Хан: Добив силно уверување од лидерот на опозицијата дека нема да има бојкот на изборите

Еврокомесарот Хан во интервју за МИА истакнува дека добил силни уверувања од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека партијата ќе игра конструктивна и зрела улога на претстојните претседателски избори.

„Како што реков многупати, демократијата значи конструктивна меѓупартиска соработка и способност за компромис. Бојкотот не е знак на демократска зрелост. Европската перспектива на Северна Македонија треба да се гледа како национална, стратешка цел на сите политички сили која бара активна и конструктивна заложба од сите политички партии и граѓанското општество. Во овој дел, добив осигурувања од лидерот на опозицијата дека тие ќе играат активна и конструктивна улога во претседателските избори и немам причина да се сомневам во тоа“, вели Хан.

Хан во интервјуто вели дека е силно уверен во позитивен извештај и јасна препорака за пристапни преговори со Скопје.

„Мојот став секогаш бил јасен: Европската Комисија планира да ги презентира извештаите за земјите на крајот на мај. Врз основа на значајниот остварен напредок, силно сум уверен дека ќе можеме да приложиме позитивен извештај и јасна препорака за пристапни преговори со Скопје. По ова, ќе биде на земјите членки да донесат одлука. Кога нашите партнери ги исполнуваат јасно поставените критериуми, ЕУ исто така треба да си ги исполни заложбите и да премине на следната фаза од пристапниот процес со Северна Македонија. Да се даде кредит онаму каде е заслужен! Во прашање е кредибилитетот на ЕУ. Она за што говорев на средбата во АФЕТ е нормална подготвителна фаза откако Советот ќе даде зелено светло. Се разбира дека пристапните преговори нема да почнат преку ноќ. По одлуката на Советот двете страни треба да ја постават таканаречената преговарачка рамка и да договорат меѓувладина конференција. Ова е вообичаена процедура и иста е за сите земји, тоа го знаат нашите партнери и во ниеден случај нема одлагања или “дополнителни чекори и барања“ во овој процес“, истакнува Хан.

За обвинувањата од опозицијата дека има голема корупција, партизација на администрацијата и дека судството не е независно, Хан вели дека извештаите се објективна проценка и се засноваат на фактите.

„Не коментирам индивидуални изјави. Нашите извештаи се објективна проценка и се засноваат на фактите. Како што реков, Северна Македонија оствари значаен и видлив напредок во многу области. Преспанскиот договор е историски исчекор. Ако се задржи реформската динамика, како што очекувам, извештајот за земјата ќе биде јасен“, нагласува Хан.

Според Хан неиспорачувањето на ветената поддршка кон европската перспектива на Западниот Балкан значи да се остави регионот на другите играчи со различни политички агенди и различни вредности.

„ЕУ се соочува со време на предизвици со ЕУ изборите и Брегзит, да споменам само два. Тоа бара политичко внимание, што е нормално. Затоа е важно да се искомуницира вистинскиот интерес на ЕУ во продолжување на процесот на проширување, засновано врз принципот на заслуги. Интеграцијата на Западниот Балкан е инвестиција во мир, стабилност и просперитет на нашето непосредно соседство: европската перспектива е главниот геополитички поттик за реформи и гаранција за постепено усогласување на регионот со европските стандарди и вредности. Неиспорачувањето на ветената поддршка кон европската перспектива на Западниот Балкан значи да се остави регионот на другите играчи со различни политички агенди и различни вредности, тоа не може да биде во интерес на ЕУ. Јас постојано комуницирам за сите овие аспекти во моите средби со земјите членки и Европскиот парламент, како што сторив неодамна во АФЕТ. Но, јасно е дека комуникацијата за бенефитите од интеграцијата на Западниот Балкан мора да има поширок агол и да биде интензивирана од страна на владите и граѓанските општества на земјите членки и на земјите од Западниот Балкан исто така,“, вели Хан.

 

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе