Конститутивна седница на новото Собрание

Избрана Верификациската комисија, ќе ја води Јагода Шахпаска

Со интонирање на македонската химна почна првата седница на новиот парламентарен состав, а на почетокот беа избрани претседателот и членовите на Верификациската комисија.

За претседател на Комисијата на предлог на претседателот во претходниот состав Талат Џафери, кој ја води седницата, беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.  Вкупно гласаа 117 пратеници. „За“ гласаа 115 пратеници, „против“ немаше, а „воздржани“ беа двајца пратеници.

На седницата којашто се одржува во салата Голема купола поради заштита од ковид-19., а се гласа со картончиња, затоа што во новата сала нема електронски систем за гласање.

Веднаш по изборот на Верификациската комисија, пратениците заминаа на пауза што ја даде Џафери, за да се разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени парламентарни избори.

„Го молам претседателот на Верификациската комисија да свика седница на која ќе го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија одржани на 15 јули 2020 и дополнително да поднесе извештај со предлог за верификација на мандатите“, рече Џафери.

Инаку, на оваа седница од 120-те пратеници не присуствуваа само тројца.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.

На седницата како гости се поканети претседателот Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судски совет на Република Северна Македонија, јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народна Банка на Република Северна Македонија. Седницата во својство на гости ќе ја проследат и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата , претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република Северна Македонија.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието им беше мерена телесна температура, по што  им беше овозможено да влезат во зградата, а на сите влезови се обезбедени средства за дезинфекција.

 

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе