Интервју со Махи Несими

Ја тужам државата на два фронта

Големите одлуки не може да се носат врз база на желбите на властодршците, вели познатиот новинар и публицист, Махи Несими, кој имаше и политичка кариера како претседател на Партијата за демократски просперитет, а беше и амбасадор во Хрватска и кој сега води двојна правна битка со државата. 

Тој деновиве поднесе Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на последните парламентарни избори. Како долгогодишен аналитичар на изборните модели и на одржаните избори во земјава, смета дека беше нарушена рамноправноста на гласачите, а со тоа и регуларноста на изборните резултати. Втората правна битка Несими ја води против државата од која бара отштета откако правосилно беше поништено лустрациското решение против него. Ахмети и Груевски создадоа инквизитори кои извршуваа задачи против неистомислениците, нанесувајќи им неправда, но и болка на нивните семејства, вели Несими.

Господине Несими, вие бевте лустриран со решение на некогашната Комисија за лустрација за период кога работевте како новинар. Ваквото решение не можевте да го прифатите, сметавте дека е нанесена голема неправда врз вас и по законски пат ја оспоривте, а судот донесе правосилна пресуда во ваша полза, отфрлајќи го ова решение на Комисијата. Сега решивте да ја тужите државата и барате отштета. Очекувате дека судот повторно ќе биде на ваша страна и ќе го прифати вашето тужбено барање за висината на отштетата?

- Да, точно така, но во времето кога се случи лустрацијата веќе не работев како новинар, ама затоа бев доста активен во пишуваните медиуми на албански и на македонски јазик и чест учесник во дебатни емисии на двата јазика на кои се третираа исклучиво политички теми. Неправдата која ми е нанесена не може да се надомеси со никаква сума на пари, бидејќи последиците од таквиот потег на инквизиторите се струполија и врз моето потесно и пошироко семејство. Лустрацијата врз мене им наштети и на многу други, инаку видни луѓе, мои пријатели, другари и соработници од политичката и интелектуална сфера, не само од Македонија. Отштетата што ја барам не ја сметам како надомест на нанесената неправда, туку како предупредување до разните чинители во државата дека крупни одлуки не треба да се носат врз база на желби и директиви на властодршците. Политичките режими произведуваат секакви структури кои на граѓаните им нанесуваат неправди. Режимот на Груевски и Ахмети произведе и инквизитори кои се поигруваа со човечки судбини. Цената на аздисувањето на властодржците јас ја платив многу, многу скапо. Редот за плаќање сега е на државата.

Постои впечаток во јавноста дека лустрацијата беше процес, ако може да се изразиме во ваш стил, на „прочистување од неистомисленици". Се сеќаваме и на некои од минатогодишните „бомби" кои на интернет ги објавуваше Ел Чека, во кои нелегално снимени разговори се спомнува и вашето име. Лустрацијата беше одмазда кон вас поради вашите ставови и коментари во јавноста?

- Ако се анализира тоа што се случи со лустарцијата несомнено се заклучува дека основна цел на таквите чекори е одмаздата врз поединци кои имале храброст за развојот на земјата да дебатират јавно и критички. Во мојот случај тоа доста транспарентно е видливо од споменатите „бомби". Одмаздата се прошири во многу сегменти на моето дејствување и живеење. Познато е дека заради несогласување со политиката на власта беа лустрирани многу повидни луѓе па и академици. Јасно е дека лустрацијата во Македонија беше спроведена на најлош можен начин. Беше по нарачка, тенденциозна и насочена кон неистомислениците. Јас со изнесените ставови настојував да укажам на недостатоците на водењето на државата, на тешкотиите со кои ќе се соочиме во иднина, на мерките кои навреме треба да се преземаат. Таквите ставови се карактеристични во моите јавни настапи. Тоа го чинам и сега, можеби и поостро и поотворено од минатото.

Значи, нарачката како што велите е од тогашната владејачка структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Вие бевте амбасадор на Македонија во Загреб, претходно и политичар, познат новинар и публицист. Какви беа последиците по вас и вашето семејство?

- Вашата констатација е потполно на место. Лустрацијата секако дека влијаеше на мојот углед, иако сметам дека поголемиот број на граѓани кои ме познаваа беа убедени дека се работи за пресметка како со неистомисленик. Единственото прашање што ми го поставуваа пријателите се состоеше во поглед на моите несогласувања со тогаш актуелните политичари, бидејќи друга причина не можеше да се најде. Виден интерес за мојата лустрација покажуваа и дипломатите. Вкупно пет амбасади остварија контакти со мене за да сознаат нешто повеќе зошто се случи мојата лустарција.

Во времето на лустрацијата јас ја објавив првата и единствена книга за др Неџат Аголи. Структурите на ДУИ книгата ја бојкотираа и игнорираа. Медиумите не покажуваа никаков интерес за книгата, не известуваа дури ниту од промоциите. Министерството за култура не откупи ниту еден примерок. Така, книгата ја нема во библиотеките во Македонија. Пријателите во Приштина се откажаа од организацијата на промоција на книгата.

Со цел да ги избегнам шиканирањата се повлеков од јавниот живот и внимателно се однесував во секој поглед. Одредени членови на потесното семејство свесни за организираната хајка, достоинствено ги преживеаја своевидните последици. На крајот, ќе нагласам дека без оглед на лустарцијата, деспотскиот режим на Никола Груевски и децениското лицемерие и демагогија на Али Ахмети не успејаа да ме замолчат. Напротив, нивното криминално владеење аргументирано го презентирав во поголемиот дел на книгата „Албанците на Македонија и иднината на државата". Лустрацијата која се спроведуваше во Македонија е очигледен пример до какви катастрофални последици по граѓаните може да произведе забегана власт.

Втората правна битка со државата, ако може така да кажеме, иако таа не е на личен план, е иницијативата што деновиве ја поднесовте до Уставниот суд за оценување на законитоста и уставноста во спроведувањето на последните парламентарни избори. Кој беше конкретниот повод и што мислите, како уставните судии ќе се произнесат?

- Дали Уставниот суд ќе каже дека изборите се завршена работа или пак ќе донесе конкретна одлука останува да видиме, но во секој случај, топката е кај судиите, а јас сакам јавноста да ја информирам и државните институции дека на последните избори е прекршен Законот за избор на пратеници. Ја оспорувам рамноправноста на гласачите во гласањето по изборните единици, а со тоа и самата регуларност и законитост на овие предвремени избори. Разликата во бројот на избирачи помеѓу изборните единици го надминува законскиот праг од плус - минус 5 отсто. Сигурно дека иницијативата ќе ја поднесев и пред изборите, но Државната изборна комисија бројот на избирачи по изборни единици го објави откако заврши гласањето. Направив сѐопфатна анализа со која докажувам дека е нарушен еден од критериумите за валидност на изборите - рамноправоста на избирачите помеѓу изборните единици изразена преку нивниот број по изборни единици која треба да биде приближно иста, односно да се движи во законските рамки.

Што вели анализата преку која, покрај правните формулации, несомнено е содржана во иницијативата до Уставниот суд?

- На последните избори е прекршен членот 4 став 7 од Законот за избор на пратеници бидејќи разликата во бројот на избирачи помеѓу изборните единици го поминува тој законски праг од 5 отсто. За илустрација, Изборната единица број 2 има повеќе од 5 отсто број на избирачи во однос на просечниот број избирачи кој треба да е распределен по изборните единици, додека пак, Изборната единица број 4 има за 6,57 отсто помалку избирачи од просечниот број. Во Изборната единица број 3 има за дури 7,89 отсто помалку избирачи од просекот на избирачи. Со други зборови тројката и четворката имаат помалку избирачи од дозволениот законски праг. Изразено со прости бројки, во втората изборна единица имаме 19 илјади избирачи повеќе од просечниот број, а во третата единица за 23.800 помалку избирачи, што значи дека станува збор за над 40 илјади избирачи разлика помеѓу едната и другата изборана единица.

Да потсетам дека навреме можеше да се реши овој проблем, бидејќи пред распишувањето на овие избори Собранието направи законски измени со кои 12 избирачки места беа префрлени од Шестата во Петтата изборна едница, со што разликата во бројот на гласачи во однос на другите изборни единици беше доведена во рамки на законските критериуми.

И да потсетам, законот по истата основа беше прекршен и на изборите во 2006 година и во 2008 година, кога тогашниот законски праг од плус минус 3 отсто, утврден со законските решенија од 2002 година, бил надминат дури и за 5 отсто. Потоа, Собранието увидувајќи го законското прекршување, цензусот го покачи на 5 отсто, а ете гледаме дека сега и тој тогаш зголемен праг е надминат. И тогаш реагирав па за мојот труд „Обесчестена волја", во кој ги анализирав пред сѐ нерегуларностите на изборите од 2008 година ја добив наградата за публицистика. За анализата пак, на првите повеќепартиски избори во Македонија од 1990 година ја добив државна наградата за новинарство.

                                                                                        П. Џамбазоски

Објавено

Сабота, Октомври 10, 2020 - 07:53

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе