Морачанин вели дека инсистираат да се почитува нивното барање и нивниот став.
„Состојбата е тешка и затоа велам, ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која ја организираше премиерот Ковачевски и нагласив дека ако топланите се префрлат на дизел гориво или на мазут, тоа ќе се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје“, рече Морачанин во интервју за МИА.
Тоа потенцира:
„Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните е да продолжат топланите да работат на гас“.
Таа нагласува дека работењето на гас ќе биде поисплатливо отколку потоа граѓаните да се лекуваат, посочувајќи дека треба да се гледа и тој аспект.
На оваа тема Морачанин зборувала и со министерот за животна средина и нејзини очекувања се дека топланите ќе продолжат да работат на гас.
„Исто така и министерот за животна средина инсистира на ова и Владата мислам дека ќе постапи во таа насока, така што очекувам топланите да продолжат да работат на гас. Никој не може да предвиди како ќе се одвива војната во Украина и како ќе се развиваат тие состојби ако нема воопшто снабдување со гас, но не очекувам тоа да се случи по сите најави што ги добиваме, што ги слушаме дека сепак ќе има снабдување со гас“, смета Морачанин.