Во Прага

Иванов-Земан: За неуспешниот референдум потребна е одговорност, а се знае чија е

Ако е многу ниска излезноста на референдумот тоа може да значи три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање. Кое од овие три работи важи за Македонија тоа треба самите да си одговорат, порача претседателот на Чешката Република, Милош Земан, на заедничката прес конференција со претседателот Ѓорге Иванов, кој престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република.

Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на прес-конференцијата рекол дека „не можеме слободно да ги интерпретираме Уставот и законите, а тие јасно кажуваат што е успешен, а што неуспешен референдум“.

„Фактот е дека ние имаме неуспешен референдум. Која и да е друга интерпретација не може да ги промени бројките кои се фиксни и се знаат. Затоа јас повикав на одговорност. На сите што ја посетија Македонија, а имавме многу странски претставници кои во изминатиов период ја посетија Македонија, им укажував дека до ова ќе дојде. Затоа што не може ЕУ и НАТО да биде алиби за лош и штетен договор. Не можете да прифаќате договор во кој постои одредба дека ќе се оди на референдум, а вие да не обезбедите национален консензус во државата. Не можете да прифатите промена на Уставот, без да обезбедите двотретинско мнозинство во Парламентот. Затоа посочив дека за ова треба некој да одговара, а одговорноста се знае чија е. Што побргу дојдеме до одговорност, толку полесно можеме да го продолжиме овој процес кој е многу чувствителен, многу комплексен и кој ја држи Македонија веќе 27 години заложена од ирационални барања на нејзиниот јужен сосед“, изјавил Иванов.

Во однос на членството во НАТО и ЕУ, тој кажал дека Македонија е жртва на двојни стандарди и дека други земји со нерешени билатерални односи веќе се членки на ЕУ, па ги посочил Словенија и Хрватска.

„На нив им беше дозволено да ѝ се приклучат на ЕУ, а на Македонија не ѝ е дозволено дури ни да ги почне преговорите за влез. ЕУ досега неправедно ја третираше Македонија“, рекол Иванов.

Претседателот рекол дека Договорот со Грција не содржи гаранции дека ќе биде почитуван од грчка страна и потсетил дека Грција не ја испочитува ниту Времената спогодба, ниту пак пресудата од Хаг.

„Во договорот нема гаранции. Тој договор е правен лично од премиерот, без да знае претседателот на државата. Ние како државен врв во Македонија сме изградиле национален консензус во изминатите години. Тоа било став и на претходните претседатели и во Собранието е донесена декларација во 2008. Ние прифаќаме решение, но никојпат не сме прифатиле промена на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име“,  изјави Иванов на новинарско прашање.

Запрашан за коментар за Договорот со Грција, Земан, пак, кажа дека не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија, но ги повика двете страни да продолжат со преговорите.

„Тоа може да трае долго, но се надеваме дека овој спор ќе успеете да го решите“, изјави Земан на прес-конференцијата.

Двајцата претседатели разговарале и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на безбедноста, како и за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Чешка.

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе