Локални избори

Избирачкиот список затворен, во понеделник почнува кампањата

Вкупно 1.824.864 граѓани ќе можат да гласаат на локалните избори закажани за 17 октомври 2021, откако вчера беше затворен Избирачкиот список на седница на Државната изборна комисија (ДИК). Според роковникот, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од негосогласно роковникот најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите.

Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82.461 лица кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган; 1.899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Изборната кампања ќе почне в понеделник (27 септември) односно 20 дена пред денот на изборите и треба да заврши на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Утврдените листи на кандидати за Локалните избори веќе се објавени од ДИК и од општинските изборни комисии, познати се кандидатите за градоначалници и за членови на советите во локалните самоуправи.

По претставниците од сите политички партии, учесници на претстојните избори,  Кодексот за фер и демократски избори, вчера го потпишаа и голем дел од кандидатите за градоначалници во општините. Со Кодексот тие се обврзуваат дека нема да вршат притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од државниот буџет, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

 

Со Кодексот учесниците во изборниот процес, исто така, се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана во однос на вработување и социјална сигурност поради нивното поддржување или неподдржување на која било политичка партија или кандидат.

Привремена Комисија на Јавното обвинителство ќе следи евентуални изборни нерегуларности на претстојните локални избори заради заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно дејствување. Нејзин претседател ќе биде Џељаљ Бајрами, а членови се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.

„За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик”, информираше Обвинителството.

Инаку, на Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Тие во државава треба да стигнат најдоцна до 1 октомври согласно договорот со германската компанија „Дермалог".

Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од ковид-19  и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе