АНКЕТА НА ГАЛУП ОТКРИВА

„Југоносталгичниот“ Балкан копнее по социјалистичкото минато

Насилните протести во Собранието на Македонија кон крајот на април се само еден од поновите потсетници на длабоко вкоренетите тензии што со децении остануваат на Балканот по распадот на поранешна Југославија. Додека овие тензии растат во регионот, агенцијата Галуп открива дека југоносталгијата е широко распространета во поранешните југословенски републики, каде што многумина сметаат дека распадот им наштетил на нивните земји, наместо да им донесе корист.

Поради „југоносталгијата“ и незадоволството предизвикано од ниската вработеност и политичката нестабилност многумина копнеат за деновите на социјализмот, открива анкетата на Галуп.

Распадот на СФРЈ во раните 1990-ти им наштетил на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, велат резултатите од новата студија на агенцијата, која интервјуирала повеќе од 1.000 граѓани низ целиот регион.

Прашани дали распаѓањето на Социјалистичката Република ѝ било од корист или ѝ наштетило на нивната земја, 12 % од Македонците рекле дека било од корист, а дури 61 % рекле дека ѝ наштетило. 21 % одговориле со „не знам“ или одбиле да одговорат.

4% од Србите рекле дека ѝ било од корист, додека огромни 81 отсто одговориле дека ѝ наштетиле, а 8% се изјасниле дека не знаат.

Ова е слично на ситуацијата со поранешните советски републики, кои во друга анкета генерално одговориле дека распадот на Советскиот Сојуз исто така бил штетен.

Незадоволството на Србија се огледува и во Босна и Херцеговина, каде што само 6% рекле дека крајот на Југославија бил благодат за земјата. 77% одговориле дека бил штетен.

Додека негативноста кај Србија може да се сведе на чувство на загуба на централното место во мултинационална држава, загриженоста во Босна и Херцеговина може да се објасни со лошите економски и владини перформанси на земјата.

Корупцијата е стар проблем и босанската комплицирана државна структура, формирана со Дејтонскиот договор од 1995 година, значи дека владата се бори да ги протурка реформите. Но ЕУ сè уште е атрактивна опција за Босанците: 70% ја одобруваат нејзината кандидатура за членство.

Во најновата членка на НАТО, Црна Гора, само 15% рекле дека распадот ѝ користел на земјата, а 65% веруваат дека бил штетен.

Од поранешните југословенски републики што сè уште се на пат кон членство во ЕУ, само Косово рекло дека распадот бил од корист: три четвртини рекле дека распадот бил добра работа, а само 10% од испитаниците рекле дека тој бил штетен.

Од другите најмалку носталгичен е најновиот член на ЕУ, Хрватска, каде што исто така генерално се смета дека нејзиното отцепување било добро, а испитаниците се поделени на 55% наспрема 23%.

41 % Словенци сметаат дека распадот на бившата држава донел корист, 45% рекле дека донел штета, а 10% одговориле дека не знаат.

 

Етничките малцинства поверојатно го гледаат распадот како штетен

Анкетарите заклучиле дека припадниците на етничките малцинства се со поголема веројатност да го гледаат распаѓањето како штетно.

За возрасните што ѝ припаѓаат на доминантната етничка група е помалку веројатно дека ќе кажат дека распадот ѝ наштетил на нивната земја. На пример, Хрватите што живеат надвор од Хрватска многу поверојатно мислат дека распадот ѝ наштетил на нивната земја од Хрватите што живеат во Хрватска. Истото важи и за Албанците на Косово, каде што тие се доминантна етничка група, во споредба со Албанците во Македонија, каде што се малцинска етничка група, која накратко водеше борби за отцепување пред во 2001 година со посредство на НАТО да биде склопен договор за поделба на власта. Делумен исклучок се Србите, кои во голема мера веруваат дека на нивната земја ѝ наштетило распаѓањето без оглед на тоа каде живеат.

 

Постарите возрасни луѓе повеќе мислат дека распадот бил штетен

Мислењата се поделени и по возрасни линии. Возрасните лица постари од 55 години се со поголема веројатност да одговорат негативно од луѓето на возраст меѓу 15 и 35 години.

Во Македонија, за распадот рекле дека е штетен 45% од лицата на возраст 15-35, 61% од тие на возраст 36-55 и дури 80 % од луѓето на возраст од 56 и постари.

Оваа разлика би можело да се објасни со согледаните придобивки од живеењето во Југославија, вклучувајќи бесплатно здравство и образование, како и поголемата вработеност.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе