Министрите на ЕУ не донесоа одлука за почеток на преговори

Хан: Ова не е момент со кој треба да се гордееме, Европскиот совет да го поправи денешниот исход

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија попладнево не донесоа одлука за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, ниту пак за можноста двете земји да го продолжат процесот раздвоено. 

На прес-конференција по состанокот еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, рече дека ова не е момент за гордост. 

„Сакам средби, но не како денешнава, без никаков конкретен резултат. Всушност тоа не е момент да се слави Европа, но не сакам да обвинувам никого. Сега останува на Европскиот совет да го поправи денешниот исход, но сакам да ја искористам приликата да му се заблагодарам на финското претседателство и на напорите да се постигне договор. Тоа не беше можно, но морам да кажам дека огромно мнозинство од членките ги поддржаа препораките на Европската комисија, не по првпат, туку по трет пат во рок од 16 месеци. Тоа не е нешто ново, но ние сѐ уште сме тука кај што сме и навистина жалам за тоа бидејќи не е момент со кој треба да се гордееме. 

И нема сомневање дека какво било натамошно одлагање ќе му штети на нашиот кредибилитет на Западен Балкан и на нашите амбиции да станеме посилен глобален играч. Овде зборуваме за наша внатрешна територија, ако на наша домашна територија не можеме да бидеме успешни, тогаш како ќе бидеме на надворешна”, рече Хан на прес-конфернцијата.

Тој исто така и порача на скептичната јавност и дека зеленото светло кое се очекува е за „подготовка на преговорите”.

„Она што ни е потребно е политички сигнал да дадеме зелено светло за подготовка на пристапните преговори. Ако постигнеме договор, треба да почнеме да го подготвуваме отворањето на првите поглавја, а тоа се поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото”, изјави Хан.

Тој додаде дека реформите кои се прават во земјите кандидати се „болни” и не исклучи можност од негативни последици доколку повторно се одложи одлуката на Самитот на ЕУ.

„Се надевам дека лидерите ќе ја поправат оваа грешка, не сакам да шпекулирам, но важно е да сфатиме колку болни реформи овие земји направија и политичкиот кредит на оние кои успеаја да го сторат ова, ако има негативна одлука, не можам да исклучам дека ќе предизвика интерни динамики, можам само да ги повикам итно сите да се фокусираат и да не се откажат”, изјави Хан.

Еврокомесарот потврди дека Франција е таа која што се противи на секакво проширување, но не можеше да гарантира дека до четврток францускиот претседател Емануел Макрон ќе даде зелено светло.

Финското претседателство со Унијата исто така изрази жалење што ЕУ денеска не успеа да постигне компромис. Финска потврди дека предложила одвојување на Скопје и Тирана во обид да издејствува консензус на масата, но дека на тоа се противеле неколку држави.

„Првичниот предлог беше да кажеме јасно ‘да’ на двете земји, тоа е нашата цврста позиција одамна, направивме сѐ што можевме, но земјите членки се колебаа, една земја членка беше посебно против, ги разгледавме сите опции, вклучително и одвојувањето затоа што многу земји се повикуваат на принципот секому според сопствената заслуга, но ни тука не бевме успешни”, изјави финската министерка за надворешни работи, Тити Тупураинен.

 

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе