Освен тоа, вели Хоџа, како тоа би создавале опозициски фронт кога Алтернатива е владејачка партија, во коалиција во Владата со ДУИ и со СДСМ, односно од крајот на минатата година тоа не е опозициска партија.
На нашето прашање дали сепак се преговара со Алијанса за Албанците, партија на која пред изборите за општинскиот тетовски Совет, токму според признанието на Хоџа им била понудена изборна коалиција и поделба на власта во Тетово по принципот 50:50, а што пак било одбиено, заменик претседателот на Беса вели:
„Имаме комуникација и натаму со Алијанса за Албанците, но сега не е коректно да водиме какви било преговори со нив, имајќи предвид дека допрва треба партијата да си избере претседател поради оставката на Зијадин Села, а потоа тој нов претседател да го формира раководниот партиски тим. Откако тој процес ќе го завршат, тогаш можеме да се вклучиме со разговори за видот и иницијативите за соработка. Токму поради сето ова, Беса е концентрирана на моменталната политика и на обврските што претстојат по победата на изборите во Тетово“, вели Хоџа.
На прашањето на МКД.мк дали е точно дека Ука Алити, избран за советник од редовите на Беса, најавил дека независно ќе делува, со што Беса во тетовскиот Совет би го загубила мнозинството, Хоџа е категоричен:
„Тоа беше измислица на еден портал. Алити веднаш демантираше. Беса има мнозинство во Тетово, а ДУИ се тие што треба да се замислат дали можат да го сочуваат во своите редови бројот на нивни советници“, рече Хоџа.
Инаку, Движењето Беса победи на неодамнешните избори за советници во Тетово добивајќи 12 мандати во Советот, наспроти 11-те што ги доби ДУИ, а што претставува пораз за партијата на Али Ахмети. Алијанса за Албанците не освои ниту еден советник, а имаше тројца, додека Алтернатива и ДПА добија по еден советник.
Неодамна во интервју за МКД.мк потпретседателот на Беса, Фатмир Лимани изјави дека доколку Алијанса за Албанците ја прифатела понудата за коалициски настап, дека гласачите ќе беа помотивирани и дека заедно ќе оствареле голема победа во Тетово со освоени 16 до 17 мандати. Лимани во интервјуто истакна дека таа разлика од 4 до 5 советници ќе биде надоместена со трансфери на советници од ДУИ кон Беса.