На неколку дена нови решенија

Хаос во МВР: Полицајците како пинг-понг топка, Спасовски ги разреши, Чулев ги врати, Спасовски пак ги разреши...

Дел од полицајците кои добија Решенија од поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски со кои беа прераспределени низ полициските станици, деновиве добија решенија за во новата Единица за интервентна полиција. Новите Решенија ги потпиша сегашниот технички министер Наќе Чулев, но и овој документ за на новото работно место траеше само неколку дена. Вчера на седница на Владата, врз основа на Законот за Влада на Република Северна Македонија, усвоена е одлука за поништување на 89 решенија за распоредување на работно место што ги донесе Чулев на 6 и 7 февруари.

Постоењето на раководство од различни политички партии во една институција најмногу се одразува на сметка на полициските службеници кои како пинг-понг топки ги шетаат де на едно, де на друго работно место со оглед на тоа дека на неколку дена добиваат решенија за ново работно место.

Пред некое време редакцијата на МКД.мк објави дека околу 100 припадници на Единицата за јавен ред и мир (ЈРМ) на 31 декември 2019 добиле решенија за прераспределување на ново работно место.

Наместо ингеренциите што ги имале во Единицата за ЈРМ, тврдат дека се распоредени во полициските станици и дека сега имаат многу помали плати.

Чулев обвинува дека Оливер Спасовски кој сега е технички премиер се меша во работата на МВР, што претставува грубо кршење на правниот поредок.

„Вчера на седницата на Владата беше донесена, а утрово рано во Службен весник беше објавена одлуката на Владата за поништување на сите решенија за распоредување на работно место, а кои беа потпишани од моја страна како Министер во Министерството за внатрешни работи. Одлуката е потпишана од техничкиот премиер, Оливер Спасовски.

Дозволете ми во неколку точки да ја образложам аспурдноста на носењето на оваа одлука, и мерките и чекорите кои ќе ги преземам со цел да овозможам нормално и непречено функционирање на Министерството за внатрешни работи.

Прво, со оваа одлука Оливер Спасовски и Владата се меша во работата на Министерството за внатрешни работи, што претставува грубо кршење на правниот поредок на државата и мешање во независноста на министерството и истовремено со оваа одлука Владата и формално се постави над правниот поредок, преземајќи надлежности кои законски се регулирани.

Второ, вчерашната одлука донесена и потпишана од страна на Оливер Спасовски претставува кршење и непочитување на законот за организација на државните органи. Имено, Законот за организација и работа на органите на државната управа во член 47, став 1 јасно и недвосмислено вели дека “Со работата на министерството раководи министер”.

Трето, согласно член 30 од Законот за Владата на Република Македонија, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или друг акт на министерството, органите на државната управа и управните организации кои не се во согласност со уставот, а во конкретниот случај не станува збор за такви акти, туку станува збор за решенија за распоредување – кои се конкретни поединечни акти за права од работен однос.

Четврто, согласно позитивните законски прописи, Одлуките на Владата кои се однесуваат на поништување на поединечни акти - решенија за распоредување како не се во нејзина функционална надлежност, односно не можат да бидат предмет на постапување на Владата, од причина што за истите согласно со законот е предвидена соодветна постапка од работен однос.

Петто, Оливер Спасовски беше избран за Претседател на Владата која треба да овозможи спроведување на парламентарните избори, а ваквото мешање од негова страна и од страна Владата во моите ингеренции како Министер за внатрешни работи се прави со цел да се создаде хаос и комплетна дисфункционалност во работењето на министерството за внатрешни.
Шесто, ваквата одлука на Оливер Спасовски и Владата директно претставува уште еден аттак врз вработените на Министерството за внатрешни работи, а со тоа ја доведува во прашање нивната професионалност и нивниот интегритет.

Се со цел разрешување на дилемите и избегнување на дополнителен хаос во работењето на институцијата со која јас раководам, ги информирам граѓаните на Република Македонија дека со телеграма кој ја издадов утрово ги задолжувам сите организациски единици да постапуваат единствено и исклучиво во согласност со законските прописи.

Истовремено во неа укажувам дека секое постапување спротивно на законските прописи повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување што е казнив согласно одредбите на кривичниот законик.

Со цел непречено функционирање и остварување на надлежностите на МВР, неопходно е од страна на сите вработени да се почитуваат исклучиво законските одредби, како и хиерархиската поставеност и одговорност.
Вчерашната одлука овој пат потпишана од страна на Оливер Спасовски е уште еден еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите од страна на техничкиот премиер и луѓето кои од негова страна се поставени и раководат со Министерството за внатрешни работи.

На крајот го прашувам Оливер Спасовски дали тој ќе понесе политичка одговорност доколку вчерашната одлука за укинувањето на решенијата потпишана од негова страна предизвика безбедносни импликации со кои ќе биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија“, напиша Чулев на Фејсбук.

За неговата заменичка Славјанка Петровска, Чулев ја злоупотребувал службената положба.

„Работењето во Министерството за внатрешни работи согласно законите и прописите е основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што е формирана оваа техничка Влада.

Владата на својата седница одржана вчера донесе одлука за поништување на решенија, при чие донесување министерот Наќе Чулев, намерно или од незнаење, не ги почитувал важечките законски и подзаконски акти.

На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се сложува со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма.

Истовремено, тој не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата.

Ги повикувам вработените во министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување“, се вели во нејзината реакција.

Во недоумица се полицајците кои не знаат чии решенија да ги почитуваат.  

К.Д.

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе