Вести од Брисел и Берлин

Хан, германската влада и Жбогар со оптимистички најави за почеток на преговори во јуни

Од Брисел стигнаа нови оптимистички најави дека Македонија во јуни ќе добие одлука за почеток на преговори со Европската Унија, а оти до крајот на годинава да бидат отворени и првите поглавја.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, покрај очекувањето дека земјава ќе добие одлука за почеток на преговори со Унијата, на Виенскиот економски форум „Нови перспективи за Република Северна Македонија“, рече дека земјава е единствената во Западен Балкан која нема спорови со соседите и е политички најстабилна во регионот.

Нагласи дека Северна Македонија е позитивен пример како можат да се решаваат проблемите и охрабрување за надминување и на другите спорови особено меѓу Белград и Приштина.

Германската влада побара на Македонија да ѝ се додели датум за преговори со Европската Унија. Барањето е упатено во Бундестагот, а федералниот законодавен дом е тој што треба да донесе одлука дали ќе го поддржи отворањето на поглавјата од страна на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

Ова го потврди државниот секретар за европски прашања во министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот. Тој испратил писмо до Бундестагот во кое се наведува дека согласно заклучоците од Европскиот совет од 26 јуни 2018 година, Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.

„Федералната влада на Германија смета дека Европската Комисија ќе даде позитивна препорака за отварање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, потврди Рот за медиумите.

Уверување дека Европската Комисија во Извештајот ќе препорача отворање преговори, изрази и евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар.

„Јас сум убеден дека извештајот ќе препорача отворање преговори со Република Северна Македонија“, рече вчера евроамабасадорот Самуел Жбогар, одговарајќи на прашањето на МИА дали земјава ќе добие позитивен извештај и датум за преговори.

Додаде дека во Извештајот за состојбите во земјава, ќе биде одразен огромниот напредок што беше постигнат во државата изминатата година.

„Таквата одлука очекуваме да се случи во јуни и се надеваме дека токму тоа ќе се случи. Сметам дека земјата во измината година навистина ја покажа својата посветеност на Европската Унија и на реформите. Се донесоа некои важни одлуки и опозицијата и Владата работат на многу важни закони и сметам дека имате со што да се пофалите и се надевам, исто така, дека ќе бидете пример во регионот за земја која е посветена на реформи“, рече вчера Жбогар.

И премиерот Зоран Заев, кој учествуваше на Виенскиот економски форум, е оптимист дека Европската комисија ќе донесе одлука за почеток на преговори. Тој во Виена оствари средба со еврокомесарот Хан.

„На билатералната средба со комесарот Хан, разговаравме за очекувањата ова лето, јуни – јули, за конечната одлука на Европската Унија што треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите“, рече Заев.

Премиерот истакна дека е оптимист, и оти треба да се почекаат да завршат евроизборите, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија.

„Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори“, нагласи Заев.

Премиерот Заев на средбата со Хан, подвлече дека отпочнувањето преговори за влез во ЕУ е единствената гаранција дека земјата и натаму ќе биде стабилна, дека ќе води инклузивна политика и дека ќе продолжат реформските процеси во Северна Македонија.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе