Интервју со поранешниот хрватски претседател

Јосиповиќ за МКД.мк: Вам местото ви е во ЕУ, а бугарската уцена на која сме сведоци е незауздан национализам

Неправедно е да се оспорува македонскиот идентитет и да се става на тест со уцена.  Има многу случаи во кои две држави различно ја гледаат историјата, но тоа не е пречка за добра, дури и одлична соработка и пријателства, вели поранешниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ во интервју за МКД.мк. Јосиповиќ, кој инаку е член на здружението на граѓани Македонско-хрватска тангента, во тој контекст додава дека никој, па ни Бугарија, не треба колаборацијата со Хитлер да ја маскира со други имиња и со тоа да ја намалува грешката на оние што се одговорни за неа.

Фото: ЕПА

Со оглед на тоа дека како поранешен претседател на Република Хрватска добро сте запознаен со ситуацијата на Западен Балкан, како сега гледате на она што се случува со Македонија и Бугарија? Како го доживувате тоа?

Всушност, по малку сум изненаден, но и разочаран од ставот на Бугарија, која го условува својот глас за отворање на преговорите со целосно неприфатливи барања. Имплицитно бара Македонците да прифатат дека всушност се Бугари. Нивниот гест е незауздан национализам, целосно неевропски. Жал ми е, бидејќи досега немав впечаток дека Бугарија на кој било начин би сакала да го опструира влезот на Северна Македонија во ЕУ. Инаку, Бугарија е земја со којашто Хрватска многу добро соработува, ги почитувам нивниот народ и култура. И историските врски меѓу нашите земји се прилично цврсти. Дотолку повеќе, жал ми е што вака настапија.

Очекувавте ли ваков развој на настаните на патот на Македонија кон ЕУ?

Нималку! Мислев дека по Преспанскиот договор и неговата ратификација повеќе нема поголеми политички пречки и дека останува, навистина, не баш лесен процес на усогласување на Македонија со законодавството на ЕУ. Сепак, гледајќи го ентузијазмот што за влез во ЕУ го има не само владејачката структура, туку и голем дел од општеството на Северна Македонија, мислам дека постојат услови за релативно брз напредок и влез во ЕУ.

Мислите ли дека ова вето, за кое бугарските политичари тврдат дека не е вето, е резултат на внатрешната ситуација во земјата пред изборите во март в година или можеби се работи за комплекси, или пак нешто трето?

Да се надеваме дека Бугарија сепак својот Меморандум ќе го толкува не како вето или услов за натамошните чекори во пристапувањето на Северна Македонија, туку како повик историчарите да расправаат за спорните прашања, без да се условува нужно единствен став за тоа. Има многу случаи во кои две држави различно ја гледаат историјата, а тоа да не е пречка за добра, дури и одлична соработка и пријателства.

Еве, Хрватска и Унгарија делат значаен дел од историјата и различно го гледаат. Еден од нашите историски јунаци, Никола Шубиќ Зрињски, го ужива нашето големо почитување и го сметаме за великан на нашата историја. Од друга страна, Унгарците го викаат Миклош Зрињи и го сметаат за свој благородник, кој само во Будимпешта има неколку големи споменици.

Марко Поло ние го сметаме за голем хрватски морепловец. Се родил на Корчула и прв од Европа отишол во Кина и ја истражил. Од друга страна, во Италија го сметаат за Италијанец. Или различното гледање во Хрватска и во Турција на присуството на Османлиите на подрачјето на Хрватска. Нашата „Сињска алка“ е симбол на битката во која Хрватите ги поразиле Османлиите. Во времето на мојот мандат на „Сињска алка“ дојде турскиот амбасадор во Хрватска како пријател и беше испратен со овации од многубројната публика.

Такви примери има многу и покажуваат дека, иако не ја гледаме заедничката историја на ист начин, тоа не смее да биде пречка за соработка и добри односи. Се разбира, колку што се временски поблиски спорните случувања, толку полесно доаѓа до тешки зборови и политички спорови.

Не би нагаѓал кои биле мотивите на Бугарија за таков меморандум. Можеби навистина внатрешните проблеми ја навеле тамошната влада да го повлече тој потег. Само, се надевам дека позицијата на Бугарија во однос на историските спорови нема да биде таква како што изгледа денес.

Во Бугарија долго го користеа тврдењето дека Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја, а сега тоа се прошири. Излегува дека до ’44 сите сме биле Бугари, сме зборувале бугарски, а потоа дошле Коминтерната и Тито и одлучиле да ја формираат Македонија и македонскиот јазик. Тука се и историските личности, заедничка историја или не... Како Ви изгледа сето тоа?

Велам, историјата не е еднозначна и различно ја гледаме. Факт е дека денес постои македонски народ и национална држава во која Македонците, Албанците и останатите нејзини граѓани ги остваруваат своите животни интереси. Кој има право да тврди дека некој народ и нација не постојат ако милиони луѓе се чувствуваат како негови припадници. Се надевам дека во Македонија ја препознавате важноста на Тито и политиката што кон Македонија, денес Северна Македонија, ја водеше Југославија. Тој период ми се чини е многу важен за јакнење и изградба на целосната сувереност на денешна Северна Македонија.

И сега кому да му „заблагодариме“ што постоиме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, на Тито, на Коминтерната, на Бугарија, бидејќи тие велат дека нѐ ослободиле во Втората светска војна и дека не биле окупатори, туку администратори во Македонија...

Всушност, не треба никому да му заблагодарувате за својот национален идентитет, припадност и јазик. Никој не го сторил, ниту пак би можел да го стори тоа ако кај народот не е формирано чувството на заедничка припадност на културниот, историскиот и политички ентитет што го означуваме како македонски. На Тито и на Југославија треба да им се заблагодари за препознавањето и уважувањето на тој факт и овозможувањето македонскиот идентитет да се афирмира и низ државноста во бившата Социјалистичка Република Македонија.

Што се однесува до Втората светска војна, ниту една држава не треба колаборацијата со Хитлер да ја маскира во некои други називи и со тоа да ја намалува грешката на оние што се одговорни за таа колаборација. Ние во Хрватска имаме проблем на растечка усташофилија и се надевам дека ќе го решиме на единствениот можен начин - со карактеризирање на усташкиот режим како колаборационистички и злосторнички. Ни бугарската колаборација не би требало да се нарекува со други имиња, а нејзините резултати, во коишто спаѓа и окупацијата на дел од Македонија, не треба да се третираат поинаку од она што таа навистина била.

Како набљудувач од земја членка на ЕУ, како сето ова влијае на имиџот на самата Унија, чиишто начела прилично се разликуваат од она што сега се случува со Македонија и покрај фактот дека сме мала земја во регионот за кој Брисел вели дека му е важен? Бидејќи ова не е првпат, беше Грција, па потоа Франција со новата методологија.

Хрватскиот пристап во ЕУ беше многу подолг и потежок отколку што очекувавме. Барањата за новите членки се сѐ поголеми и поголеми и ние тоа јасно го почувствувавме. Но низ преговорите и усогласувањето Хрватска навистина стана подобра држава и подобро општество. За жал, по влегувањето во ЕУ дојде до одредена општествена регресија. Тоа го гледаме и во некои други држави што се оддалечуваат од европските вредности.

Мојата препорака е, Северна Македонија не треба да се исцрпува со приговорите кон ЕУ и со позицијата на жртва, од тоа и онака нема да има корист. Целата енергија треба да ја насочи на реформи, а евентуалната политичка опструкција на крајот ќе отпадне. Тоа е и нашето искуство. Дотолку повеќе што убавите, добрите принципи, не само во ЕУ, секогаш се во искушение под притисоците на особени политички и економски интереси.

Неодамна рековте дека Хрватска некоректно молчи и жално е што, за разлика од неколку други членки на ЕУ, не реагираше на бугарскиот Меморандум, којшто го опишавте како националистички памфлет. Не реагираше ниту Словенија, на пример. Зошто не реагираа, се поведоа кон мнозинството во Клубот или мислат дека не можат ништо да постигнат?

Искрено, не знам. Тоа мора да го прашате премиерот Пленковиќ. Тој, инаку е вистински Европеец, во добрата смисла на зборот. Дали се работи за обѕири кон бугарската влада, која исто така е дел од Европската народна партија (ЕПП) во ЕУ, или просто не сметале дека можат нешто да направат, навистина не знам.

Сега кога ќе помислите на Македонија, што Ви паѓа прво на памет, и во политичка, но и друга смисла?

Помислувам на многубројните пријатели Македонци, на преубавата македонска музика и врвната кујна. Не онаа политичката... Таа политичката во сите држави е премногу горчлива и прелута... Всушност, што се однесува до политиката, денес сѐ помалку ме интересира дневната политика, па и онаа во Хрватска. Но, се држам до правдата како основен концепт на политиката. Токму затоа, бидејќи е неправедно да се оспорува македонскиот идентитет и да се става на тест со уцена, го кренав гласот против тоа. На Северна Македонија и нејзините граѓанки и граѓани местото им е во Европската Унија, а уцената на која сме сведоци е неправедна.

Жана П. Божиновска

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе