Од таму потврдуваат дека од Јавното обвинителство на Република Македонија добиле податоци кои сега се анализираат за да утврдат кој од предметите ќе имаат приоритет и ќе треба веднаш да ги преземат. За сите детали околу преземањето на предметите, Специјалното јавно обвинителство ветува дека ќе информира во четврток.
„Во сорабока со Министерството за правда изготвивме предлог закон за јавно обвинителска служба, што е неопходен за екипирање на обвинителството со стручен, истражен и административен кадар. Предлог законот е изготвен врз основа на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со целосно искористување на компаративните искуства за организираност на вакво обвинителство. Предлог законот е доставен до Владата на Република Македонија, а како предлагач се јавува Министерството за правда. Очекуваме предлог законот да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата на Република Македонија, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието на Република Македонија и ќе се пристапи кон негова целосна имплементација.
Организиравме и активности поврзани со средување на просторот каде обвинителството ќе биде сместено. Со оглед дека активностите околу средување на просторот бараат одреден временски период, а имајќи ја предвид итноста од наше предметно постапување, закупивме простор во кој привремено ќе бидеме сместени. Сепак, официјалните постории на ова Јавно обвинителство остануваат во Министерството за правда“, соопшти Специјалното обвинителство.