И короната нѐ подели: до кога ќе има еднакви и нееднакви?

Амди Бајрам, политичарот што со својот долг пратенички стаж остави трага во независна Македонија, вчера беше погребан. Поради коронакризата, строгите протоколи и уште повеќе затоа што со посмртниот тест е идентификуван ковид-19 кај Бајрам, погребот требаше да се изврши само во присуство на најтесното семејство. За да не се загрози јавното здравје, будна контрола требаше да изврши полицијата. Но не беше така.

Снимките од пред домот на семејството Бајрам и од гробиштата Бутел потврдуваат дека имаше многу луѓе. Во неговиот дом новинарите не можеа да влезат. Од властите претходно регистриравме само апели да се почитуваат мерките предвидени за вакви случаи.

Протоколите за заштита од коронавирусот се строги и се однесуваат и за моменти на тага и за моменти на радост. И за погреби и свадби.

Такви се, изгледа, на хартија. Санкциите се исто така строги. Но, се чини, како за кого.

Никој не негира дека Амди Бајрам какао пратеник заслужил од него да се простат сите што го сакаа, почитуваа, сите што ги задолжил. Имаат зошто Ромите да тагуваат. Бајрам е нивен политичар со најдолг стаж во парламентот, затоа што општината Шуто Оризари е првата ромска општина во Европа и општина со градоначалник припадник на ромската етничка заедница.

Ама, едноставно, постојат правила. Во ова време на епидемија во Македонија, која достигнува страшни размери, може да се каже дека сите тагуваме по познатите и непознатите имиња чии животи завршуваат во болниците или во нивните домови. Вчера битката со ковид-19 не ја добија над дваесет луѓе. Брзо се доближуваме до бројката од илјада починати од влезот на болеста во нашата земја. Којзнае уште колку луѓе што ја добиле оваа битка ќе имаат сериозни здравствени последици.

Но, како што е тоа според протоколите кај нас и во светот, погребите се третираат како опасно место за брзо ширење на болеста. А властите изгледа немаат сила да ги спроведат тие протоколи подеднакво за сите. Има толку многу смртни случаи што речиси секој од нас веќе познава семејства што се завиткани во црно. И, знаеме дека ним болката не им било дозволено да ја споделат ниту дома ниту на гробиштата заедно со роднините и пријателите. На погреб одат само членовите на семејството, а за да нема други лица, надгледува полицијата. Потоа тие се враќаат дома, каде што треба да ги отседат преостанатите денови предвидени со изолацијата.

Зошто самите власти ги кршат овие протоколи? Моќни се кога се работи за обични луѓе, а немаат моќ кога се работи за случаи и поединци што можат да имаат влијание врз нивните средини, партиски или етнички? Сигурно уште се свежи сликите од кршењето на полицискиот час со масовни собири за време на верски датуми и празници. Не слушнавме за масовни казнувања. А таман работа да биле казнети тие што придонеле за масовните собири, односно верските или политичките лидери или познати влијателни личности.

Зарем треба да ги потсетуваме властите дека со селективно спроведување на мерките и самите му даваат сила на вирусот, против кој, како што секојдневно гледаме и читаме, се борат посветено?

Зарем треба да ги потсетуваме, како што тоа самите тие често го говорат, колку напори во оваа битка против вирусот даваат лекарите, медицинските сестри, сите оние што работат во болниците, вклучувајќи ги и возачите на итната помош, хигиеничарите. Сите тие се преморени и секојдневно изложени на опасност да се разболат. И апелираат да се почитуваат мерките. Нивните апели треба да бидат слушнати од граѓаните, но изгледа повеќе слух треба да имаат и министрите, Владата во целост, и опозицијата.

Слушаме дека болниците се преполни. Слушаме дека можеби пациенти ќе се испраќаат на лекување во странство.

Не слушнавме официјално дека во Владата била примена амбасадорката на Куба. А таа вели дека Куба, земја со напредно здравство, со свои искусни лекари, во моментов помага во 39 земји што водат битка со коронавирусот. Помагаше и во Италија. Куба е подготвена да испрати лекари и во Македонија. Се разбира, ако Македонија го побара тоа. А Македонија молчеше и за самата средба со амбасадорката! Ќе се налути некој ако побараме помош?

Крајно време е сите да се посветиме на спречување на ширењето на оваа болест. Вирусот се пренесува од човек на човек. Не ги одбира луѓето по национална, верска, политичка, возрасна, или каква било друга припадност. Државата е таа што ја има најголемата моќ да го спречува неговото ширење. Ако при примената на мерките и санкциите прави селекција, тогаш само ја продолжува агонијата. Сите сме во опасност.

П.Џ.

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе