Пред новинарите на панелот „Реформски бенчмаркови: Дали имаме реформи и зошто не?“, како дел од проектот „Детски болести на демократијата“, Јанева одговараше на прашања во врска со законот за јавно обвинителство и за судбината на СЈО.
Таа, како што рече, планира да го заврши својот мандат во СЈО, кој што ѝ истекува на 15 септември и повторно да конкурира за истата позиција. Но, демантираше дека може да биде сменета на барање на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не можат да ме сменат, како да ме сменат? Во законот нема персонални решенија. Не пишува дека ќе се смени лицето тоа и тоа. Се знае што се пишува во закон, мислам ако сме писмени толку во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон“, рече Јанева.
Таа објасни и дека нејзе мандатот ѝ завршува на 15 септември, но ако го сменат законот за СЈО и се продолжи работата на обвинителството, тогаш мандатот не ѝ завршува.
„Дека ќе одам на реизбор тоа е нормална работа и демократско право во секоја држава и како што сум рекла и претходно ќе конкурирам повторно да бидам специјален јавбен обвинител. Инаку, ќе останам до крај на чело на оваа јавна институција не затоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција“, рече Јанева.
Во врска со општиот впечаток дека секојдневно се одложуваат рочиштата на СЈО и се одолговлекуваат постапките, таа вели дека тоа не се случува заради носење на законот, туку причините се објективни, затоа што некои лица се разболеле или од други икс причини кои се наведени во судските постапки.
„Тоа е нормална работа, но мора да се интензивираат судењата и да се потврдат тие наоди дали се точни дека лицата кои одбегнуваат да се појават на судења навистина се болни и се спречени да дојдат“, вели Јанева.
На прашањето како ќе го заврши мандат од аспект на отворешни и решени предмети, специјалната обвинителка кажа дека предметите на СЈО се предадени во суд на 1 јули 2017 година, а од „тогаш поминаа еве веќе две години, да не кажам дека имаме обвинителни предлози од 2016 година од 15 септември, кои сѐ уште немаат првостепени осдлуки. Вината за тие работи треба да се бара во судовите“, рече Јанева.