По бугарското вето

Историска вистина, доверба, гаранции...предлози многу, приближување меѓу Софија и Скопје нема

Враќање на преговарачката маса на Скопје и на Софија и на темелите на Договорот за добрососедство, модерирање на процесот на почнување на пристапните преговори со Северна Македонија, принцип консензус минус еден за одлуките на ЕУ, се дел од упатените предлози вчера, како продолжение на реакциите од изминатите денови по ветото на преговарачката рамка на нашата држава со Европската унија од страна на Бугарија. Од Бугарија, пак, повторени позициите за  добивање „гаранции за добрососедските односи и за имплементација на билатерални договори“.

„Скопје и Софија треба да се вратат на преговарачката маса, на темелите на Договорот за добрососедство и на концептот на ‘заедничкото‘, а не да чекаат да дојде март. За да најдеме решение, мора да се вратиме на Договорот за пријателство и добрососедство. Довербата во договорот е нарушена“, вели европратеникот и известувач на Европскиот парламенет за Северна Македонија, Илхан Кјучук во интервју за Бугарското национално радио (БНР).

Според него, во овој момент не е потребно никакво „националистичко шоу“ и „натпревар во национализам“, затоа што, како што вели, еден национализам сам по себе создава друг национализам.

Ќучук смета дека „пореална опција“ е да се направи „добра подготовка во следните шест месеци“, во очекување на словенечкото претседателство со ЕУ, кое ќе следи по португалското.

„Проблемот е јасен – од една страна гледаме цврста позиција од страна на Софија, во која се вели дека има проблем со идентитетот. Од друга страна, гледаме уште поцврста позиција на Скопје дека нема да отстапат од својот идентитет“, вели Кјучук.

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, пак, на средба со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва, се заложи проширувањето на Унијата кон Западниот Балкан да биде на агендата на претседавањето на Португалија со ЕУ, во првата половина на следната година.

Шаленберг жали поради тоа што разговорите за членство со Северна Македонија и Албанија не започнаа за време на германското претседателство со ЕУ. Според него, штета е што останатите членки на ЕУ не успеале да ја убедат Бугарија да се откаже од блокадата на европскиот пат на земјава, но додава дека сепак на одлагањето на процесот на проширување на Унијата свое влијание имала и пандемијата на коронавирусот.

Од Меѓународното европско движење упатија порака дека навремен почеток на пристапните преговори е инвестиција во идните генерации на ЕУ и го повикаа актуелното трио-претседателство на Советот на ЕУ да го модерира процесот на почнување на пристапните преговори со Северна Македонија и изрази надеж дека успешно ќе се отстранат сите пречки.

„Навремената одлука за отворање пристапни преговори, со што ќе се надминат некои билатерални разлики, претставува инвестиција во сопствениот просперитет, безбедноста и идните генерации на ЕУ, како и поттик за посветеноста на народот и властите на Северна Македонија за изградба на заедничка европска иднина како дел од Европската Унија врз основа на процес заснован на заслуги, наведоа вчера од меѓународното европско движење во реакција по барањето поддршка за Македонија и официјалната изјава на Европското движење во Република Северна Македонија во однос на бугарското вето.

Порака за важноста на почетокот на пристапните преговори повторно упати и шефот на државата Стево Пендаровски. 

„Позитивното сценарио за регионот опфаќа почеток на пристапните преговори за членство на Република Северна Македонија и Република Албанија во Европската Унија, забрзување на почнатите пристапни преговори на Црна Гора и на Република Србија, напредок во разговорите Белград – Приштина и зголемување на меѓународните напори во Босна и Херцеговина“, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на 10. форум To be secure (2BS).

Конкретен предлог за принцип „консензус минус еден“ стаса од Извршниот одбор на Советот на амбасадори, од каде истовремено изразија  големо разочарување што во моментов се блокирани пристапните преговори заради, потенцираат, непринципиелните ставови на Република Бугарија.

Ваквите позиции на официјална Софија, според Советот на амбасадори, во нашата јавност предизвикуваат и силна осуда, особено заради фактот дека блокадата на нашите евроинтегративни процеси доаѓа од само една земја-членка, и тоа од нашето непосредно опкружување.

„Ние ја препознаваме суштината на значењето на членството на нашата земја во ЕУ заради сопствените потреби за побрзо имплементирање на високите стандарди и критериуми на Унијата во сите области на животот и работата кај нас, но и заради геостратегиските и развојни перспективи на целиот регион на ЈИЕ. Унапредувањето на добрососедските и на регионалните односи се суштински дел на евро-интегративните процеси. Затоа, Советот на амбасадори и во својата идна активност ќе ја афирмира оваа високо поставена цел на политичката агенда на нашата земја и особено ке ја поттикнува идеата за модернизирање на механизмот на одлучување во Европската Унија , врз принципот „консензус минус еден!” Разновидноста на земјите-членки, создава реални можности, процесот на одлучување и за други важни прашања од структурен и организационен каракатер за функционирање на Унијата, да се соочи со сериозни проблеми врз постоечките принципи во ЕУ, како што овој декември тоа и се случи на РС Македонија со блокадата од страна на само една земја-членка“, наведоа од Советот на амбасадори.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пак и вчера ги повтори позициите на Бугарија, наведувајќи дека непочитувањето на Договорот доведе до одлагање на преговорите за членство со Скопје.

„Решавачки фактор што ја наведе бугарската Влада на одлуката да одбие да се согласи на старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ е немањето гаранции за добрососедските односи и за имплементација на билатерални договори“, рече Захариева.

Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу Скопје и Софија во 2017 година, како што наведе, меѓу другото, се предвидува формирање заедничка комисија од историчари „за решавање на постојните спорни историски прашања“ меѓу двете земји со консензус, која, според неа, не усепала да ја заврши својата задача.

„Бугарија сака да биде призната историската вистина. Ова не беше проблем за Северна Македонија кога го потпиша договорот – заедничка историја што ќе не обедини, а не да не раздели. Ова е целта. Ние не велиме „Овие личности се само наши“, туку „Овие личности се заеднички“. Ова е модерно размислување на две земји, особено ако сакаат да бидат заедно во Европската унија“, изјави Захариева, која нагласува дека Бугарија инсистира на именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на Република Северна Македонија“, како и на промена на учебниците во Северна Македонија, во кои, како што вели, „Бугарите се уште се претставени како фашисти“.

Захариева посочи дека бугарската Влада сака овие „нејзини забелешки да најдат свое место“ во рамки на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Не сакаме да ја запираме Република Северна Македонија, но ако немаме гаранции во преговарачката рамка, ќе биде невозможно да се каже „да“. Значи, без оглед на сегашното или следното претседателство, доколку нашите предлози бидат вклучени за дискусија во преговарачката рамка, Бугарија ќе може да каже да“, нагласува Захариева.

Таа истакна дека не гледа зошто би било проблем во преговарачката рамка да се стави одредба дека Северна Македонија треба да го почитува Договорот со Бугарија.

„Зошто е проблем во рамката за преговори да се стави и добрососедството, што е хоризонтален критериум од Мастрихт? Имаше такви содржини во преговарачката рамка на Хрватска. Ова не е преседан“, тврди Захариева.

Во меѓувреме, бугарскиот портал Вебкафе во анализа на македонско-бугарските односи оцени дека е време за промена на бугарската стратегија кон Скопје.

„Се чини дека преговорите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија повторно влегоа во фаза на стагнација, откако двете страни изградија цврсти и дефинитивни позиции во последните два дена“, се оценува во анализата.

Според авторот, во ваква ситауција на сите во Европа им е јасно дека доколку Северна Македонија сега не започне преговори со ЕУ, Русија, Турција, Кина, па дури и земји од арапскиот свет и Иран, ќе се обидат да го засилат своета влијание врз државата.

Премиерот Зоран Заев, завчера, во телевизиско гостување, порача дека  остануваме фокусирани кон полноправно членство во ЕУ.

Од ситуацијата со бугарската блокада губат и Бугарија и Северна Македонија, но, како што рече, најмногу губи Европа ако се откаже од ова.

„Има работи за кои не само што не се преговара, туку и не се ни разговара. Јас се надевам дека на нашите пријатели, зборувам за пријатели, заради тоа што бугарскиот народ е пријател на македонскиот народ, а со тоа и нивната Влада, претседателот, па дури и опозицијата треба да знаат дека правото на самоидентитет, правото на определба, правото на свој мајчин јазик е сопствено универзално право загарантирано со меѓународни договори, со универзалните човекови права и се“, рече премиерот.  

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе