Македонско-бугарска комисија

Иван Илчев: За нас е јасно дека Самоил бил бугарски цар, дека Делчев бил Бугарин, дека немало бугарска фашистичка окупација...

Македонија мора да разбере дека во Втората светска војна немало фашистичка окупација од Бугарија, учебниците мора да се сменат, мора да разбере дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека Бугарија била поделена, дека Македонците се производ на комунистичката партија... Добро е што се согласија со тоа дека Самоил бил бугарски цар и дека светите Климент и Наум биле испратени од бугарската држава и хиротонисани од бугарската црква. Тоа сега веќе треба да почне да се применува, изјави за бугарскиот дневен весник Дневник бугарскиот професор Иван Илчев, член на бугарско-македонската научна комисија што треба да ги реши спорните историски прашања меѓу двете земји во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство.

Последниот тридневен состанок на бугарско-македонската научна комисија во Скопје, што се одржа кон крајот на минатата недела, ги разбранува духовите со идејата на македонските историчари за заедничко славење на Гоце Делчев. Професорот Иван Илчев, кој е член на комисијата, во интервјуто за бугарскиот весник „Дневник“ вели дека бурно се спротивставил на ваквиот предлог. Поранешниот ректор на Софискиот универзитет вели дека македонската страна се обидела да го понуди датумот кога коските на Делчев биле префрлени во Скопје како ден за негово заедничко чествување. Станавме и цврсто рековме дека никогаш нема да прифатиме такво нешто, изјави Илчев.

Тој се жали дека сето ова се прави во рамките на еден политички договор и дека нема алатка како која било од страните може да се натера на нешто. „Она што можеме да го сториме - и тоа е вградено во договорот - е да ги дадеме нашите препораки до владите на двете земји. Комисијата е политички инструмент“.

Комисијата досега имаше шест состаноци. За што можете да кажете дека е договорено?

- Прво, македонската страна призна дека Самоил бил цар на бугарското царство. За ваква изјава, дека Самоил бил бугарски цар, во шеесетитте години од минатиот век во Македонија се одеше во концентрационен логор. Исто така, беше усогласено дека бугарската држава, бугарските владетели Борис и Симеон ги испратиле Свети Климент и Свети Наум; дека тие биле хиронотисани, прогласени за епископи, од бугарската држава во рамките на бугарската црква. Ова, да се каже во минатото, исто така беше апсолутна ерес. Зборувавме за учебниците по историја во делот за старата и средновековната историја, и беше договорено дека треба да се направат промени, но за какви промени, комисијата ќе дискутира дополнително.

Кои се главните аргументи на македонските научници за теми на кои им се спротивставувате?

- Главната теза на македонските колеги е дека во средниот век етничката припадност не го има значењето што го има сега. Што, во основа е така. Сепак,  луѓето се чувствуваа како дел од одредена нација. Велат, на пример, дека нема експлицитни докази дека населението на самоилова Бугарија се чувствувало бугарско... Што се разбира дека не е точно. Постојат десетици, ако не и стотици извори од таа епоха. Бугарската страна во ниту еден момент не се откажа од бугарските позиции.

Македонските колеги сметаат дека прават отстапки, и дека и ние треба да направиме отстапки. Но ние не сметаме дека може да правиме некаков си пазар. Ние сметаме дека треба да се држиме до историските факти и до утврдените ставови на историографијата.

Јас само ќе забележам дека Македонија сѐ уште не ја достигнала својата историја од 1989 година. Од 1913 до Втората светска војна таму ги тероризираa сите што се осмелуваа да се нарекуваат Бугари - имало само „прави Срби". Кога се создава ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија), концептот се менува, објавено е дека населението е македонско и стотици луѓе со бугарско самосвест биле испратени по затворите и дури стрелани, вклучувајќи и заслужни дејци на ВМРО.

Сметам дека петата генерација е индоктринирана во антибугарски дух. И јас сум изненаден што во нашата земја има луѓе кои мислат дека работите ќе се променат за седум или осум месеци или за една година. Она што е можно е да се преземат внимателни чекори.

Затоа улогата на политичарите е многу важна. Ние може да дојдеме до каков било договор, но ако политичарите не го спроведат тоа, нема никаде да стигнеме.

На пример?

- На пример на 24 мај македонскиот премиер Зоран Заев кажа нешто достојно дури и за Гинис. Тој зборуваше за светите Кирил и Методиј, за светите Климент и Наум, без да ја спомене Бугарија. А во комисијата веќе се согласивме за овие прашања. На последниот состанок, по повод говорот на 24 мај на колегите им кажав дека Заев рекол дека Климент и Наум отишле во Охрид, но да ве прашам, колеги, тоа Охрид, република ли е или царство?"

И како реагираа колегите?

- Некои се почувствуваа непријатно. Претседателот на македонскиот дел од комисијата, професорот Драги Георгиев е исклучително интелигентен, добар познавач. Инсистирав она што досега е договорено во комисијата, да почне и да се спроведува. Тоа влезе и во записник.

На пример нашите забелешки за потребните промени во учебниците беа испратени на македонската страна уште во ноември 2018. Тие ја одложија дискусијата за ноември 2019. Тоа е одолговлекување. За жал, нема алатка во Договорот за пријателство, преку која можеме да наметнеме одредени позиции. Нашиот министер за надворешни работи вели дека ќе го покрене прашањето со приемот на Македонија во ЕУ. Но јас како историчар, кој многу години ја изучува историјата на бугарската политика, уверен сум дека ако во сегашната ситуација од Берлин или Париз, каде не ја разбираат оваа ситуација, ни зар'жат малку, нашата влада ќе го прифати, што и да е тоа. Ако имавме цврст став како Грција, тогаш можеше нешто да се направи.

Вината е и на големите сили, и на бугарските влади и на малодушната политика на Бугарската комунистичка партија, но и на ВМРО. Бидејќи ВМРО беше најсилен приврзаник на несмасната, наивна идеја, една од најштетните во бугарската политичка историја - идејата за автономија на Македонија. Оваа идеја е фатална за бугарската историја.

Ќе остане ли во македонските учебници терминот „фашистичка окупација“ на Бугарија врз Македонија за време на Втората светска војна?

- Бугарија никаде немала фашистичко управување за да има фашистичка окупација. Поимот фашизам е вештачки внесен за да ги замени поимите нацизам и националсоцијализам. Но и таква власт Бугарија исто така немала.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе