Отворено писмо до пратениците

„Итно повлекување, со измените во Законот за јазиците се деградира државното право на македонскиот народ“

Наместо брзо усвојување, ние предлагаме ИТНО повлекување на законот за јазиците. Редно е претседателот Ѓорѓе Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава, велат во отвореното писмо до пратениците професорките Катица Ќулавкова, Гордана Силјановска-Давкова и Симона Груевска-Маџоска.

Со непарламентарна брзина, пратеникот Артан Груби, (зло)употребувајќи го европското знаме и статусот на претседател на Комисијата за европски прашања, неевропски (неделовнички и во отсуство на опозицијата) го турка законот кон гласање! Впрочем, тој го примени уште недонесен, праќајќи им тројазични покани (на македонски, на албански и на англиски) на учесниците во расправата на „неговата“ ненадлежна комисија! Во стилот на ‘Rule of Man’, Груби изјавува: законот треба да се усвои без прифаќање на ниту еден амандман, во предложената форма, што поскоро!!

Во прашање е лош закон (Аристотел) од аспект на меѓуетничките односи, владеењето на правото, Охридскиот рамковен договор, деловничката процедура, европските јазични политики и номотехниката.

Наместо брзо усвојување, ние предлагаме ИТНО повлекување на истиот од следниве причини:

Првата, називот на овој закон: не кореспондира со ставот (2) на амандманот V на Уставот на Република Македонија, затоа што, формулацијата „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните, исто така е службен јазик, како што е определено со овој член“ (превод/препев на формулацијата: „како што е утврдено подолу“ од Рамковниот договор), се однесува не само на албанскиот јазик туку и на јазиците на заедниците од ставот 6; и не води сметка за постоењето на „Закон за употребата на македонскиот јазик“;

Втората, поради опасноста со неговото донесување да се наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултиетничко и мултијазично општество, во кое македонскиот јазик е најсилниот интегративен инструмент, односно код за комуникација, како и заканата да се намали функционалноста и ефикасноста на македонската држава и нејзините органи и институции на државно и на локално ниво;

Третата, поради отстапувањето на низа одредби од уставната рамка, од Рамковниот договор, како и од релевантните документи на Советот на Европа, а особено од Европската повелба за регионални и малцински јазици; и

Четвртата, од процедурални причини, поради неговото погрешно третирање во Воведот, „како закон со којшто се врши усогласување со правото на ЕУ“, без наведување на изворниот акт на ЕУ, со полн назив, број и датум (согласно со член 135, став 4 од Деловникот на Собранието на Република Македонија) и пропуштеното враќање на Предлог-законот од страна на Претседателот на Собранието на Владата на усогласување со Деловникот, во рок од најмногу 15 дена, при чие пречекорување, се смета дека Предлог-законот не е поднесен (член 136 од Деловникот). Наместо во редовна постапка, овој закон оди во скратена, наместо пред Комисијата за политички систем, како матична, тој се најде пред Комисијата за европски прашања!!

 

Сметаме дека предлагачот, доколку детектирал отворени прашања, можел да пристапи кон евентуални измени и дополни на „Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“ (2008; 2011), иако за нас, со овој закон веќе се остварени политичките заложби на Рамковниот договор и се конкретизирани решенијата од амандманот V на Уставот на РМ, поврзани со унапредувањето на статусот на албанскиот јазик и на јазиците на другите заедници во РМ!

Ги упатуваме следните констатации, забелешки, предлози и сугестии во врска со Законот за употреба на јазиците:

 

1. Во мултиетничко и мултијазично општество, политички и стратешки е спорно да се донесе закон со којшто на национално ниво се промовира една (регионална) етничка и јазична заедница во РМ (албанската), нејзините симболи и нејзиниот јазик, наспроти другите јазични заедници со коишто треба да се гради соживот.

2. Нема сомнение дека треба да се почитуваат јазичните права на сите граѓани и на сите јазични заедници во РМ. Тоа подразбира задоволување на граѓанските и на човековите права и се поврзува со територијата на којашто историски или актуелно постои една јазична заедница, било да сочинува 20 % или помалку од 20 % од вкупната популација на републичко или на општинско ниво. Од друга страна, проширувањето на тие права на централно ниво, во форма на јазичен билингвизам или мултилингвизам, може да генерира последици за уставно загарантираниот статус на македонскиот јазик, како код за меѓусебна комуникација на граѓаните на Република Македонија, како и за коегзистенцијата и кохезијата меѓу „граѓаните, македонскиот народ и граѓаните кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи кои живеат во РМ.

3. Предлагачот ја занемарил дистинкцијата меѓу македонскиот јазик како службен јазик на целата територија и во меѓународните односи и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните како службен јазик и ги изедначил во примената на целата територија, а во некои елементи и во меѓународните односи (член 16, став 2), занемарувајќи дека во ставот (2) на амандманот V на Уставот, не пишува „како што е утврдено погоре“, туку „како што е утврдено подолу“, односно дека јазикот од ставот 1 е облигаторен и има дејство erga omnes, а јазикот / јазиците од ставот 2 е факултативен и дејствува во рамките на уставно утврдените рамки.

4. Законот ги надминува решенијата од Рамковниот договор од точката 6. „Образование и употреба на јазиците“ (точки 6.4; 6.5; 6.6; 6.7; и 6.8) во кои се дефинира рамката за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните. Не можеме, а да не потсетиме дека и насловот и содржината на точката 8 од Рамковниот договор оперираат со изразот „закони што се однесуваат на јазиците“, а не со еден закон, поради ноторниот факт дека во Република Македонија постојат повеќе закони за различни области, кои содржат и одредби за употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % или помал процент од граѓаните, коишто се носат со различно мнозинство (апсолутно и квалификувано), а не со мнозинство од присутните во кое мора да има мнозинство од пратениците од заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Превидот е направен уште во 2008 год., со донесувањето на „омнибус“ закон, каков што не постои во компаративното јазично право.

5. Секој граѓанин во РМ би можел да биде услужен, на негово барање, а во согласност со закон, на неговиот мајчин јазик, на сите нивоа, но за тоа не мора да има двојазичност во државните институции. Духот на одредбата од ставот (5) на амандманот V, е „може“, а не „мора“, како што пропишува Законот. Не се потребни јазични служби во сите општини и сите државни и други институции. Современите технологии овозможуваат ефикасна услуга од далечина, по електронски пат. Зголемувањето на администрацијата (преведувачи, лектори, филолози, инспектори, агенти и контролори на познавањето на албанскиот јазик, или на кој било друг јазик на јазичните заедници во РМ) е непродуктивно трошење, а санкциите не одговараат на факултативното користење на јазичните права, туку на императивното, кое не постои ниту во Рамковниот договор ниту во амандманот V на Уставот.

6. Потсетуваме дека употребата на јазиците на заедниците во РМ е во надлежност на Министерството за култура (а не на Министерството за правда) и укажуваме дека:

Во Основните начела, Рамковниот договор го потенцира мултиетничкиот карактер на Македонија и инсистира на негово рефлектирање во јавниот живот (1.3), како и на мирен и хармоничен развој на граѓанското општество со почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани!

Амандман IV на Преамбулата на Уставот на Република Македонија.

Потсетуваме дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски стави вето на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа во 2008 година.  

Промоцијата, заштитата и воедначената примена на јазиците како цел, согласно со Конвенцијата за регионални и малцински јазици треба да се однесува и на помалите јазични заедници, коишто се речиси заборавени во овој закон, па дури и во членот 1, став 2!

7. Нема потреба од основање државна агенција и инспекторат за промоција, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 % , а членовите 18 и 19 не се во согласност со член 9 од Уставот на РМ, односно го дискриминираат и македонскиот, како државен јазик, и јазиците на заедниците под 20 %. Примената на албанскиот јазик во институционалната практика под закана на глоби (за раководни и за правни субјекти), к