Илинден 2019: Македонските политичари со пораки за помирување и повик за избори

Пораки за помирување и единственост пред крупните и стратешки цели – членството во НАТО и ЕУ, беа клучни поенти во вчерашните обраќања на државниот врв, на трите места на кои се одбележува Денот на Републиката – 2 Август Илинден.

На чествувањето во Скопје, кое првпат се одржа пред претседателската вила на Водно, претседателот Стево Пендаровски истакна дека државата е заедничка одговорност и најголем предизвик денес е граѓанското помирување, а владеењето на правото, рече, да биде темелна вредност со која не смее да се прави компромис.

„Да ги надминеме историските поделби и непотребните политички конфронтации… Да се обединиме во еден единствен фронт за реализација на нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна европска држава – членка на НАТО и на Европската Унија. Да градиме демократска држава во која успехот на едниот нема да биде врз грбот на другите“, порача шефот на државата.

Во духот на слоганот на годинашното чествување „Сите сме деца на Илинден", премиерот Зоран Заев од Крушево порача дека  продолжуваат политиките на надминување на поделбите. Наша патриотска должност, нагласи Заев, е да се обединиме и помириме внатре,  додавајќи дека Мечкин Камен „не треба да биде камен на сопнување, туку камен-темелник на помирување, заедништво и разбирање".

„Не треба да чекаме повеќе, време е да стануваме и да се биеме, сами ние Македонците да се бориме за земјата. Нема подобар начин да им се оддолжиме на нашите херои, освен со продолжување на нивните храбри дела, оживотворени во Крушевскиот манифест и решенијата на АСНОМ“, истакна Заев.

Пораки за заедништво имаше и во говорот на претседателот на Собранието Талат Џафери во Пелинце, кој зборувајќи за напредокот во интегрирањето во НАТО и во ЕУ рече дека народот ја дал довербата, а дека „сите ние сме подеднакво одговорни и за подемот и за застојот на тој пат“.

Минатите две и пол години ги нарече „најжешките години во историјата на земјава", период на донесување тешки меѓутоа државнички одлуки за деблокирање на процесот, а најважно е дека, како што рече,  „се вративме на брзата пруга за евроатлантска интеграција".

Лидерот  на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, која и годинава Илинден го чествуваше во струшкото село Ташмаруништа, побара поддршка и масовност на следните парламентарни избори кои, рече, треба да се брзи и итни и со нив народот ќе се избори за обнова на Македонија.

Пораката на Христијан Мицкоски беше дека „не смееме и немаме историско право да се одречеме, ниту да го посрамотиме" делото на илинденците…. „нивната жртва нема да биде залудна ако нашите дела бидат вистински".

„Гоце Делчев е нашата светост, и ќе преговараме и ќе разговараме сè додека не докажеме која е вистинската вистина дека Гоце е Македонецот којшто се борел за независна, суверена и македонска држава… Лесно е да се откажеш и да го рушиш она што се градело со векови, тешкото е да го сочуваш“, рече Мицкоски во обраќањето кај споменикот на паднатите востаници во Ташмаруништа.

 Делегација на ВМРО-ДПМНЕ имаше и на централното чествување во Крушево каде, како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николовски, „очигледно од организирани партиски луѓе“  не биле удостоени со соодветен пречек, а биле спречени и да положат венец во споменикот „Македониум" зашто организаторите не ги известиле за измена на терминот. Владата тоа го демантираше со тврдење дека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ биле уредно поканети и известени за организациските детали и протоколот,  но дека не се појавиле.

На чествувањето на двата историски Илиндена – 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ немаше инциденти. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека чествувањето поминало „обединето, достоинствено, честито"  и за тоа им се заблагодари на граѓаните што празнуваа и на полицијата ангажирана на настаните. 

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе