Новинарска реакција

Јавните кампањи преку медиумите треба да се бесплатни

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на најавата на Владата за враќање на праксата на плаќање на медиумски кампањи со јавни пари во приватните медиуми и се потсетува власта дека во земјите од Европската Унија со демократска традиција постои целосна забрана за платено политичко огласување на телевизијата и радиото и за време и надвор од избори.

„Со внимателност ги следиме најавите од Владата за измена на медиумската регулатива во делот кој се однесува на забранатa за рекламирање од централната и локалната власт во медиумите. Овие најави се однесуваат на измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ), со што би се дозволило емитување на кампањи нарачани и платени од страна на јавните институции и за нив би бил откупен рекламен простор за емитување во приватните медиуми“, велат новинарските организации во заедничкото соопштение.

Според праксата во ЕУ, земјите кои имаат поголема демократска традиција имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на телевизијата и радиото и за време и надвор од избори.

„Таквата забрана се оправдува со фактот дека радиодифузерите имаат големо влијание на формирање на јавното мислење, а истовремено времето за емитување на политичко-пропагандни пораки на телевизијата чини многу пари. На тој начин оние центри на моќ кои имаат пристап до поголеми ресурси, посебно политичките партии кои се дел од власта се во поповолна ситуација од останатите партии, но и граѓански организации и движења, со што се остава простор за дискриминација. Регулирањето на овие прашања во оваа насока со закон се исклучително ризични на долг рок, зашто ќе се воспостави пракса од која веројатно нема да отстапи која било влада во иднина, а тоа може трајно да ја загрози улогата на медиумите“, велат новинарските организации.

Тие ги предупредуваат властите дека во најголем дел од земјите од европскиот континент јавните соопштенија поврзани со теми за кои се цени дека се важни за животот на граѓаните се бесплатни, а кај медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис, треба да има свест за општествена одговорност да објавуваат ваков тип на содржина.

„Секако, од медиумите се очекува самите да проценат дали пораките во овие кампањи или соопштенија се важни за здравјето или безбедноста на граѓаните и бесплатно да ги емитуваат, но не и да им да им биде откупен рекламниот простор со јавни пари, зашто на тој начин може да се влијае на нивната независност“, се вели во пораката до властите.

Свесни дека економската криза предизвикана од тековната пандемија влијае негативно на медиумскиот сектор, ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ беа и продолжуваат да бидат конструктивен фактор во односите со Владата во изнаоѓање решенија преку кои би се помогнала работата на медиумите. Здруженијата порачуваат дека тоа може да се направи на два начина:

– Преку политика на дополнително намалување на давачките на медиумите кон државата (концесии, даноци, придонеси). Со тоа може да се постигне и добар финансиски ефект, а воедно и неселективен пристап кон сите медиуми, а да се избегне директно плаќање на јавни средства за откупување на простор во медиумите.

– Преку концептот за поддршка на проекти од јавен интерес за производство на квалитетна медиумска содржина, врз основа на претходен јавен конкурс со прецизни критериуми и транспарентност при одлучувањето. Ова е многу подобар пристап за поддршка на професионалните медиуми. На овој начин, би се поттикнале професионални новинарски содржини преку кои полза би имале граѓаните, а на долг план би се подобрила и медиумската програма зашто ќе остави простор медиумите да се натпреваруваат со квалитет, истражувања за корупција, анализи, документарци и едукативни содржини. Така повторно би се избегнала можната врска на политиката и медиумите, што опстојува како ризик, доколку се дозволи директно плаќање преку јавните кампањи.

Новинарските и медиумските организации повторно предупредуваат дека праксата со платени јавни кампањи во приватни медиуми се покажа како исклучително штетна во минатото бидејќи со пари на граѓаните се вршеше притисок кон медиумите на нивната уредувачка политика.

„Во исто време преку овој систем се изигруваше јавниот интерес кој често беше на штета на граѓаните, а во полза на политичките партии што беа на власт. Освен ова, враќањето на оваа пракса дополнително може да го загрози кревкиот медиумски пазар на кој веќе се влијае преку јавни средства, пред сè преку платената политичка програма предвидена во Законот за избори, која се однесува на партиските кампањи пред избори кои се плаќаат од државниот буџет и претставуваат значителен процент од вкупниот годишен буџет на медиумите во нашата земја“, се вели во соопштението.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе