Многу нејаснотии околу жртвите и преживеаните

Имало ли осми патник во автобусот?

По прес - конференцијата на бугарското Обвинителство за истрагата на автобуската несреќа и изјавата дека обвинителите и истражителите избројале 44 тела на починати патници, а не 45 како што се сметаше, и дека за Обвинителството сега има загатка дали можеби има патник кој е жив и за кој не се знае каде е, набрзо стигна уште една информација која збунува. Семејства на преживеаните патници, а колку што знаеме седум лица по несреќата се згрижени во софиската болница „Пирогов", добиле список на повредени во несреќата на кој се наоѓа и име на Арап кој, велат, не се наоѓал на списокот на патници. Уште една енигма.

Сијка Милева, портпаролка на бугарското Обвинителство, денеска рече дека во болницата разговарала со момчето кое скршило прозорец во задниот дел на автобусот, кому му кажала дека е херој зашто, поради неговата прибраност се спасени седум патници (заедно со момчето). Момчето, (Љуљзим Сулејмани од Прешево, Србија) на тоа одговорило дека вклучувајќи се и себе си, се спасиле осум лица. Милева се обидела да го поправи дека станува збор за седум лица кои се примени во болницата, но Сулејмани категорично одговорил дека знае дека се спасени осум лица.

Се постави прашањето дали и навистина биле осум лица спасени, а за едното не се знае каде е, имајќи ги предвид изјавите од директорот на болницата и од началничката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија дека лекуваат седум повредени патници, од кои шест се наоѓаат на Клиниката за изгореници, а еден на Клиниката за трауматологија. Дали исчезнал, избегал осмиот преживеан патник или дали секавањето добро го држи младиот Сулејмани? Иако, не е тешко да се брои до осум.

Македонското МНР имаше објавено список на седум преживеани патници – пет се македонски државјани, еден е српски државјанин, еден има белгиски пасош. Вкупно, седум лица.

Но, поткрепа дека со сигурност не може да се прифатат бројките кои до вчера беа објавувани, е изјавата на заменик главниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов дека обвинителите и истражителите избројале 44 тела. Значи, и навистина недостасува еден патник, ако тоа е така. Имено, не е тешка математиката – ако на списокот за тоа кој патува со автобусот, фигурираат 52 имиња на патници и возачи, седум се во болница,тогаш 45 се загинати. Но, во Судска медицина во Софија, според тоа што беше кажано, има 44 тела кои допрва треба со ДНК анализа да се идентификуваат.

Директорот на македонската Судска медицина д-р Александар Станков, кој влегол во бугарската Судска медицина, за МКД.мк вели дека има тела и остатоци од тела и дека со ДНК анализа на телата и остатоците ќе може да се каже точна бројка на загинатите.

Да бидат нејаснотиите уште поголеми, роднини на патниците, кои отишле во Софија, велат дека од болницата добиле список на повредените лица и дека на тој список фигурира и името - Шади Науф ал Салех, од Обединетите арапски емирати, кој не е на списокот на патници. Таква изјава за Бугарската национаолна тепевизија даде и синот на вториот возач на автобусот, Бесар Мемеди.

Дали станува збор за техничка грешка на болницата при пишувањето на списокот, дали МНР не добило комплетен список со имиња, дали можеби се работи за неточни изјави на роднините? 

Во секој случај, од денеска се отворија низа нејаснотии. Дали и навистина имало уште еден патник кој е жив, а за кого не се знае каде е?

Истражителите и обвинителите избројале 44 тела, болницата избројала седум пациенти, а во списокот се 52 лица! 

Ако пред несреќата имало прекачување на патници, имајќи предвид дека четири автобуси на „Беса транс" патувале во конвој од Истанбул кон Скопје, а несреќниот бил последен, тогаш загатката можеби ќе ја реши МВР. Со анализа на списоците на патници на четирите автобуси со имињата на загинатите патници откако ќе биде завршена идентификацијата со ДНК анализа.

Или пак, имало и „слеп" патник, кој не се наоѓал на списокот на патници, можеби спомнатиот Арап, Ал Салех.

П.Џ.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе