Директор на Агенцијата за остварување на правата на етничките заедници

Илхан Рахман: Ретки се примерите во светот каде соживотот е на така високо ниво како кај нас

Македонија како мултиетничка и мултикултурна земја може да опстане само доколку во неа опстанат и продолжат да живеат помалубројните етнички заедници. Без исклучок сите помалубројни заедници, Република Северна Македонија ја гледаат како своја земја. Во сите нив постои доста различно емотивно чувство за љубовта кон оваа држава. Особено во етничко мешаните средини соживотот меѓу заедниците е на многу високо ниво, вели во интервју за МКД.мк, Илхан Рахман, директорот на Агенцијата за остварување на правата на етничките заедници.

Каква е положбата денес на помалите етнички заедници генерално, дали може да се каже дека се движи кон подобро?

- Пред сѐ сакам да се заблагодарувам за приликата што ја овозможивте да разговараме на оваа тема. Како општество сѐ уште правиме грешки при основните поими, така што не треба да ги делиме граѓаните, а во иста прилика и заедниците како мали и големи. Во тој контекст можеме само да правиме разлика околу бројката. Така што помалубројните заедници ги нарекуваме според статистика. Факт е дека и мнозинските и помалубројните заедници имаат проблеми. По природа тие што се помалубројни имаат дополнителни, специфични потреби и проблеми. Негувањето на нивната култура, јазик, остварување на нивните колективни права секогаш со себе бара дополнителен ангажман и пристап. Но, ако ја оцениме генерално состојбата на помалубројните заедници, можеме да кажеме дека со новата влада и концептите што ги промовира имаме позитивно изменет пристап и работите почнаа да се движат кон подобро.

Дали пред помалите етнички заедници има дополнителни предизвици, односно дополнителни проблеми со кои тие се соочуваат?

- Да, помалубројните заедници имаат специфични потреби или предизвици. За надминување на истите потребен е сериозен и системски пристап. Потребата од дополнителните финансиски средства за една мала држава се сериозен предизвик. Но, најголемата потреба на помалубројните заедници е тие да се третираат како рамноправни и еднакви граѓани на оваа држава. Со новите прогресивни политики веќе се менуваат старите лоши сфаќања. Особено значаен момент за помалубројните заедници е концептот на Владата за градење на „едно општество“. Токму од тој концепт се очекува помалубројните заедници да имаат најголеми добивки и развој.

Според вас постои ли некоја етничка заедница од помалите која се наоѓа во потешка положба во однос на сите други?

- Сите помалубројни заедници главно имаат скоро исти проблеми. Образованието на мајчин јазик, културата, медиумите, правичната и соодветната застапеност се само дел од областите каде постојат проблеми. Ромската заедница за жал се уште e  најдискриминирана. Социо-економската состојба на ромската заедница е најдалеку од задоволителното ниво. Иако низ минатото се работело многу за оваа заедница, резултатите покажуваат дека сѐ   уште постои потреба од градење на дополнителни политики во однос на ромската заедница. Од друга страна и во денешно време постојат рурални населени места каде живеат помалубројните заедници, а немаат инфраструктура, вода, канализација.

Претставниците на помалите етнички заедници најчесто се жалат дека сѐ уште не е постигнат принципот од Рамковниот договор за рамномерна застапеност при вработувањето во државната и јавна администрација, може ли да ни кажете конкретно за секоја етничка заедница, колкав број на вработени има во државната и јавана администрација, а колкав треба да биде бројот според нивниот процент во вкупниот број жители?

- Начелото за правична и соодветна застапеност во нашата држава се појавува со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Ако зборуваме генерално од 2001 година до денес, треба да кажеме дека овој механизам има покажано придонес. Низ годините имавме различни влади и политики кои имаа влијание на овој принцип. Има неколку државни институции кои ги следат бројките околу ова начело како што се Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Народниот правобранител. Доколку ги гледаме бројките од „Годишниот извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор 2018“ документ кој секоја година го објавува МИОА ќе забележиме дека има благ раст односно подобрување. Така што според истиот извештај турската заедница во јавниот сектор е застапена со 1,88% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 3,85%), ромската заедница 1,21% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 2,66%), српската заедница 0,91% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 1,77%), бошњачката заедница 0,40% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 0,84%), влашката заедница 0,38% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 0,47%), други и не се изјасниле 0,67% (според пописот од 2002 нивниот процент во вкупниот број на жители изнесува 1,03%). Треба да напоменеме дека во Извештајот на МИОА не се објавуваат детални анализи за вработените во МВР, Армија и Агенција за разузнавање од безбедносни причини. Исто така извештаите на Народниот правобранител кои се објавуваат покасно ни даваат дополнителна слика и постојат разлики во бројките кои се резултат од изворите и постапките на прибирањето на податоците од страна на институциите.

Кога станува збор за вработувањето доста присутна е и појавата  припадници на една етничка заедница на конкурсот да се пријавуваат како припадници на друга етничка заедница, во зависност од тоа за која етничка заедница е наменет конкурсот. Со оглед на тоа дека националната припадност е внатрешно чувство, постои ли некој механизам со кој ќе се спречи оваа појава?

- Постојат забелешки и шпекулации околу тоа, но многу е тешко да се најде траен и конкретен механизам со кој ќе се спречат таквите појави. Сепак, чувството за припадност е индивидуално право на граѓанинот и е загарантирано според Устав и закон. Не може на граѓанинот да му се наложи да се изјасни како припадник на една заедница или од него да се бара образложение за неговото изјаснување. Тоа е индивидуална одлука. Поради економските причини и невработеноста можно е да се направат манипулации од страна на кандидатите при процесот на вработување. Но, според постоечките правни норми и човекови слободи, многу тешко би било да се најде соодветен механизам за заштита од таквите појави. Заедно со надлежните државни институции работиме околу градењето на нови начини и процедури за спречувањето на ваквите појави.

Иселувањето односно печалбарството е појава која на овие простори е речиси традиционална. Но последните години тоа станува масовно. Постои ли опасност не само идентитетски, туку и за физичко изчезнување на некоја од етничките заедници? Дали кај некоја од нив овој проблем е поизразен?

- Во глобалното време иселувањето се гледа како нормала појава. Поради економски причини или самостоен животен избор се забележува иселувањето. Во Република Северна Македонија традиционално постои иселување. Статистиката од населението ни покажува дека после Втората светска војна постојат големи иселувања. Таа појава ја имаме и по осамостојувањето. Сепак се забележува драстично иселување во последните 10-12 години, каде веќе оваа појава стана алармантна. Точната бројка ќе ја видиме после пописот кој е планиран за наредната година. Теренот и расположливите бројки покажуваат дека и припадниците на помалубројните заедници се иселуваат. Во некои региони од државата гледаме дека овој тренд е поголем. Намелениот број на ученици во одредени средини е само еден показател. Искрено, не верувам дека некоја помалубројна заедница физички ќе ја снема поради иселувањето. Треба, а и се преземаат мерки од страна на владините институции околу спречувањето на иселувањето, но треба да се има предвид дека тој процес е долгорочен.

Каков е соживотот на помалите етнички заедници со поголемите, на пример со македонската и албанската и општо соживотот помеѓу самите нив? Општата слика е дека речиси и да нема меѓуетнички инцидент во кој би биле и помалите етнички заедници.

- Без исклучок сите помалубројни заедници Република Северна Македонија ја гледаат како своја земја. Во сите нив постои различно емотивно чувство за љубовта кон оваа држава. Особено во етничко мешаните средини соживотот меѓу заедниците е на многу високо ниво. Ретки се примерите во светот каде соживотот е на така високо ниво. Затоа, во т.н. меѓуетнички инциденти не можеме да ги бараме помалубројните заедници. Помалубројните заедници во никој случај на се извор или причинители на некакви етнички тензии. За жал, низ минатите години имаше некои политичко мотивирани обиди за помалубројните заедници да се протуркаат во проблематични ситуации, но разумот  кај помалубројните заедници, на крај секогаш превагнал.

Ќе успее ли Македонија да биде еден од најдобрите и ретките примери на мулитиетничка земја во светот?

- Република Северна Македонија е мултиетничка и мултикултурна земја. Различностите се вистинското богатство на оваа земја, вековните односи и релации се доста подлабоки и цврсти отколку дневно политичките. Разумот треба да биде присутен секаде и секогаш. Оваа држава низ минатото доживеа некои моменти каде беше нарушен соживотот. Не постои проблем кој не може да се реши преку дијалог и толеранција. Државата заедно со сите граѓани се движи кон еден прогресивен свет. Од тоа сите ќе имаме придобивки, но и во тој напреден свет имаме што да промовираме како што е соживотот, мултикултурата. Знам дека постои силна желба и дека Владара работи на тој концепт, Република Северна Македонија да стане едно интеркултурно општество во кое сите граѓани се третирани еднакво, соживотот, толеранцијата и еднаквите можности се присутни во сите сфери на општественото уредување. Лично верувам дека доколку успееме како држава во овие цели, тогаш ќе бидеме позитивен и видлив модел низ целиот свет.

Милан Миличевиќ

 

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе