Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада денеска го потпиша вториот грант договор за годинава, во рамки на јапонската GGP-грант програма за мали проекти за човекова безбедност чија цел е подобрување на основните човекови потреби, соопшти Амбасадата на Јапонија. На малата церемонија учествувале градоначалникот Јовица Илиевски и директорот на општинското јавно комунално претпријатие „Вардар", Мирослав Андриески.
„Проектот за обезбедување на Општина Брвеница со комунално возило во износ од 67.026 евра; има за цел да го подобри квалитетот на комуналните услуги за граѓаните. Новото комунално возило ќе му овозможи на општинското јавно комунално претпријатие да пристапи и до поодалечените села во општината со цел да обезбеди одлагање на отпадот. Ова е вториот грант дониран од страна на Јапонија за Општина Брвеница. Претходно преку GPP-грант програмата за мали проекти беше поддржана реконстрункција на покривот на основното училиште во селото Челопек“, соопшти Амбасадата.
Преку програмата за мали грантови (GGP), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки и 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини.
„Севкупно, Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствената нега, образованието, животната околина, култура, спречувањето на природни катастрофи, бегалската криза, како и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка“, се вели во информацијата од Амбасадата на Јапонија.