Обвинителот на онлајн брифинг со новинари

Јовески: Kриминалот не запира ни во пандемија, завршени се постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствени прописи

Криминалот не запира дури и кога има пандемија, а со тоа не запира ниту нашето работење, порача во денешното обраќање обвинителот Љубомир Јовески, кој поради пандемијата со ковид-19 одржа онлајн средба со медиумите. Јовески рече дека во оваа година обвинителствата постапуваа против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела и дека само за време на вонредната состојба беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи.

„Зад нас е 2020 година, тешка година за сите, исполнета и со многу предизвици за јавните обвинители. Нашата надлежност и предмет на работа бара постојан континуитет, целосна посветеност, лична директна комуникација со многу луѓе. Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата, обезбедивме непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи. Во оваа година обвинителствата постапуваа против над 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Само за време на вонредната состојба беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи. Обинителството, почитувајќи го начелото за презумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката. Само во оваа година објавени се 825 соопштенија, што е двојно повеќе од претходната година, а покрај тоа редовно одговаравме на вашите прашања за кои јавноста имаше интерес“, рече обвинителот Јовески во своето онлајн обраќање.

Тој потсети дека  со години во Обвинителството има недостаток на материјални и човечки

Ресурси и тоа многу ја отежнува работата на обвинителите.

„Сакам да истакнам дека годинава беа избрани нови 18 јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно-обвинителски стручни соработници. Овие нови вработувања значително ќе ги подобрат капацитетите на јавното обвинителство, но сакам да кажам дека неопходно е и натаму да се засилуваат човечките ресурси во обвинителството. Од не помало значење е што во оваа година профункционираа 4 истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово. Во насока на градење систем на отчетност во рамки на јавното обвинителство ја зајакнавме дисциплинската одговорност. Оваа година водевме неколку дисциплински постапки против 5 јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето. Во годинава која изминува со средства од фондовите на Европската унија целосно се реновирани просториите на 9 основни јавни обвинителства а две обвинителства добија нови простории. Во втората половина на годинава започна примената на новиот Закон за јавно обвинителство со кој се унапредува организацијата и работењето на обвинителството. Значајно е што се гарантираат 0,4 проценти од Буџетот за работа на обвинителствата. Имајќи ја предвид состојбата во државата предизвикана од пандемијата за 2021 е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто. Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус“, нагласи Јовески.

Јавниот обвинител додаде дека обвинителите постапуваа и превземаа дејствија и по предметите преземени од Специјалното јавно обвинителство, со што во неколку предмети се поднесени обвиненија или други одлуки согласно доказните материјали, а продолжија и со застапување по предметите по кои претходно беа поднесени обвиненија.

„Јавно сакам да кажам дека обвинителството постапува непристрасно и неселективно се гонат сторители на кривични дела Обвинителството на овој начин ќе продолжи да работи и следната година“, дополни Јовески упатувајќи апел за одговорно однесување кон здравствените прописи за да можеме брзо да се вратиме во редовни услови на живеење.

 

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе