Како што јави дописникот на МИА од Софија, во извештајот се соопштува за сериозна корупција. Корупцијата, заедно со неефикасноста и недостиг на отчетност, се меѓу причините за ниското ниво на доверба во судството, и покрај тоа што Уставот и законите предвидуваат тоа да биде независно. Во Извештајот се изразува загриженост поради недостигот на судска контрола против одлуката на обвинителството да не покрене истрага и поради влијанието на обвинителството врз Вишиот судски совет на Бугарија.
Американскиот Стејт департмент обрнува вниманието и на податоците за нелегалното прислушување и следење во Бугарија, повикувајќи се на заклучокот на специјалната комисија во Националното собрание за над 900 лица, меѓу кои и политичари, судии и новинари кои биле следени за време на антивладината протести во 2020 година. Извештајот ја разгледува и истрагата за полициското насилство врз демонстрантите.
Во документот се наведува дека независните медиуми биле отворено нападнати од политичари на сите нивоа и биле под административен и судски притисок. Цитирана е изјава од мај 2021 година на поранешниот генерален директор на Бугарското национално радио, Андон Балтаков, кој вели дека законот во земјата фаворизира политичко мешање во управувањето со медиумите преку контролирано финансирање.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација ‘Илинден’, Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, се вели во дел од Извештајот посветен на слободата на здружување.
За ОМО „Илинден“ пишува и во делот од извештајот што се однесува на „системско расно и етничко насилство и дискриминација“. Во овиј дел се наведуваат тврдења на припадници на ОМО Илинден за случаи во Благоевград, кога на националните пописни шалтери им кажувале на поединци што сакале да се изјаснаат како Македонци дека „македонска“ не е достапна опција за етничка идентификација.