Дебата за Преспанскиот договор во Атина

Катругалос: Самоопределувањето не е предмет на договори, државите признаваат држави, а не народи и нации

Државите признаваат држави, а не народи или нации, самоопределувањето не може да биде предмет во договорите, изјавил алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос на денешната расправа на Комисијата за надворешни работи и одбрана во парламентот во Атина.

Катругалос, како што јавува МИА од Атина, објаснил дека прашањата поврзани со државјанството се правни прашања, а прашањата за националниот идентитет и интеграцијата во една националност се прашања на свест и самоопределување.

„Правото на самоопределување е право согласно апсолутното задолжително право и не може да биде предмет на регулирање со договор. Според тоа, Грција не признава и не би можела да признае македонска нација или народ со овој договор“, рече Катругалос.

По обраќањето на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, дискусијата се прошири околу термините националност и државјанство.

Претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас, објасни дека терминот „Nationality“ ја одредува правната врска на граѓанинот со државата, а терминот „Citizenship“, политичката врска на граѓанинот со државата.

Јоргос Кумуцакос од Неа демократиа коментираше дека во договорот, во делот за државјанството требало да биде само терминот „државјанство на Северна Македонија“.

„Ако е само државјанство, зошто е потребен терминот ‘Macedonians‘? Бидејќи државјанството е врската со државата. Кога државата според договорот се вика Северна Македонија, зошто државјанство не остана исклучиво државјанство на Северна Македонија, туку се додаде и терминот „македонски“? Очигледно бидејќи другата страна во преговорите сакаше овој термин да ја покрива националноста, а грчката страна го прифати тоа“, рече Кумуцакос.

Тој, неговото тврдење дека станува збор за идентитет го поткрепи со членот 7 (3), што го прочита пред присутните на комисијата дека споменувањето на термините македонско, македонска, македонско што се однесуваат на втората страна, а со кои се подразбира, државата, јазикот, населението и нивните карактеристики се различни од оние на првата страна.

„Ако овие елементи  не формираат идентитет, тогаш што формира?“, праша Кумуцакос.

Во продолжение реагираше и поранешниот коалициски партнер во владата, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, велејќи дека, „Катругалос рече дека е нивно право да се самоопределуваат како македонски народ“.

„Со самото тоа што министерот призна од овде, од грчкиот Парламент, пред седум минути, пропаѓа прашањето за договорот. Сакам или министерот да каже дали е така како што претходно кажа или да го повлече кажаното и дека го кажал по грешка“, му порача Каменос на Катругалос.

„Јасно кажав државите признаваат држави и имаме ерга омнес решение за името на соседната земја, не само за името Северна Македонија, туку соседната земја е обврзана да го смени во сите државни институции, организации, на сите државни објекти, името од Македонија во Северна Македонија, на овој начин завршува ова нерешено прашање и монополизирањето на името Македонија од соседната земја“, рече Катругалос, одговарајќи му на Каменос.

Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, во среда и четврток за нацрт законот според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следи и гласањето.

МИА

 

 

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе