„За оваа одлука ние разбравме преку медиумите. Во сопштението на Уставниот суд стои дека е донесена одлука за неповедување на постапка за утврдување на уставноста. За нас многу ќе биде битно да го прочитаме обралозожението. Тоа ни е многу битно. Интересен беше моментот кога вицепремиерот Артан Груби им се заблагодари на судиите, што повторно фрла сомнеж на целата ова работа. Повеќе нема што да постапуваме бидејќи Уставниот суд требаше последен да го каже својот збор. Ние направивме се што можевме“, изјави Ивановска.
Законот со кој американско-турскиот конзорциум „Бехтел Енка" треба да ги гради автопатиштата на коридорите 8 и 10, а кој го оспоруваа антикорупционерите и побараа да се стопира неговата примена и да биде поништен, за Уставниот суд не е противуставен.
Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, се наведува во соопштението на Уставниот суд за одлуката.