Со законските измени се овозможува реализација на мерката „Викенд без ДДВ“, како дел од најавените антикризни мерки на Владата.
За пратениците од СДСМ ова е проект од интерес на граѓаните и ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет.
Опозицијата, пак, оцени дека законот е напишан набрзина и оти има задоцнетост во неговата примена. Според нив, граѓаните нема да имаат никаква корист, а проектот бил наменет само за тие кои имаат „паметни телефони" и се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“. Нивниот предлог беше да има четири викенди без ДДВ, по еден во ноември и декември и по еден викенд во јануари и февруари следната година. Така, велат, ќе се заштитело здравјето на граѓаните и немало да има турканици во продавниците, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи.
Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд меѓу 10 и 12 октомври. Проценките се дека околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.
Преку оваа мерка, според проценките, ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.
Во законот се наведува дека фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на ДДВ ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи најдоцна три дена од рокот на издавање. Враќањето на целосниот износ на данокот ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.