Потпис на указ од спикер

Иванов и ВМРО-ДПМНЕ најавуваат иницијативи и кривични пријави, Уставниот суд веќе поништил указ потпишан од спикер

Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото, реагираше денеска претседателот на државата по потпишувањето на Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците од собранискиот спикер Талат Џафери. Уставниот суд во 1998 година веќе поништи потпишување на указ од страна на претседател на Собранието.

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од претседателот на Република Македонија се противуставни, реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

И претседателот Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија. Најавени се и кривични пријави против претседателот на Собранието и директорот на ЈП Службен весник.

Уставниот суд уште во 1998 година веќе еднаш се произнесе за една слична ваква ситуација.

Во ноември таа година Уставниот суд го укина тогашниот закон за употреба на знамињата преку кој припадниците на националностите го изразуваат идентитетот. Тогаш законот беше потпишан од претседателот на Собранието Тито Петковски.

Иницијативата беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, Либерално-демократската партија, Демократската партија на Македонија, Лигата за демократија, Македонска народна партија, ВМРО-ДП и Светскиот македонски конгрес.

Тогашните уставни судии утврдија дека Указот со кој се прогласува Законот за употреба на знамињата… е потпишан од претседателот на Собранието на Република Македонија, во својство на претседател на државата иако на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши.

Според Судот, не е исполнет ниту еден од условите предвидени во Уставот кога функцијата претседател на Републиката може да ја врши претседателот на Собранието или тој да го заменува. Тогаш претседател на државата беше Киро Глигоров кој одби да го потпише тој закон.

Денеска и универзитетската професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Каролина Ристова-Астеруд, поранешна пратеничка СДСМ, се согласи дека со оваа постапка на Талат Џафери погазен е Уставот.

„Џафери флагрантно го повредува Уставот, тоа е правно насилие на исто рамниште како оние со физичкото во Собрание, а реакцијата треба да биде игнорирање и бојкот на овој закон-незакон, кој не е „контроверзен“, туку апла повреда на Рамковниот договор и на Уставот, и на други уставни одредби. Нека пробаат да казнуваат, врз основа на што? На недефинирани деликти? Со какви санкции, со некакви кои одат до перверзна диспропорционалност и претставуваат сурово и невообичаено казнување? По двата основа може тужби до Стразбур. Како и немање почек, и тоа никаде го нема. Законот допрва на Уставен, а за него треба реакции и кај гарантите на Рамковен и до сите институционални играчи надлежни за проширувањето. Ова овде не завршува“, коментира професорката Ристова-Астеруд на социјалните мрежи.

Законот за употреба на јазиците два пати беше изгласан во законодавниот дом, на 11 јануари и на 14 март минатата година, но претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише указот за негово стапување во сила.

Според Законот за вработените во јавниот сектор, службениците можат да примаат подароци во вредност до 3000 денари годишно, што се смета за „пониска вредност“.

повеќе

Кинеското присуство во Македонија не треба да се преценува или стигматизира, туку да се искористи,

повеќе

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците.

повеќе