Пресуда за „Тенк“

Јанкулоска доби 6 години затвор за набавка на „мерцедесот“

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби казна од 6 години затвор во предметот „Тенк“ на СЈО за набавка на „мерцедесот“. Обвинетата Јанкулоска е виновна  за злоупотреба на службена должност и овластување, рече судијката Добрила Кацарска.  

Судијката Добрила Кацарска ја објави пресудата по образложувањето на кривичното дело.

„ Неспорно е дека е набавено патничко моторно возило ‘мерцедес гард‘. Обвинетата Јанкулоска знаела дека се работи за исклучително скапо возило, а заедно со  Ѓоко Поповски преземале дејствија за да му ја исполнат желбата на сега осудениот Никола Груевски. Аудио снимките покажаа дека се бара луксузен пакет на опрема“, рече Кацарска.

Сите технички спецификации укажуваат на фаворизирање на еден економски оператор.

Јанкулоска, како што рече Кацарска, со умисла го поттикнала сега осудениот Поповски да стори кривично дело.

На последното рочиште од 3 октомври, обвинителството побара од судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, како и да ги подмири трошоците заедно со Ѓоко Поповски и Никола Груевски во висина од 313 илјади денари.

Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкулоска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на тогашниот премиер Груевски. Jaнкулоска има право да не присуствува при изрекувањето на пресудата.

„Обвинетата Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службена должност, бидејќи таа била свесна за своето дело и го сакала спроведувањето. Предлагаме Судот да ги земе како отежнувачка околност степенот на одговорност, а како олеснителна околност семејната состојба“, рече Фатиме.

Јанкулоска е обвинета според член 353 став 5 за злоупотреба на службената положба и овластување. Законот предвидува ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот да се казни со затвор најмалку пет години.

Одбраната, во завршен збор, пак, рече дека во постапката било грубо нарушен принципот на еднаквост на оружјата, СЈО не ја докажало својата надлежност, како и дека Судот треба да донесе пресуда за дејствие што наводно се случило пред шест години врз основа на докази кои во најголем дел се прибавени со кршење на домашните и меѓународни права.

Обвинетата Гордана Јанкулоска во завршен збор, рече дека додека траела постапката таа требало да се грижи за неколкумесечно бебе, како и дека била изложена на медиумски линч со објавување делови од незаконско стекантите аудио разговори.

„Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок. Судот во однос на мене треба да донесе ослободителна пресуда“, рече Јануколоска.

Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе ѝ се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.

За овој предмет веќе се осудени со правосилна судска пресуда поранешниот премиер Груевски и тогашниот помошник-министер во МВР, Поповски, со 2 односно 4,5 години казна затвор.

Според првостепената пресуда, Јанкулоска треба да плати 323.841 денари судски трошоци. Одлуката на судот за затворската казна која е изречена не е правосилна и Јанкулоска има рок од 15 дена од нејзиното изготвување да поднесе жалба на одлуката до второстепениот суд. 

К.Д.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе