Реакција

Каролина Астеруд: Шекеринска да се извиниш дека си легитимирала повреда на неутралноста на државната и локалната власт

Не, Радмила, во голема грешка си, и треба да ги признаеш, и грешката, и повредата, реагира професорката Каролина Ристова-Астеруд, поранешна пратеничка на СДСМ, на обидот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска да ја релативизира фотографијата со градоначалникот на Кичево на која во позадината се гледа и симболот на УЧК.

„Главната поента не е дали воената криза од 2001 е далеку за нас (?!), ама кога веќе ја користиш за поентирање, да потсетам дека во период пост-воена криза, за залекувањето на раните и за помирувањето, треба многу такт и обзирност, двонасочно, па и повеќенасочно во нашево општество, и тоа децении и децении подоцна, дотолку повеќе што има загинати и жртви на воени злосторства и злосторства против човештвото. Но, главната утка и главната поента со фотографиите со градоначалникот на Кичево во неговиот официјален градоначалнички кабинет е во тоа што тој си испозакачил симболики со кои ударно и отворено ја повредува неутралноста што локалната власт треба да ја проектира. Освен официјалните државни и локални симболики, на сите други симболики, врзани за разно-разни партикуларности во општеството, не им е место таму, без оглед дали се политички, партиско-политички, верски, етнички, идеолошки итн. Тие и такви партикуларности, како и нивните симболики, си имаат друг простор, места и платформи за изразување, манифестирање и дејствување. Треба да биде јасно дека кога ќе го облечеш мантилот на државата, на државната и на локалната власт, треба да ги соблечеш сите други, но кај нас сѐ почесто и сѐ повеќе тоа се повредува, во прилог на такви манифестни фаворизирања, по разни основи, и тоа е загрижувачки тренд, со загрижувачки и опасни импликации. Впрочем, не случајно се измислени официјални симболики на државната и локалната власт (знамиња, грбови, униформи, и сл.), засебно и наспроти сите други кои како партикуларности постојат во дадено општество и држава, односно постојат токму за поентирање неутралност и дистанца од сите партикуларизми, а секако и за општествена и државна кохезија. Тоа се мислени и обмислени работи, споредбено, како и кај нас. Во конкретниот случај, нема што симболика на ОНА/УЧК да се наоѓа во кабинет на градоначалник! Тоа во старт ја доведува во прашање неутралноста на локалната власт, ја расклатува довербата кај (нефаворизираното во симболиката) граѓанство, како и создава тензии и конфликтност. Ако реперот ти е дали политичарите му служат на граѓанството на објективен и неутрален начин, во старт тоа тука е нарушено, со ударна и манифестна симболика, а ефективно и во однос на суштинско -функционалната. Тоа е спротивно на сите вредности, стандарди и пракси на кои редовно се повикуваш, и знам дека го знаеш тоа. Затоа, наместо крајно нетактично релативизирање, дефокусирање, па и замена на тези, чесно е да се извиниш дека си легитимирала таква повреда на неутралноста на државната и локалната власт, и да делуваш политички таа и таква повреда да се надмине, таму, сегде и секогаш кога е направена“, напиша на својот фејсбук-профил Ристова-Астеруд.

 

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе