Се огласи и поранешниот бугарски амбасадор во Македонија

Јорданов: Семката на РС Македонија е бугарска, без таа вистина за нив нема да има ЕУ

Поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, Александар Јорданов (2001-2005), сега пратеник во Европскиот парламент од Сојузот на демократски сили, се огласи на Фејсбук со теорија за бугарското потекло на Македонците, за „бугарското“ Илинденско-Преображенско востание, за македонскиот јазик и нација. „Ако Македонците и ние, Бугарите, сме различни народи, секако дека меѓу нас на овие балкански простори ќе имало војна, како што имало бугарско-турски, српско-бугарски, бугарско-грчки, романско-бугарски војни. Но бугарско-македонска војна нема, а и немало како да има, зашто не е можно еден народ да војува самиот со себе“, пишува Јорданов.

Во продолжение пренесуваме дел од неговата објава.

Политичарите кои го користат терминот „заедничка историја“ во контекст на денешните бугарско-македонски односи да не заборават дека таквата историја создава само заеднички народ. Компромиси можат да се прават во сегашно време и во однос на денешната политичка реалност, но не и во однос на историјата. Затоа што таа е совршена.

Концептот на „заедничка историја“ не може да ги замени историските факти. Народните песни собрани од браќата Димитар и Константин Миладинови од Струга се бугарски и во најголем дел потекнуваат од територијата на денешна РС Македонија. Народното творештво и нејзините собирачи не лажат. Кога Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, родум од Велес, (во југословенско време го нарекоа овој град населен со македонски Бугари Титов Велес, но нашите комунисти не заостануваа со Димитровград, Коларовград, Благоевград, Михајловград!) напиша „Прогон и страдање за чесното име бугарско“, тој се претставува како Бугарин и таков треба да остане во „заедничката историја“. Не можат да се пренебрегнат и зборовите на Константин Миладинов кога напиша дека „Западна Бугарија уште се нарекува Македонија“ и го постави прашањето: „А што ќе ги направиме тамошните повеќе од два милиони Бугари?“. Затоа што тој е или достоен просветител или, според денешните скопски критериуми, „манипулатор“ кој не го познавал своето национално потекло.

Илинденско-преображенското востание од 1903 година, кое избувна во Македонија и Одринско, е настан во бугарската историја, во битието на Бугарите кои живееле на тие простори и кои несреќно останале под османлиската власт. За денешните Македонци, кои тврдат дека не се Бугари, тоа нема врска. Фактот што дел од востанието избувна на територијата каде што сега живеат, не го прави нивен настан. Настан од „македонската историја“ е т.н. од страна на македонски политичари и историчари „Втор Илинден“ од 1944 година или антинародното, комунистичко и пројугословенско „Антифашистичко собрание за народно ослободување на Македонија“. После тоа, антибугаризмот стана официјална државна политика во комунистичката република и започна да се докажува преку масовни убиства и репресии врз Бугарите. Стравот од комунистичката влада и УДБА доведе до тоа многу македонски граѓани повеќе од половина век да не смеат да им ја признаат, дури ни на своите деца вистината за своето и на нивните предци, бугарско потекло.

Но, нема ли Македонци кои ги тероризирале македонските Бугари во Македонија?

Архивските документи, како и старите весници, говорат дека нашите сонародници биле убивани и тероризирани од безродници. Тоа биле главно комунисти и србомани. Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина. Инаку, за нив нема да има Европска Унија. Ако го стореа тоа порано немаше да мораат да го менуваат името на својата држава.

За Илинденско-Преображенското востание весникот „Ное Фрае Пресе“ од 11 август 1903 пишува дека „на бугарските востаници им се приклучуваат и претставници од дргите народности“, а македонска воопшто не се споменува“. Пет дена претходно весникот „Цајт“ напишал: „Турците очекуваат да се нафрлат врз омразените Бугари. Но и македонските Бугари се добро вооружени и спремни за подвизи“. Коментар е излишен: востанието е бугарско.

Апсурден е и спорот за Гоце Делчев. Дека тој е Бугарин докажуваат не само „документите“ како што би рекол Антон Тодоров. Благодарение на бугарскиот поет Јаворов, денешните Македонци знаат нешто за Делчев војвода. И ако ги признаат македонските Бугари за свои предци, тогаш може да говориме за „заедничка историја“, ако не ја признаат таа историска вистина, нема како историјата да ни биде „заедничка“.

Ако Македонците и ние, Бугарите, сме различни народи, секако дека меѓу нас на овие балкански простори ќе имало војна, како што имало, бугарско-турски, српско-бугарски, бугарско-грчки, романско-бугарски војни. Но бугарско-македонска војна нема, а и немало како да има, зашто не е можно еден народ да војува самиот со себе. Освен ако не се работи за граѓанска војна, а таква немало меѓу Македонци и Бугари. Причината е едноставна: еден татко не може да „направи“ два народа.

Во времето на Преродбата, дел од населението кое живее на територијата на денешна РС Македонија се самоопределило како бугарско население, како македонски Бугари, а доказите се повеќе и повисоки од македонските планини. Ги има во архивите, весниците, книгите, семејните хроники. По Првата, а особено по Втората светска војна тоа бугарско население било жестоко репресирано и принудувано да се одрекува од своите бугарски корени. Српските комунисти, а потоа и македонските комунисти србомани, не само што физички малтретираат и затвораат низ Југославија илјадници наши сонародници, туку, како официјална историја налагаат антибугарска коминтерновска доктринана македонизам, според која, Македонците се друг народ, различен од нас Бугарите.

Потоа следува и партиското решение за создавање на „македонска нација“ и „македонски литературен јазик“, којшто од научна гледна точка е југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.

РС Македонија преживеа, зашто семката ѝ е бугарска. Денешните бугарски политичари кои го впериле погледот кон иднината не треба да го забораваат минатото. Зашто нема иднина без минато и зашто „заедничката историја“ создава само еден заеднички народ.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе