Усогласување со ОН или штедење

И амбасадите празни и дипломатите со намалени плати

Ем работиме во недоволно екипирани амбасади, претрупани со работа, во време на ковид-криза кога сѐ е поскапено, ем добивме намалени плати, се жалат македонски дипломати. Од МНР, пак тврдат дека се работи за усогласување со листата на малопродажните цени за животните трошоци според ОН, а не за намалување на платите.

Дел од македонските дипломати со кои контактиравме велат дека платите им се намалени за десетина проценти во изминатите два-три месеци, а не добиле известување зошто е тоа намалување. Кај некои од нив платите се намалени за 10, а кај некои за 5 проценти и ако се земе предвид дека намалувањето е на вкупната сума во која е вклучен додатокот и за брачниот другар, велат дека сега добиваат неколку стотици евра помалку, а животот воопшто не е поевтин.

На прашање зошто се намалени платите на дипломатите, од МНР одговараат дека „согласно законските прописи (Закон за надворешни работи, Уредба на Влада и Правилник за плати), еднаш во годината се врши усогласување на ‘листата на индекси на малопродажните цени за животните трошоци‘ на надлежните органи на Обединетите Нации, со која се регулираат платите на дипломатите во дипломатско конзуларните претставништва“.

„Пресметувањето на платите во Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), во кое една од компонентите е ‘листата на индекси на малопродажните цени за животните трошоци‘, не значи намалување или покачување на платите во ДКП, туку ‘усогласување‘ на истите според економските параметри објавени од страна на надлежните органи на Обединетите Нации за секоја земја во светот поодделно. Од тука, во некои земји има таканаречено ‘намалување‘ на плата или во други земји ‘покачување‘ на плата, што е законска обврска согласно законските прописи и истата се применува секоја година“, ни изјавија од МНР.

Реагираат и од Македонскиот дипломатски синдикат од каде што велат дека не се задоволни од начинот како се водат политиките и како се носат одлуките, а не биле консултирани ниту за новите систематизации. Оттаму сметаат дека како Синдикат треба да бидат информирани, бидејќи се работи за прашање коешто се однесува на животниот стандард.

И вработени во МНР и во ДКП-ата реагираат дека суштината на намалувањето на платите е да се заштедат пари, а работата е мултиплицирана, особено во оние претставништва коишто не се доекипирани и каде што нема амбасадор.

Инаку, во моментов, според информациите од МНР, амбасадори или конзули нема во Анкара, Бразилија, Белград, Брисел, Вашингтон, Каиро, Отава, Софија, Тел Авив и во генералниот конзулат во Торонто.

Посебно прашање е испразнетото амбасадорско место во Софија, а договор на повидок нема. Во меѓувреме, Македонија води дипломатска битка со Бугарија за кревање на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ со вршител на должност во амбасадата. Последниот амбасадор Марјан Ѓорчев се врати во Македонија по завршувањето на неговиот мандат на 31 март годинава. И покрај барањето да му биде продолжен мандатот, од МНР добил одговор дека треба да се врати. Но на сајтот на МНР Ѓорчев сѐ уште е амбасадор, а за амбасадата „во моментов не постојат информации“.

 Ж.П.Б.

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе