Јуроактив: Бугарската политичка криза ги уништи надежите на Скопје за ЕУ

Актуелната политичка криза во Бугарија, каде во ноември треба да се одржат трети парламентарни избори за помалку од една година, остава мали шанси Софија да го укине ветото за европска интеграција на Македонија пред крајот на годинава, изјавија за порталот Јуроактив (Euractiv) политичари и аналитичари.

„Скопје може да добие одговор од Софија во декември, ако Бугарија добие влада со јасен мандат, но шансата за тоа е многу мала“, рече Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи, тинк-тенк специјализиран за ЕУ надворешни работи.

Според Чернева, властите во Скопје мора да ги чекаат резултатите од претседателските избори во Бугарија, закажани за 14 ноември, бидејќи позицијата на претседателот ќе биде многу важна. Актуелниот претседател Румен Радев има шанси да освои и втор мандат. Тој од април стана важна фигура во Софија, бидејќи неговата техничка влада управуваше со земјата по два неубедливи изборни циклуса.

„Ако Радев не учествува конструктивно на оваа тема, проблемот ќе биде многу тешко да се реши“, додаде Чернева.

Бугарскиот европратеник Радан Канев (Демократска Бугарија, ЕПП) ја отфрла можноста привремена влада назначена од претседателот да го даде конечниот одговор на Скопје. „Кризата во односите со Република Северна Македонија бара не само редовна влада, туку и стабилен парламент во Бугарија, со јасно мнозинство и пристојни односи меѓу страните во неа“, рече Канев за Јуроактив. Тој објасни дека бугарскиот парламент има ограничена рамковна позиција за Македонија, која „ги врзува рацете на секоја влада, особено на привремена“.

„Единствениот излез се многу деликатни дипломатски преговори и договор што ќе го заштити бугарскиот национален интерес во процесот на интеграцијата на Скопје и ќе го спречи ризикот Западен Балкан да стане плен на шемите на Белград, кои се отворено непријателски настроени кон нас (во Бугарија )", рече Канев. Тој претпоставува дека таквата дипломатија бара мандат од бугарскиот парламент, многу широка политичка поддршка и национален консензус.

„Кризата во односите со Република Северна Македонија и изолацијата на Бугарија во ЕУ ќе продолжи до формирање на стабилна редовна влада“, рече Канев.

Политикологот Георги Кирјаков предвидува дека по претстојните предвремени избори во ноември, трети за една година, би можеле да следат нови избори во почетокот на 2022 година. Засега, тој не гледа можност за промена на нестабилната политичка ситуација во Софија.

Извор од ЕУ вели дека позицијата на Европската комисија не се променила и дека треба да се најде решение што е можно поскоро. Истиот извор додаде дека извршната власт ќе продолжи да работи во оваа насока и за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ за да се најде решение во 2021 година. Сепак, тие признаа дека изборите во Бугарија ги комплицираат работите.

Дипломат на ЕУ коментираше дека дури и претходната привремена влада била „навистина неконструктивна“ во врска со ова прашање. „Бугарија сега се смета за расипувач на ЕУ кога станува збор за проширувањето, што ги поткопува напорите на ЕУ во регионот“, рече дипломатот.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе