Отворено писмо

Илија Димовски го повика Стево Пендаровски да не го потпишува Законот за попис за кој нема функционален и минимален консензус

Очигледна е вашата јавно прокламирана желба да бидете критични и објективни кон политичките процеси раководени од актуелната власт, но за жал, не сме виделе и доволно конкретни дејства и постапки кои ви стојат на располагање со Уставот на Република Македонија, а во насока за реализација на вашата прокламирана цел, му пишува Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на претседателот Стево Пендаровски и го повика да не ги потпише измените во Законот за попис.

„Знаејќи дека сте во тек со носењето на Законот за попис кој е во собраниска процедура, а користејќи ја најкратката и најтесната скратена постапка со европско знаменце која воопшто не дава платформа за суштински и сериозни измени во неговата содржина која ќе трае максимум два дена, како граѓанин кој не гласал за Вас, но и граѓанин кој го почитува Вашиот авторитет како претседател, би замолил да преземете конкретни дејствија во врска со овој закон.

Не е опасно пописот во Македонија да се одржи и еден месец подоцна, наместо во април да е во мај, опасно е тој да ја има судбината на сите пописи до сега, да биде оспоруван и неприфатлив за некој поголем сегмент од нашето општество.

Пописот не е дневна политика или локален општински комунален проект. Пописот е процес во кој и Вие имате обврска да обезбедите десетгодишна доверба и потенцијал за имплементација.

Во Македонија институциите (во случајов Државниот завод за статистика) сеуште не располагаат со доверба како од граѓаните, така и од политичките партии (во опозиција), дека се способни да извршат определен сложен процес без никакво политичко влијание. Токму затоа е потребен политички консензус кој само Вие, во оваа фаза можете да го обезбедите.

Во периодот кога се водеа преговорите за Законот за попис за 2020 година имаше повеќе разлики. Власта не прифати и сеуште не покажува спремност да прифати ниту една, како на пример да се попишува само резидентно население, а во процесот да бидат вградени бројни контролни механизми на градење доверба.

Дополнително, овој предлог на закон кој власта скоро сигурно ќе го изгласа денес или утре, не е воопшто по стандарди на Обединетите нации, ЕУ и Еуростат. Ако не верувате во тоа што јас Ви го предочувам, проверете сами.

Од горенаведените причини како претседател на Република Македонија во рамки на своите надлежности Ве повикувам Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година да не го потпишете без претходно да направите консултации со лицата кои ќе го спроведуваат процесот (ДЗС), претставници од владејачкото мнозинство, претставници од опозицијата, но пред се луѓето кои биле дел од пописите одржани во минатото. Пописот од 1991 година е со нецелосен опфат и затоа во 1994 година се спроведе повторен попис (прв од осамостојувањето). Пописот од 2002 година е последниот спроведен и до ден денес е оспоруван легитимитетот на истиот. Пописот од 2011 година не се заврши.

Поучени од минатото, да ја градиме иднината, а без податоци, не можеме да планираме.

Собранието ќе има време во јануари, со општ консензус и делумни измени на предложениот закон, да донесе општо прифатлив закон доколку со ваше конкретно дејство создадете услови за тоа.

За поздравување е вклучувањето на базите на податоци при вкрстувањето на податоците, но гласно го поставувам прашањето зошто е испуштена најобемната и според мене најверодостојна база на податоци на резидентно население која ја има Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Ова пропуштање зрачи со затскриени намери.

Во поглед на европското знаме кое се употребува во носењето на законот и опфатот на населението кое ќе се попишува, би било добро да истражите кои земји членки на ЕУ ги попишуваат и државјаните кои се надвор од државата подолго од една година. Нема такви. Се попишува населението, а не државјаните. Впрочем, и денес точно знаеме колку државјани има Република Македонија, но не знаеме колкаво население живее во државата.

На самиот крај, и Ваша е одговорноста ако пописот доведе до дополнителни поделби по различни основи во општеството. Претендираме да сме дел од Европската Унија и затоа ни се потребни кредибилни податоци добиени на попис според стандардите на Обединетите нации, ЕУ и Евростат, а не методи на сила на мнозинство врз опозиција.

Почитувани Претседателе, бидете претседател. Граѓаните ќе знаат да го почитуваат тоа.

Не потпишувате Закон за попис за кој нема функционален и минимален консензус“, бара Илија Димовски од претседателот Пендаровски.

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе