изјави дека се случува токму спротивен процес - дека пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе преминат на страната на владејачкото мнозинство.

Навидум, редовен однос и нормална комуникација преку медиумите на власта и опозицијата, особено во услови во какви што се наоѓа Македонија и на економски и политички, па и на здравствен план.

Но, oдеднаш на површината излегоа крупни настани. Бегството на Сашо Мијалков како да ги растрча на терен политичките актери. ЛДП ја објави одлуката за самостоен настап во парламентот, надвор од коалицијата со СДСМ „Можеме", поддршката на таквата одлука како исправна дојде од лидерот на коалицискиот партнер Демократски сојуз, Павле Трајанов кој е дел од истата парламентарна коалиција и кој за МКД.мк додаде дека ќе се осамостојуваат и другите партиии, лидерот на БЕСА Биљал Касами пак за ТВ21 потврди дека партијата на локалните избори нема да оди заедно со СДСМ, но и искажа остри зборови за „случката" со Мијалков и рече дека е одговорноста кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Потпретседателката на ЛДП, пратеничката Моника Зајкова вчера нѝ потврди дека партијата нема да го загрози парламентарното мнозинство и дека се злонамерни шпекулациите за приближување со ВМРО-ДПМНЕ. Целта на ЛДП е партиската политика и дејствувањето да бидат повидливи, преку самостоен настап да се искористат и повеќе деловнички и процедурални погодности, и во духот на дејствувањето на европските либерали, ЛДП да даде импулс повеќе на демократските процеси во земјата, рече Зајкова.

Заев сепак одлуката на ЛДП ја оцени како удар врз владејачката коалиција. Математиката вели дека на хартија коалицијата „Можеме" наместо 46 пратеници ќе брои 40, односно минус четирите од БЕСА кои веќе дејствуваат самостојно, и двајцата пратеници од ЛДП кои наскоро и формално нема да бидат дел од коалицијата.

Веста за одлукта на ЛДП како одвај да ја дочакаа во ВМРО-ДПМНЕ. За партискиот потпретседател Александар Николоски тоа е уште една потврда дека парламентарното мнозинство се осипува и дека сѐ оди кон паѓање на Владата.

„Не криеме дека разговараме со пратеници кои се дел од владејачкото мниозинство, а не припаѓаат на СДСМ или на ДУИ, за формирање на ново парламентарно мнозинство. Таа операција уште не е завршена, но е во тек и очекувам да финишира со уривање на оваа Влада и создавање на ново парламентарно мнозинство", рече вчера Николоски.

Веќе денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од прес-конференција повика на оставки, гласање недоверба на Владата во парламентот, формирање на експертска влада и одржување на избори заедно со локалните наесен.

Потпретседателот на НСДП Горан Мисоски, кој е и потпретседател на Собранието за МКД.мк вели дека не сака да коментира потези на други партии но, вели, од тоа што е разговарано со ЛДП, како и ако се земат предвид нивните изјави и партиското соопштение, јасно се гледа дека таа партија не се приклонува кон опозицијата.

„Парламентарното мнозинство е стабилно, јас верувам во тоа што самите го соопштија дека нема да се приклонат кон ВМРО-ДПМНЕ, односно дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со јавноста за ново мнозинство. ЛДП можеби смета на повеќе процедурални погодности во Собранието, но и до сега тоа не беше неможно, бидејќи пратениците знаат како да земат збор, некогаш и заобиколувајќи ги деловничките ограничувања", вели Мисовски.

Претходно, сигнали дека владејачката коалиција не функционира хармонизирано дојдоа и по поднесувањето на предлог законот на БЕСА за впишување на етничката припадност во личните карти, како дел од предизборен договор со СДСМ. Коалициските партнери НСДП и ДОМ преку изјавите на своите лидери за МКД.мк, изразија целосно несогласување оценувајќи го овој предлог на БЕСА, иако силно поддржан од Заев, како неприфатлив, ретрограден и спротивен на европската агенда.

Но, на политичката сцена видливо е дека бегството на Мијалков предизвика дополнителни турбуленции. Уште повеќе, зашто бегањето на поранешниот премиер Никола Груевски мина речиси безболно во власта.

Павле Трајанов директно ја посочува одговорноста во МВР и кај министерот Спасовски кој е на чело на полицијата, но оди и подалеку, до премиерот Заев кој како прв меѓу функционерите, ја раководи извршната власт. Биљал Касами преку ТВ-интервју побара и оставка на Спасовски.

„Најдиректна одговорност треба да побараме од министерот за внатрешни работи. Прашуваме каде е човекот, но и каде е Мијалков, како побегнал, кој му помогнал? Тоа треба да го одговори Министерот за внатрешни работи", рече Касами.

И по повеќе од 24 часа молк од МВР, од кабинетот на Заев додје соопштението за одржана итна средба со првите одговорни лица на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на екс - директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста", наведоа од Владата не изнесувајќи конкретни детали од состанокот.

Ваквите изјави внатре во парламентарното мнозинство укажуваат дека точката е дојдена до усвитување и дека евентуалните оставки на чело на некои од ресорите и институциите можат да предизвикаат прераспределба на партиските сили во рамки на извршната власт. Или пак, да бидат вовед во предвремени избори.

А, беше време конечно да се работи.

П.Џ.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе