Преговори за нова извршна власт

И градоначалничките функции се дел од актуелните пазарења за состав на нова влада

Рокот за доверување на мандатот за состав на нова влада истекува за два дена, а никој сѐ уште не изјавува дека има договор за собраниско мнозинство. Се чини дека ДУИ полека се откажува од нивниот прв и единствен услов - прв премиер Албанец во Македонија, но се поставуваат нови - градоначалнички функции за локалните избори догодина.

Една од посакуваните градоначалнички функции за ДУИ е - Скопје. Освен другите посакувани министерски позиции, МКД.мк дознава дека за време на преговорите од ДУИ бил поставен и овој услов, како дел од пазарот за собраниско мнозинство. Во тој случај, коалицискиот партнер би ја добил поддршката на ДУИ за другите скопски општини, без Чаир.

Дознаваме дека и дел од коалициските партнери бараат и други градоначалнички функции, поддршка за нивен кандидат како услов за останување во коалицијата.

Ваквите условувања и пазарења можат многу брзо да ја сменат математиката за тоа како да се дојде до бројот 61 според официјалните резултати од изборите - СДСМ/Беса - 46, ВМРО-ДПМНЕ - 44, ДУИ - 15, Алијанса за Албанците/Алтернатива - 12, Левица - 2, ДПА - 1.

На ова се надоврзуваат и веќе објавените непотврдени информации дека договор веќе бил постигнат со условот првата година премиер да биде кандидатот на ДУИ, а наредните три години кандидатот на СДСМ или на некој друг коалициски партнер, дека претседател на Собранието ќе биде Радмила Шекеринска, дека компромисен кандидат за премиер би бил Никола Димитров...

Како и да е, договор сѐ уште нема.

Од СДСМ тврдат дека Заев е мандатар и дека во тек се разговори за парламентарно мнозинство, а Мицкоски пак вели дека го известил Ахмети дека токму ВМРО-ДПМНЕ е победник во македонскиот блок. За неизвесноста да биде поголема, досегашниот собраниски спикер Талат Џафери тврди дека рокот за мандат почнува да тече откако ќе се избере претседател на Собрание и сѐ уште не го испраќа дописот до претседателот на државата за конституиран Парламент, а пак шефот на државата Стево Пендаровски смирува дека рокот си тече и дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека лидерот на ДУИ Али Ахмети го информирал дека ДУИ почнува преговори со СДСМ, бидејќи тоа е партијата што победила во македонскиот блок. Тој не се согласил со ставот на Ахмети оти СДСМ победила во македонскиот блок, истакнувајќи дека партијата што убедливо победила кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на можноста за нови парламентарни избори наесен, Мицкоски цени дека сѐ уште постојат можности за формирање влада, но доколку тие се исцрпат тогаш, како што вели, може да се разговара за нови избори.

„Не се сите можности исцрпени, мислам дека сѐ уште постојат можности за формирање политичка влада, доколку и тие се исцрпат, тогаш може да зборуваме за нови избори“, рече Мицкоски.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера рече дека мандатар за состав на новата Влада е Зоран Заев.

„Во тек се разговори и консултации за парламентарно мнозинство и коалиција за полн, четиригодишен стабилен мандат. Во интерес на разговорите во овој момент не би можеле да изнесуваме детали“, истакна Костадинов.

Во однос на роковите за доделување на мандатот Костадинов посочи дека за СДСМ важен е ставот на претседателот на државата, Стево Пендаровски кој вели дека веднаш по конституирањето на Собранието, започнуваат да течат законските рокови и дека доделувањето на мандатот ќе се случи согласно роковите.

Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, в понеделникот на средбата во Собранието не постигнаа договор околу формирањето на нова влада, сепак, како што истакнаа, разговорите ќе продолжат во текот на наредните денови, а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог.

Во петок истекуваат десетте дена за формирање на влада, откако се одржа конститутивната седница. Во Уставот е предвидено претседателот на државата да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 А.Д.

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе

Добро е, во прво време, г. премиер, да го поттикнете Вашиот министер за култура да најде погодна форма да се преобјави книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Конески, пишува професорот Атанас Вангелов во отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

повеќе