Хосеин Карими, амбасадор на Исламска Република Иран во Скопје

Иран е подготвен да се брани, но смета дека конфликт не е во ничиј интерес

По повлекувањето на САД од Нуклеарниот договор, како и воведувањето нови санкции кон Техеран, Исламската Република Иран со цел да воспостави рамнотежа и да се спречи влошување на ситуацијата, одлучи да суспендира дел од своите обврски и ја запре продажбата на вишокот тешка вода и збогатен ураниум во странство, објаснува иранскиот амбасадор во Македонија, Хосеин Карими за МКД.мк. Според него, во рок од 60 дена, преку преговори со останатите инволвирани страни во нуклеарниот договор, а особено со ЕУ би требало да се најде и примени решение за проблемот.

Што се случува сега во и околу Иран?

Прашањето на ова што се случува денес датира од 2000 година. Во тоа време, американската влада покрена неосновани обвинувања и наводи дека Иран се обидува да произведува нуклеарно оружје. Со создавање на вештачка атмосфера, стекнување на европската подршка и вовлекување на прашањето до Советот на безбедност на ОН, наметнаа строги санкции против нашата земја. Ние првично започнавме преговори со Европа, а потоа со  групата 5+1 (САД, Германија, Кина, Франција, Велика Британија и Русија) и како резултат на тоа во 2015 година го постигнавме Нуклеарниот договор или Заедничкиот сеопфатен план на дејствување (ЈЦПА). Нуклеарната спогодба имаше два главни столба-Исламската Република Иран се согласи да ги ограничи своите нуклеарни активности, а САД и Европа се обврзаа да ги укинат сите санкции и да се воздржат од воведување нови санкции за Иран да може да ги искористи економските придобивки што произлегуваат од овој договор. Договорот беше меѓународен документ потврден со Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност, а земјите беа обврзани да го спроведат.

Во овој период иако не се укинаа сите санкции, посебно банкарските ограничувања, интензивно почна нашата соработка со европските земји. Десетици економски и бизнис делегации од Европа отидоа во Иран и постигнаа добри договори. Големите европски компании како што е „Тотал” и многу други компании одново ги започнаа своите активности во Иран, а ние дури успеавме да постигнеме договор за купување авиони од „Ербас” и „Боинг”. Европските земји нуклеарниот договор го сметаа за важно достигнување и со зголемување на економската соработка се обидоа да го консолидираат и зајакнат овој договор. 

Но, г-дин Трамп, од почетокот на неговата работа како претседател на САД  го изрази своето силно противење на овој договор и на 8 мај 2018 година се повлече од договорот и  наметна големи санкции против Иран. Оваа одлука беше во спротивност со резолуцијата на Советот за безбедност и беше против правилата на меѓународното право, а против ова одлука се изјаснија Европа, Кина и Русија. И покрај одлуката на Трамп, Исламската Република Иран ги исполни своите обврски и не се повлече од договорот. 14 извештаи од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)  ја потврдуваат посветеноста на Иран кон договорот.

Се разбира одлуката на Трамп и новите санкции сериозно му наштетија на нуклеарниот договор и постепено ја лишија Исламската Република Иран од економските придобивки што произлегуваат од договорот. Тоа се разбира, беше прашање на загриженост и ние чустувавме дека рамнотежата меѓу обврските и придобивките на овој договор полека исчезнува. Така што во рамките на Комисијата предвидена со договорот, четири пати на ниво на заменици министри за надворешни работи и два пати на ниво на министри се сретнавме со останатите инволвирани страни  во договорот и го изразивме нашето силно противење и побаравме од Европа да преземе посебни мерки за компензација на одлуката на САД. Европејците одговорија и ни ветија дека ќе го  зачуваат каналот за банкарски трансфер на пари, ќе продолжат да увезуват нафта од Иран, ќе ги зголемат инвестициите во нашата земја, ќе го зајакнат осигурувањето на извозот, ќе го олеснуваат транспортот, особено превозот на иранската нафта и многу други ветувања. Но, и покрај нашата трпеливост и фактот дека помина една година, за жал не се преземени никакви значајни активности.

Оттука, Исламската Република Иран со цел да се стави рамнотежа во нуклеарниот договор и да се спречи влошување на ситуацијата, минатата среда одлучи да суспендира дел од своите нуклеарни обврски. Иран одлучи да ја запре продажбата на вишокот тешка вода и збогатен ураниум во странство. Предвидениот рок е 60 дена и во овој период преку преговори со останатите инволвирани страни во нуклеарниот договор, а особено со Европската унија би требало да се најде и примени решение за проблемот. Принципот на политиката на Исламската Република Иран е  преку преговори да се најде решение за  проблемите.

Какво влијание имаше одлуката на Трамп за излез од договорот, врз Иранците и општенството во целина, како Иранците го доживуваат сето ова?

Народот на Иран оваа одлука ја прими многу лошо. Секако, г-динТрамп во светот не е толку популарен, па се разбира и нашиот народ го има истото мислење за него. По излегувањето од нуклеарниот договор и новите санкции кои влијаат врз секојдневниот живот на нашиот народ, негативно мислење за него  уште повеќе се зголеми. Од друга страна, иранското општество е разновидно општество со различни политички фракции и различни мислења, но одлуката на владата на САД доведе до поголема кохезија и единство меѓу фракциите и политичките групи.

Каква ќе биде ситуацијата по влегувањето на носачот на авиони „Абрахам  Линколн” во регионот и дали може да ескалира во нешто повеќе од само нуклеарна  дебата?

Ние исто така слушнавме за испраќање на  носачот на авиони „Абрахам Линколн” во регионот. Американските претставници тврдеа дека ова се должи на таканаречените закани на Иран против САД. Но, на прашање на медиумите, не можеа да разјаснат кои се заканите. Ние што сме во регионот, гледаме дека ситуацијата не е променета и не поестоело и не постои никаква закана против нив. Според мене, овие се мерки и зборови на екстремистите  (тврдокорните) во САД кои веќе и порано се судрија во регионот на Персискиот Залив. Исламската Република Иран сака да го зачува мирот и стабилноста во регионот. Иако Иран е подготвен да се брани, смета дека конфликтот не е во ничиј интерес.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе